Француската полиција денеска употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите кои се собраа во Париз на одбележувањето на првата годишнина од почетокот на антивладините протести на движењето „Жолти елеци“, каде што според последните бројки, приведени се 105 лица.
Демонстрантите, од кои многумина беа облечени во црно и со скриени лица, палеа контејнери и ја гаѓаа полицијата со бетонски тули и шишиња.
Запалени се и неколку автомобили, а полицијата одговори со солзавец и водени топови, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Началникот на париската полиција, Дидие Лалмен, ги осуди нападите врз припадниците на безбедносните сили, како и врз пожарникарите.
„Нашиот одговор ќе биде одлучен. Сите што ги кријат лицата, кои фрлаат камења, ќе бидат изведени на сослушување. Луѓето кои дојдоа на плоштадот Италија да уништуваат… и кои се глупави да останат таму, ќе бидат приведени“, рече Лалмен на прес-конференција.
Според него, приведени се околу 105 лица.
Протестите на Жолтите елеци започнаа кон средината на ноември 2018 година, првично поради зголемувањето на цената на горивата и високите трошоци на живот, но прераснаа во пошироко движење против претседателот Емануел Макрон и неговите економски реформи.
На почетокот на протестите, десетици илјади луѓе земаа учество во нив, а достигнаа врв на крајот на минатата година со 300.000 учесници, по што нивниот борој во наредните месеци се спушти на неколку илјади.
Сепак, водачите на протестите ги повикаа приврзаниците денес повторно да се мобилизираат за да ја одбележат својата прва годишнина.
извор: Makfax