ВЛАДАТА ЌЕ ЗАБРАНУВА ПРОТЕСТИ: Курир го објави новиот Закон за јавни собири

11.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ВЛАДАТА ЌЕ ЗАБРАНУВА ПРОТЕСТИ: Курир го објави новиот Закон за јавни собири

Владата и МВР во обид да ги замолкнат граѓаните и нивното уставно загарантирано право на мирно собирање и изразување на мислење преку организирање на јавни протести и собири, пишува Курир, објавувајќи ги измените во законот за јавни собири. 

Пред неколку дена, во Собранието пристигнаа скандалозните предлог измени на Законот за јавни собири каде што се предвидуваат нелогични и речиси невозможни услови за граѓаните и организаторите на јавните собири и протести.

Владата и Министерството за внатрешни работи преку овие измени дополнително го ограничуваат правото на јавни собири и протести, го ограничуваат времето кога тие би се одржувале, но и ја зголемуваат потребната бројка на граѓани за организирање на ваков тип на собири.

Имено, најнелогичната и најскандалозната измена е тоа што власта предвидува и забранува организирање на јавни собири пред и околу објектите на државната власт односно пред било која државна институција.

Оттука се наметнува прашањето, каде на друго место граѓаните ќе го искажат своето незадоволство од функционирањето на институциите и Владата, ако не пред органите на државната власт?

Исто така, овие измени воведуваат дополнително ограничување и утврдување на временскиот период за одржување на мирни и јавни собири и тоа од 6 часот наутро до 23 часот навечер, предуслов кој воопшто не беше пропишан со претходното законско решение.

Уште една од неколкуте измени кои власта се обидува да ги протне е зголемувањето на потребната бројка на граѓани за организирање на мирни и јавни собири од досега пропишаниот минимум од 20 граѓани, на минимум 50 граѓани.

Нејасно е зошто власта сега се обидува да ги замолкне граѓаните, знаејќи дека додека тие беа во опозиција непречено протестираа безброј пати, пред речиси сите државни институции, организираа 24-часовни кампови пред објектот на Владата, уништуваа државен имот и уште многу примери, кои се сосема спротивни од она што сега тие се обидуваат да го воведат.

Очигледно, во пресрет на предвремените парламентарни избори во април наредната година, се зголемува стравот од граѓаните и тие на секој можен начин се обидуваат да го задушат и игнорираат незадоволството кое го има народот од политиките на оваа актуелна политичка гарнитура на власт.

Затоа сега останува да видиме како македонската и експертската јавност, граѓаните и невладините организации ќе реагираат на овие скандалозни предлог измени на Законот за јавни собири и дали владата ќе се реши да го повлече или измени ова законско решение.

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата