Кина практично воведува полициски час за играње онлајн игри, со што ќе се обиде да ја намали зависноста од видеоигри кај помладата популација. Кинеската администрација за печатени медиуми и публикации издаде шест нови упатства, кои ги нарекува „известување за спречување на малолетничка зависност од онлајн игри“. Според нив, на играчите помлади од 18 години нема да им биде дозволено да играат видеоигри помеѓу 10 навечер и 8 часот наутро, а ќе им биде дозволено да играат само 90 минути на ден.

Полицискиот час ќе биде поблаг за празниците и викендите, кога на помладите кинески играчи ќе им биде дозволено да играат 180 минути. Со полицискиот час се воведува максималната сума што можат да ја потрошат децата до 16 години на онлајн игри. Тие ќе можат да потрошат 200 јуани, што е околу 30 американски долари, а на децата на возраст меѓу 16 и 18 години ќе им биде дозволено да потрошат двојно, односно 400 јуани.

Портпаролот на администрацијата на државната новинска агенција Ксинхуа рече дека индустријата на онлајн игри експлодирала последниве години, па затоа биле принудени да постават мерки за спречување на зависноста.

„Проблемите што може да ги предизвика таквата зависност се психички и ментални и можат да предизвикаат проблеми со учењето и растењето на малолетниците“, рекоа тие.

Од агенцијата Ксинхуа истакнуваат дека секое петто дете во Кина страда од зависност од видеоигри.

извор: Makfax

Најчитани вести