Овде и сега

Вонстандардни аналфабети

6.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Вонстандардни аналфабети

Катадневно се соочуваме со сѐ поголемата ерозија на македонската државност и на внатрешен и на надворешен план. Скандалите и аферите се толку често присутни, што стана некако вообичаено дека извршителите на власта и денеска инкасирале неколку милионски суми на своите конта. Ми се чини дека би било чудно доколку дознаеме за некој принципиелен и издржан проект кој би го понудиле на граѓаните, а не сум убедена дека во оваа тотална анархија и тоа би претставувало некаков импулс со кој власта би се потрудила да го промени впечатокот. Очигледно е дека она што нив ги интересира е да ја завршат својата работа во оваа специјална војна, која треба да заврши со тотално бришење на македонската национална држава.

Од тие причини, криминалното и коруптивното дејствување на истиве е со цел да го обезбедат својот иден живот или овде како богати вазали или надвор како богати иселеници. За луѓе без рбет и чест, не постои вредноста на почитувањето на правото и законите на Република Македонија, како што отсуствува и сенсот за елементарна почит кон своите граѓани, сопствениот народ и историјата.

Оваа сурова реалност има своја генеза и истата стана токму ваква и поради срамниот кукавичлук на „естрадните патриоти“ кои секогаш играат на „безбедна карта“ и вешто ги менаџираат своите кариери во согласност со лукративниот момент и поволните прилики. Тие се и најодговорни за впечатокот дека ние навистина сме луѓе без корен и без свест и дека е лесно да бидеме одново чипирани по желбите на регионалните и глобалните фактори. Имам листа во главата на луѓе кои влијаеја кај поранешниот премиер Груевски со високите идеи за нацијата и за македонизмот. Креатори кои ја создадоа сликата за хистеријата со која се создаде надуваниот балон во кој изгоревме пред меѓународната заедница.

Истите тие, почнувајќи од еден голем „идеолог на ВМРО“, па се до разно разните „експерти“ за нашата идеологија и историја, кога дојде времето за бранење на државноста, станаа „шпирто и мирто“ и најкукавично се сокрија во глувчешките дупки, подгрбавени и намргодени, како сенки одмавнувајќи со главите, да не би да ги довикне човек и не дај Боже да ги потсети колку им се веруваше и колку им се инкасираше за нивниот грандиозен учинок во борбата за издигнување на Република Македонија во редот на европските цивилизирани и традиционални општества. Истите тие, не се ништо поразлични од овие првите, кои брутално ја раскостуваат нашата татковина и некако се повеќе наликуваат по лице и опачина на една иста профилна слика која зрачи со површност, со духовна беда и со бескрајна алчност! – Доколку беше поинаку, не ќе можеше дури ни една ваква духовно и културолошки неписмена марионетска власт, да земе толкав залет и сосема лесно да ги избрише главните темели на асномска Македонија.

За нештата да не биде дека се заборавени или дека ќе останат незапомнети, денес е јасно колку тежи секој еден поединечно и колку сме биле навистина силни и спремни кога чукна часот за кревање на гласот. Затоа, исто како и пред сто години, нашата сила лежи во рацете на македонскиот народ и на сите македонски граѓани кои веруваат и ја почитуваат Република Македонија. Ние, заедно го одиме овој трнлив и тежок пат, со огромно бреме на плеќите, бидејќи преку нашите напукнати коски, ги влечеме и едните и другите од нивното комплетно распаѓање.

Преку нашата крв и нашите страдања, им даваме на овие вонстандардни аналфабети продолжен живот и станавме нивното огледало за тоа кои се тие и што се тие. Со конечниот пораз на оваа ненародна власт, ќе бидат поразени и маскираните душегрижници и македонските граѓани ќе добијат одговор за сите неодговорени прашања кои си ги поставуваат сите овие години.

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата