МИЛЧИН: Едноумието падна, безумието тропа на нашите порти. Фашизмот е на прагот.

30.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
МИЛЧИН: Едноумието падна, безумието тропа на нашите порти. Фашизмот е на прагот.

Од интервју на поранешниот функционер на СДСМ и шеф на соросовото Отворено општество Македонија, Владимир Милчин:

Дијалогот деновиве се сведе на клетви и пцости… насилството врз неистомислениците почнува со закани, но завршува со физички напади, подметнати пожари. Фашизмот е на прагот – вели режисерот Владимир Милчин.

*Со децении сме заложници на приказната за европска Македонија. Додека чекаме да ни ги инсталираат европските вредности однадвор, има ли надеж да го почнеме процесот сами однатре?

-Се надевавме дека СЈО ќе биде моторот на европеизацијата на Македонија. Нè излажаа. Аферата „Рекет“ и она што следеше по неа дефинитивно ги урнаа сите надежи дека актуелната власт е посветена на европска Македонија и на слоганот „Нема правда, нема мир!“. Тој слоган подразбираше и казнување на криминалците од бившата, но и од сегашната власт, но и социјална правда. Најголемата партија во владејачката коалиција претендира дека е социјалдемократска! Всушност, сите големи партии кај нас работат во корист на олигарсите. И не го кријат тоа. Анѓушев е вицепремиер во актуелната влада. Нема надеж да ја почнеме европеизацијата однатре.

Парадоксално, една од причините за тоа е и промената на името и договорите со Грција и Бугарија, сè во името на преговорите со ЕУ, кои никако да почнат! Соочени сме со оспорување на идентитетот на Македонците во Македонија и македонските малцинства во соседството. За идентитетот и за јазикот не смееше да се преговара. Владата немаше мандат за тоа. Немаше мандат ни макијавелистички да ја злоупотреби амнестијата за да го добие пратеничкото мнозинство. Правна држава? Наместо да отвори нова страница во историјата, нè врати назад, во предасномска Македонија.

*Зошто интелектуалците молчат за оваа целосна деградација на една земја и што се случи со слободната мисла во Македонија?

Не молчат сите. А тие што молчат, молчат поради разни причини. Некои молчат зашто се конформисти, некои се дефетисти, некои се поткупени, а некои се уморни. Некои се калкуланти, а некои се апологети. Но, има и замолчани. Раката на власта во бескрајната транзиција се издолжи. Едноумието падна, безумието тропа на нашите порти. Дијалогот се сведе на клетви и пцости, насилството врз неистомислениците почнува со закани, но завршува со физички напади, подметнати пожари… Фашизмот е на прагот.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата