Понеделнички

Семафор на пешачки во Чаир

3.11.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Семафор на пешачки во Чаир

Убеден сум дека постои некој таен извор со посебна вода која луѓево од врвот на СДСМ ги тера да зборуваат лаги за кои знаат дека ни дома не би им поверувале.

Прво мислев дека е тоа од бош ракијата на Шилегов, или од вискито на неговиот заменик Енвер Малиќи. После ми текна дека Фамилијата има марихуана која не е на одмет да се проба меѓу своите. Најпосле, можеби Боки 13 и Катица им утрапиле филм дека никој ништо не им може, народ е глуп па треба да го раниш со глупости... Сепак, малку е тоа за волку глупости кои ги лупаат на дневна основа.

Има и други, иако не се во врвот на политиката, кои се стални клиенти на ракии, вискија, на марихуана и третирани од двојна личност, или мултиполарност како што е модерно, па не лупаат глупости и не покажуваат тешка злоба и подмуклост до ова ниво. По се изгледа пијат вода од реката Стикс, онаа помеѓу овој свет и подземјето.

Заев две години врти филм дека сите злодела што ги направил национално и економски, а и персонално на конкретни луѓе, се правдаат со датум за преговори со ЕУ. Кога му се случи пушинела со датумот, одеднаш за Заев тоа и не било важно.

Воведе најголеми даноци во регионов, мислиш Данска е ова, милионер до милионер живее во земјава па треба да им се земат назад милионите, па пред избори реши да ги врати даноците на нивото од времето на Груевски. ОК, ако се згрешило треба и да се исправи, но што е со милионите евра кои државата им ги зема на граѓаните кои во меѓувреме платија за неговата грешка.

Како компензација за земените милиони владата ќе дава трошки од фискалните да преживеат луѓето барем до изборите, а најголем стрес доживуваат пензионерите кои се плашат да не умрат пред да им ги вратат парите од фискалните и после да си починат на раат додека има попуст за погребни услуги. Затоа сме феномен – во Македонија секоја година се раѓаат повеќе политичари од што умираат.

Ќе донесе закон за легализација на дивоградбите, што е легитимна борба за гласови иако со години плукаа по владата на ВМРО дека со истиот таков закон на времето ги измамувала гласачите. Измамата, еве, сега Заев ја промовира како грижа за имотот на граѓаните. Како Груевски да им командува од Будимпешта.

Ништо страшно нема во тоа што Заев копира политика од Груевски, има и што да научи од него, но никогаш нема да може да ја копира и научи чесноста и стручноста на Даскалот Мицкоски. Тоа се раѓа и негува низ годините, во книгите нема рецепт за такво нешто. Мицкоски е две години во врвот на политиката и тешко ќе најдете дека едно кажал, друго мислел а трето направил. Не пие од истата вода со Заев.

Гледам како тимот на Заев се обидува да избега од темите чесност, одговорност, национална политика, економија, работни места, корупција, непотизам... Сега туркаат тези-хипотези за плашење на Европа: ако паднела оваа власт ќе пропаднел Преспанскиот договор, Македонија ќе се свртела кон Русија и Кина, Албанците ќе бидат обесправени, национализмот ќе завладее и ќе не однесе во Азија...

Заев, Шекеринска и Фамилијата веруваат дека народот е глуп и никој ништо не им може, и дека додека имаат полиција, обвинителство и судии под контрола тие ќе владеат, но работите одат и над нивната контрола. Ароганцијата и правното насилство на Катица очигледно го заразиле и Јавното обвинителство. Не можеш да ги тргнеш од телевизија. Фрижидер да отвориш, и од внатре ќе ти изрипа некој обвинител да ти каже како сите освен Заев, Шекеринска и Фамилијата се лошите.

И под дејство на водата од подземјето тие ја плашат Европа со новата власт. А како навистина стојат работите. Со Вашингтон и европските држави, деноноќно, работи тим на ВМРО кој, како што еднаш реков, е академија на науки за Заев, Никола Димитров, Шекеринска и Бујар Османи. Еве вака, најдете еден ден, само еден работен ден во неделата, во кој некој од тимот за надворешна политика на ВМРО: Александар Николовски, Антонио Милошоски, Тимчо Муцунски и Влатко Ѓорчев немале средба со некој американски или европски политичар или дипломат.

Зарем некој од нив би дал толку многу внимание на тим кој е потенцијален уривач на европските и американски планови на Балканот, и во Македонија? Или, можеби, во Вашингтон и низ Европа немаат друга работа па водат празни муабети со тимот на ВМРО. Не, сосема е јасно дека ВМРО е сериозен европски партнер и партија која во време кога ја имаше власта доби осум препораки од ЕУ за преговори и го потпиша договорот со САД за стратешка соработка. И, со тоа се е речено.

Нека не трошат на Илинденска 2 време и енергија бадијала, нека се вратат во СДСМ на темите кои јавноста најмногу ја интересираат: зошто имаме помали плати, ако не од другите, дури од Косово и Босна. Зошто нема нови работни места и странски инвестиции. Зошто државата дигна раце од студентите и студентските домови. Зошто ги нема поранешните субвенции и откуп за замјоделците. Зошто има толку убиства и криминал без решение. Зошто оваа власт пушти 800 тешки криминалци од затвор, им избега убиецот на Мартин Нешковски кој тие го ослободија, ги ослободија и судените за убиствата на смилковско езеро. Да каже власта кој има ексклузивитет по фамилијарна линија за продавање дрога во затворите Шутка и Идризово... Јавноста чека да запре командата од Заев врз судии и обвинители и нивната генерална амнестија за криминали направени од Фамилијта, од ДУИ и од соработниците на премиерот. Јавноста чека поголеми пензии, значително поголеми плати за лекарите и наставниците од кои зависи целото општество, и не прифаќа дека нема пари за нив. Ако за две години се дадени два милиони евра за лубриканти, подмачкувачи за хомосексуалците и десет милиони евра од Фондот за иновации за партиски активисти и спонзори, и те како има пари за нив.

Ако Заев мисли дека јавноста го чека Шилегов да дава одговори, трезен или пијан сеедно, погрешно мисли. Шилегов во политиката е битен и поштуван колку семафор на пешачки во Чаир.

Сега кога сите бегаат од бродот на СДСМ кој тоне, Шилегов богат како шеик, зема со нови филмови да ја забавува јавноста. Ќе градел трамвај, ама ем без шини ем без струја... после што е јасно дека – трамвај нема. Ќе купувал автобуси на водород што испуштале пареа. Толку многу испуштале што Скопје ќе потоне во водена магла, а после маглата Шилегов ќе ја продава во испразнетите шишња ракија и виски од лагерот на Енвер Малиќи. Истиот Енвер Малиќи кој преку вискито стана пријател на Црвенковски и заменик на Шилегов.

И, пази сега, тие автобуси што испуштаат водена пареа немаат автобуски станици, и ќе бидат платени 100 милиони евра. Сто милиони! Или, повеќе од милион евра за секој автобус на пареа. Ама, за богат како Шилегов, сто милиони евра се багатела.

Ако СДСМ спаднал на Шилегов, богами длабоко пропаднал. Шилегов се опари уште во времето на првите објави на незаконските телефонски разговори, далеку пред Боки 13 и Катица ја виде шансата. После доби функција и градска каса од над 100 милиони евра годишно од кои не видовме ништо во јавноста. Арно ама, Шилегов ќе изјави дека не гледа што тоа направиле за Скопје сите градоначаници од 1991 до сега, пред него. Добро, тоа е веќе медицински проблем. Во негова ситуација луѓето трпат халуцинации, некои гледаат бели глувци наоколу, а тој ете не гледа ништо.

Ако се сеќавате - добро, ако не јас се сеќавам, дека од првиот ден на власт Шилегов почна да покажува намери за прљави бизниси и перени пари. Најави дека градот ќе им плати на газдите пет милиони евра да се тргнеле двете галии-ресторани од Вардар. Објектите коштаат по милион евра секој, а трите милиони евра кусур се за непознати цели и сметки. После ни кажа дека ќе гради подземен пат од стара железничка до плоштад со цена од над три милиони евра за километар! Збесна јавноста, па и од тоа се откажа дечкото. Договорот да ја даде Дрисла на хрватската ѓубреџиска мафија ќе биде дополнително разгледуван и процесуиран

Сега слушам тера дилови со сопствениците на дискотеки во и околу градскиот парк. Она што ја обележа неговата кариера како градоначалник се зурлите и тапаните кои ги гледавме кога пушти во употреба автобуска станица во подрумот на ГТЦ. Плати што плати, се испи што се испи и набргу ја укина автобуската станицата, својата главна инвестиција во кариерата.

И таквиот Шилегов Заев го турка да привлече гласови пред изборите. Па добро бе, барем повремено, приберете се таму на Бихаќка и намалете со тоа ракиите, вискито и марихуаната од домашно производство. Избори ве чекаат. Од слушање туѓи телефонски разговори тотално сте загубиле контакт со реалноста. Погледнете за само две години власт какви пари имате во кеш, каде одите на одмори, колку бизниси одеднаш вртите, какви коли возите вие и вашите деца... тоа е она што се гледа, а другото што ви е надвор од државава?

Погрижете се, за почеток, со загадувањето на воздухот. Заев нема проблем, тој скоро и не дише. Додека ние се гушиме во Македонија, он си диши чист воздух од Северна, човекот не е од тука. Ни Шилегов нема проблеми со тоа. Он насабајле ќе земе чист воздух, два три пати длабоко ќе вдиши, и после до вечер си тера на раат. Не му фали воздушно пунење, он тера на течно.

Сега ми е јасно зошто Шилегов и Шекеринска купуваат по пет шест станови, секогаш барем еден е надвор од загадената зона. Чекам само кога обвинителството и Јовевски ќе отворат предмет и истрага против сите што кашлаат од црнилава затоа што вршат кривично дело вознемирување на јавноста со лажни вести.

(04.11.2019)  

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата