„Животот е прекрасен“ гостува во „Народно позориште“ во Белград

14.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Животот е прекрасен“ гостува во „Народно позориште“ во Белград

Македонскиот народен театар (МНТ) со претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман, а во режија на Александар Морфов, на 8 декември годинава ќе гостува на сцената на Народното позориште во Белград.

Гостувањето се реализира во рамките на билатералната соработка помеѓу двете театарски куќи.

Премиерата на оваа претстава се одржа на 10 април 2016. на големата сцена во МНТ. Оттогаш, покрај изведбите на репертоарот на матичната сцена, „Животот е прекрасен“ патува и надвор од границите на државата. Во 2017. гостуваше во Хрватското народно казалиште, потоа на 41. Денови на сатира во организација и реализација на Сатиричниот театар Керемпух, Загреб, како и на театарскиот фестивал МИТЕМ во Унгарија.

„Ова не е претстава за самоубиството, не е пиеса за смртта, туку за еден човек кој повторно го открива животот, открива колку животот е прекрасен. Еден човек кој доаѓа до пеколот, за да разбере, всушност, дека животот е нешто многу драгоцено. Слоевита смешно-тажна и многу раскошна постановка, која ги поставува најважните прашања на секоја епоха, имено: До кога ќе ни се потребни човечки жртви, за да се чувствуваме живи“, вели режисерот на претставата, Морфов.

Актерската екипа во претставата ја сочинуваат: Никола Ристановски, Николина Кујача, Звездана Ангеловска, Сашко Коцев, Тања Кочовска, Емил Рубен, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Благој Веселинов, Александар Ѓорѓиевски, Александар Михајловски, Арна Шијак, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Стефанов, Кире Ѓоревски, Марија Новак, Драгана Левенска, Никола Кимовски, Марија Димитрова, Анастазиа Христовска и оркестарот „Раскрши се“.

На визуелниот дел на претставата работеа повеќе уметници меѓу кои: Никола Тороманов – сценограф, Марија Пупучевска – костимограф и Инга Красовска – кореограф.

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата