Елези: Потребни се дополнителни 179 милиони долари поради непредвидени градежни работи за автопатот Кичево-Охрид

6.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Елези: Потребни се дополнителни 179 милиони долари поради непредвидени градежни работи за автопатот Кичево-Охрид

Целоснaта реализација на изградбата на автопатот Кичево-Охрид вклучува финансирање на непредвидени и дополнителни градежни работи, истакна заменик министерката за финансии Ширет Елези на собраниската седница.

Поради оваа таа побара Собранието по скратена постапка да го усвои Предлог-законот за гаранција на РС Македонија на обврските по Договорот за заем за дополнително финансирање на проектот, кој ќе се склучи меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Експорт – импорт банката на Кина.

„Проценетата вредност на дополнителни финансиски средства за проектот изнесува 179.694.572,51 американски долари, додека вкупната вредност на проектот е 684,7 милиони долари. Потребата за обезбедување на дополнителни финансиски средства произлегува од непредвидени и дополнителни работи за тунел Пресека, непредвидени работи за широк ископ и санација на свлечишта, непредвидени и дополнителни работи за изградба на 8 денивелирани патни јазли: клучки и еден алтернативен пат од Врбјани до патен јазол Арбиново“, рече Елези.

Според неа, успешната реализација на овој проект ќе има директно влијание на зголемувањето на вработеноста и економскиот раст.

Заменик министерката за финансии посочи дека рок за отплата на заемот е 20 години, со вклучен грејс период од 5 години, а каматна стапка е фиксна и ќе изнесува 2 проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата