Мицкоски: Заев го чека пораз и одговорност за криминалот

14.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мицкоски: Заев го чека пораз и одговорност за криминалот

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за ДВ вели дека избори на 12 април мора да има. Неспособниот радикализам на Заев ќе го заменам со умерен патриотизам, најавува Мицкоски.

ДВ: На лидерската средба се договоривте за предвремени избори кои не се брзи, нo во политички кулоари се шпекулира дека можеби ќе нема избори. На што се темелат таквите шпекулации?

Христијан Мицкоски: Прво, ако нема предвремени избори или дојде до одложување, тоа може да го направи парламентарното мнозинство, а тоа значи дека Заев се плаши  од пораз. Не се плаши толку од пораз, колку што се плаши од одговорноста што следи по поразот. Убеден сум дека нема да има одложување на изборите, затоа што тоа ќе реферира на вториот дел од одговорот – каков ќе биде кредибилитетот на Пендаровски како претседател, кој не собира и носиме заклучок, ако по тој заклучок, Заев, уплашен за одговорноста за криминалот – одлучува да ги одложи тие избори заедно со парламентарното мнозинство. Каков пример ќе оставиме пред граѓаните, ако одлуките на претседателите на најголемите партии се менуваат по нарачка? Мислам дека нема индиции за такво нешто. Предвремени избори на 12-ти април ќе има, техничката влада на 3-ти јануари ќе се случи. По поразот што ќе го доживее Заев, следува одговорност. Го разбирам, уплашен е, знае што направил, знае што се случувало изминативе три години од аспект на криминал, корупција и сите оние понижувања што и ги нанесе на државата. Треба да биде свесен дека мора да има одговорност.

На што мислите кога велите „Заев знае што направил”?

– Па свесен е за сиот криминал што го има сторено тој и луѓе блиски околу него. Инаку зошто би се плашел, зошто би пуштал информации дека ќе се одложуваат изборите, ако знае дека политиката што ја предводел како премиер била добра за граѓаните, понудила раст во државата, перспектива, иднина. Сето ова е спротивно на реалноста.

Како се подготвувате вие? Го одредивте ли тимот за техничката влада?

– Ги креирам контурите на тимот и профилот на личностите. Тоа се луѓе кои 100 дена треба да бидат министри во ресорите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, и како заменици-министри во ресорите администрација, финансии и земјоделие. Многу скоро јавноста ќе ги дознае нивните имиња. Тие треба да осигурат изборниот процес да биде фер, демократски и отчетен.

Ветувате дека земјата ќе ја ставите на брзата лента кон ЕУ. Може ли да објасните на кој начин би го направиле тоа?

 Комплетно реформирање и ресетирање на општеството. Со последниве одлуки на Заев, како се однесува со буџетот и начинот на кој ги води политиките, ме загрижува за иднината на државата. Немаме информации за она што ќе го остави оваа влада во заминување. За време на техничката влада, кога ќе имаме заменик министер во финансии, ќе имам јасна слика што наследуваме и таков приоритет ќе дадеме на проектите кои Македонија ќе ја ставаат на брза лента. Тука пред се мислам на реформите кои граѓаните ќе ги почувствуваат во првите сто дена од новата влада.

На кои реформи мислите?

 Па јас не знам која реформа ja спроведе ова влада. Еве да зборуваме за реформата во даночниот систем. Видовме дека Владата се повлекува од таа реформа. Доколку сте инвеститор во оваа држава, кога гледате вакви осцилации во даночната политика, што може да донесете како одлука за  инвестициите и вашиот бизнис во Македонија? По десет месеци Владата ни вели – ние се шегувавме, всушност оваа мерка не била добра, а вие што ги инвестиравте вашите пари, ви благодариме, сега повторно ќе го вратиме рамниот данок.

Што е поголем грев – да продолжеше истата мерка, или ако не дава резултати – да се повлече?

 Ова не е детска игра, пу, пу, не важи, згрешивме, се враќаме. Немаме повеќе можности за грешки. Пред да се донесе каква било одлука се седнува и се прави стратегиски менаџмент, се анализира. Посебно кога зборуваме за вакви суштински одлуки. Зборуваме за стратегија. Врз основа на таа стратегија луѓето одлучуваат дали вака или така ќе се искористат милијарди евра. Со нив се отвораат и затвораат работни места, се одлучува за човечки судбини, не може тоа да се покрие со ‘извини згрешив’ и никому ништо, a одговорност да нема. Со такви ‘купи ден продај’ потези, ни се случуваат вакви работи, општеството по принципот на ‘мало сутра’ или она со тепсијата и баклавата. Направија буџет од 3,9 милијарди евра. Погледнете ги капиталните инвестиции. Ова е рекорден буџет. Ќе ве потсетам кога во минатото за првпат една од владите направи буџет од 3 милијарди евра во расходната страна, тоа беше рафална критика во општеството. Денеска – тишина. Чудна некоја тишина, никој ни збор да изусти за оние 3,9 милијарда евра, од кои една милијарда ќе биде обезбедена од задолжување.

Нето задолжувањето е практично 400 милиони, бидејќи 600 милиони евра треба да се вратат… 

 Е сега, ако нетото е 400 милиони, а предвидуваме раст од 3,8% и задолжуваме 10% од нетото, каков е ефектот? Ефектот е 6,2% и тоа се пари кои вие ќе ги вратите. За што одат тие пари? Разбирам вие да се задолжите и да вложите во бизнис, тој бизнис да ви донесе приход па да го вратите кредитот што сте го зеле, и да ви остане некоја маргина за да можете повторно да вложите во развој на вашиот бизнис, а другото да го користите за сопствени потреби. Тоа го разбирам и тоа е бизнис логика. Дали така се однесува во неговите фирми во семејството? Дали неговите роднини, брат му, братучедите земаат кредити и ги трошат на скапи возила и хациенди, или можеби ги инвестираат во плантажите за марихуана, па затоа така ревносно сакаше со европско знаменце да го протне законот во парламентот? Не се однесува така за сопствените бизниси, туку тој игра all in со сите нас. Изгуби минатиот пат, ќе изгуби и сега. Но губиме и ние со него. И што мисли сега? ‘Ќе покачам малку на пензионерите’, колку што претходно им укина со закон. Ќе покачи малку на докторите, за специјалистите нема да има 100 илјади – ќе има половина од тоа и тие ќе заборават на ова, ќе покачи малку во образованието. Ова што го прави Владата е обид за корупција и навреда за граѓаните. Тој мисли дека народот ќе ги заборави ‘мало сутра политиките’, жицата, Луј Витон куферчето, тепсијата и баклавата и сите примитивизми премолчувани во минатото. Ако мислат дека на ваков начин тоа ќе го покријат тоа, се лажат! Ќе видат што ќе им се случи на 12-ти април. Овие избори се одлучувачки за иднината – дали Македонија сака да има политички естаблишмент кој што ќе биде радикал, неспособен, или политичари кои што се честити и умерени патриоти. Тоа е одлуката. Го имате неспособниот радикал и имате умерени родољуби патриоти.

Да се вратиме на брзата лента за ЕУ. Предвидува ли таа некои рокови?

 Уште во во првите 100 дена ќе се почувствува разликата што ќе ја понуди новата влада. Прв и најголем акцент ќе биде ставен на владеењето на правото и реформите во правосудството за 100 % независно правосудство. Не можете да им оставите независност, па тие да се претворат во нов центар на моќ. Некој мора да го мониторира нивното работење, некој мора да ги забележува нивните грешки.

Целото интервју на Мицкоски прочитајте го ТУКА.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата