Германската влада усвои предлог-закон за забрана на пластичните кеси во малопродажба, со исклучок на помали кеси за пакување овошје и зеленчук.

Во случај на непочитување на законот предвидени се казни до 100.000 евра, пренесе „Танјуг“.

„Пластичните кеси се симбол за залудно трошење ресурси. Нивното производство бара нафта, а во употреба се само неколку минути и често завршуваат во природата, каде што се потребни децении за да се разложат“, изјави германската министерка за животна средина, Свена Шулц, при претставувањето на законот.

Таа рече дека употребата на пластичните кеси е драстично намалена од 2016 година кога владата и трговците на мало се согласија да ги користат помалку, и тоа од 70 на жител во 2015 година на 20 во 2018.

„Забраната треба да резултира со тоа употребата на пластичните кеси целосно да замре“, рече Шулц.

Забраната не се однесува на кеси со дебелина под 15 микрометри, што значи дека таа не ги опфаќа кесите што во малопродажба се користат за пакување овошје и зеленчук.

 

извор: Makfax

Најчитани вести