Сведоци сме на уште една грандиозна измама поврзана со проектот за Системот за итна хелихоптерска медицинска помош и Хеликоптерски услуги за потрага и спасување или попознати како САР и ХЕМС, рече денеска на прес-конференција генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

„Главниот владин играч зад договорот за јавно приватно партнерство е десната рака на Зоран Заев – генералниот секретар Драги Рашковски, а од друга страна стои извесен Саша Ѓаковиќ, кој ја основа фирмата во Република Македонија само 24 дена пред владата да го распише јавниот повик“, посочи тој, нагласувајќи дека фирмата визионерски го носи истото име како и проектот на Заев, односно САРХЕМС.

Јанушев изрази сомнеж дека целиот проект се базира на спорна и скандалозна физибилити-студија.

„Оваа студија, според нашите информации, ја изработува извесен професор машински експерт, па веднаш се наметнува прашањето која е неговата експертиза во делот на воздухопловството и какво искуство има истиот во областа? Во таа студија, цената на договорот која се предлага изнесува 9 милиони евра годишно и тоа за договор на минимум на 8 години. Значи, не станува збор за неколку илјади евра, туку за цели 72 милиони евра кои Зоран Заев се обидува да ги сокрие“, порача генералниот секретар на опозициската партија додавајќи дека скандалозно е и тоа што никој точно не знае зошто се исплаќаат и од каде ќе се исплаќаат овие пари.

„Студијата предвидува владата да го овласти приватниот партнер да прибира надоместоци и такси согласно позитивните законски прописи во Република Македонија. Кои надоместоци и такси, не се наведува, но се остава простор партнерот да бил, внимавајте ве молам – ‘иновативен’“, кажа тој.

На крајот од своето обрќање, Јанушев ги предупреди вклучените во овој случај да не влегуваат во нови криминали и да не креираат нови обврски за државата и порача дека во догледно време секој ќе сноси одговорност за криминалот што го прави.

извор: Makfax

Најчитани вести