Некогаш многу популарната Motorola Razr сега се враќа во подобро и помодерно издание. Американската техно компанија одлучи да го унапреди својот култен преклопен телефон на воодушевување на бројните носталгични вљубеници во технологијата.

Новиот RAZR воглавно ја задржува старата форма, но неговата T9 тастатура е заменета со мал 6,2-инчен OLED екран, а смартфонот е опремен со Android 9 Pie оперативен систем. Да потсетиме, Motorola Razr се сметаше за еден од најдобрите мобилни телефони на почетокот на 2000. година, заедно со Nokia 3310, Blackberry Pearl или Sony Ericsson W810i.

Сегашниот преклопен уред на Motorolа многу е поинаков од флексибилните телефони кои имавме прилика да ги видиме во изминатата година. Наместо смартфон со модерна големина кој со расклопување се претвора во помал таблет, Razr е паметен телефон со конвенционална големина кој можете да го носите во џеб.

Екранот на врвот на уредот има отвор за звучник и камера и закривен раб на дното. Тука е и вториот, 2,7-инчен OLED екран прекриен со стакло кој Motorola го нарекува дисплеј за брз поглед. Овој екран може да прикажува известувања, контрола на музиката, па дури и селфи камерата.

Motorola, исто така, соработува со Google за апликациите без проблем да преминуваат од предниот екран на главниот.

Иако постоеше загриженост поради трајноста на преклопните екрани, посебно по проблемите со флексибилниот уред на Samsung, од Motorola велат дека имаат целосна доверба во трајноста на Flex View дисплејот. Истражувањата покажуваат дека овој дисплеј би требало да има просечен век на траење на паметен телефон.

Новиот модел на Motorola Razr ќе чини околу 1.499 долари, а на пазарот ќе пристигне во јануари, 2020. година.

 

извор: USB.mk

Најчитани вести