Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева нема да признае вина за случајот „Рекет“. Одбраната на Јанева е децидна во ставот дека обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска нема докази против Јанева, па поради тоа нема причина да го користат законското право поранешната шефица во моментот кога ќе биде прашана за изјаснување на вина пред стартот на судскиот процес, да признава вина. Јанева во текот на судската постапка ќе докажува дека Русковска нема докази кои укажуваат на тоа дека таа го сторила кривичното дело за кое ја гони ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.
За утре е закажан стартот на судскиот процес за случајот „Рекет“. Според обвинението, Катица Јанева требало да даде позитивно мислење за укинување на мерката притвор на бизнисменот Орце Камчев во „Империја", а за тоа тој требало да плати 1 и пол милион евра. Русковска не утврдила како се спријателиле Јовановски и Јанева, но како што се вели во обвинението за сторување на кривичните дела наредби давал Јовановски, а Јанева требало да ги реализира.
„Откако Јовановски и Милевски ги добиле договорените 500.000 евра од сопругата на Камчев, Јанева доставила предлог за куќен притвор за Камчев, што Судот го прифатил, а по исплатата на првите 1.000.000 евра, Јанева дала писмена согласност за времено враќање на пасошот на Камчев. Јанева при тоа, велат од ЈОРМ, за себе прибавила имотна корист - мебел од 296.040,00 денари и пари во износ од 50.000 евра, а за противзаконито влијание другите двајца обвинети примиле награда од 1.500.000 евра", пишува во обвинителниот акт.

