Овде и сега

Македонска национална свест

23.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Македонска национална свест

Во втората половина од XIX век на балканската политичка сцена, како една посебна фаза од големото Источно прашање, се издвои и македонското прашање. Иако самото по себе изгледаше минорно во однос на Источното прашање, истото го одбележаа специфичностите на структурата на населението, географската поврзаност, развојот на трговијата и историското културно наследство. Уште на самиот зачеток ова национално прашање беше пресретнато од територијалните претензии на балканските соседи, како и од ставот на Големите сили за одржување на статус кво во Османската Империја.

Од тие причини македонското прашање од самата појава, неоспорно, најмногу беше поврзано со турското прашање. Истото во наредните историски декади па сѐ до денешни дни еволуираше, се трансформираше, на моменти исчезнуваше и повторно се изнедруваше, постојано под будниот надзор на балканските државни ентитети кои се формираа во текот на XIX век.

Без сериозна поддршка од страна на западните сили и без македонски милет во рамките на Империјата, ова прашање ќе стане вистински Гордиев јазол во кој до денешни дни ќе се испреплетуваат и ќе го остават својот одраз великодржавните аспирации за доминација врз Македонија и нејзиното население од страна на балканските држави Грција, Бугарија и Србија.

Оттаму, знаејќи го историскиот развој врз основа на кој се создадоа балканските национални држави во текот на XIX век и на почетокот на XX век, можеме слободно да констатираме дека на Балканот прво се создадоа државите, а потоа и нациите. Во еден општ преглед речиси е невозможно да се даде целосен хронолошки приказ на македонското прашање.

Од тие причини она што е важно да се запомни е тоа дека генезата на македонското национално револуционерно движење ја претставува епохата која официјално започна на 23 октомври 1893 година. Овој историски чин разграничува и сообразува две ремонстранци од македонската револуционерна историја кои имаа суштинско влијание врз развојот на македонското прашање и воедно врз целокупното балканско дипломатско поведение меѓу двете светски војни.

Повеќе децениската борба од страна на македонското национално револуционерно движење за своја крајна цел ја имаше идејата за создавање самостојна, независна и суверена држава Македонија. Со појавата на Македонската револуционерна организација (МРО) во 1893 година во Солун, беа поставени основните цели на истата, и тие беа првенствено насочени кон борбата за стекнување на автономија на Македонија под сизеренство на Османската Империја.

Под геслото „Македонија на Македонците“, внатрешната револуционерна организација во период од едно десетлетие успеала да се стекне со исклучително значење за целиот македонски народ. Нејзината политичка платформа не се осврнувала на аспирациите на балканските соседи, ниту на геостратешките интереси на Големите сили и ги предизвикала сите заедно околу иднината на македонското прашање, што воопшто не им одело во прилог пред сè на нејзините соседи. Сето ова во подоцнежниот период се покажало погубно не само за Организацијата, туку и за судбината на Македонија.

„Појавата и евентуалниот успех на „политичкиот сепаратизам“ за балканските монархии ќе значеше губење на можноста пред европското мнение да се појават како „единствен заштитник на своите сонародници во Османската Империја“, а со тоа и неможност да ги остварат своите завојувачки намери.

Токму од овие причини сите тие, но не заедно, на еден или на друг начин сакаа да го уништат македонското револуционерно движење. Во оваа смисла највеќе работеше Бугарија“. Бугарија, повикувајќи се на историското минато, се чувствуваше најповикана околу решавањето на македонското прашање. Таа македонското прашање постојано го присвојуваше и истото го поистоветуваше со бугарското прашање. Развивајќи ја платформата за ослободувањето на своите бугарски браќа, кон крајот на 1894 година успеала да се инфилтрира и да го видоизмени автохтоното македонско револуционерно движење.

Инструментот кој ѝ послужил за таа намера бил Врховниот македонски комитет во Софија, којшто бил создаден од страната на македонските револуционерни дејци, но кој набргу бил ставен под контрола на бугарските воени кругови. Преку него истата имала за цел да го истисне македонското движење и да ја преземе целата управа над македонските револуционерни активности.

Ваквиот дуализам и борбата за превласт меѓу двата центра видно го усложниле организирањето на Илинденското востание, кое покрај другите фактори, и особено по убиството на Гоце Делчев, било кренато 1903 година, и за мошне краток временски период било крваво задушено од османските воени сили.

Важно е да се потенцира дека формирањето на Македонското револуционерно движење, од самите почетоци на подготовката за неговото образување во текот на 1892 година, па сѐ до активностите и целите кои ги постави револуционерната организација, за историјата на македонскиот народ ги претставува движечката сила и генезисот преку кој се акумулираше желбата на Македонците за реализирање на политичката партиципација во балканските процеси.

Уште поважно е што со овој чин македонското револуционерно движење се здоби со организиран и осмислен карактер кој во наредните историски фази ќе го однесе низ многубројни драматични искушенија, поларизации и внатрешни судири. Овие прилики во наредните периоди од развојот на македонското револуционерно движење неминовно ќе доведат до диференцирање во врска со основните програмски цели и со темелните принципи во Организацијата, а ќе се одразат и на самата поставеност и структурата на истата. Всушност, поради сите овие процеси се создадоа, според поголемиот број суштински карактеристики, двете дијаметрално спротивни физиономии на внатрешната македонска револуционерна организација.

Овие две паралели го претставуваат движењето од самото формирање на македонската револуционерна организација, низ илинденскиот период и првите постилинденски години, заклучно до Балканските војни од 1912/13 година (ТМОРО/ВМОРО) и движењето пред започнувањето на балканските војни, до периодот пред започнувањето на Втората светска војна.

Националното револуционерно движење (МРО) при самото дефинирање на целите и вредностите кон кои се стремеше, како што веќе рековме, уште на самиот почеток од своето формирање на дневен ред го постави разрешувањето на македонското национално прашање преку создавањето македонска држава. Ова значеше дека борбата започна со подготовките за извојувањето суверенитет на територијата на етничка Македонија. Оваа борба во суштина го услови егзистирањето на МРО, да се брани од надворешните посегања во суверените начела на Организацијата, како и од внатрешните струења кои можеа да им послужат на туѓинските намери и влијанија. Или, кажано со други зборови, барањето за политичка автономија во рамките на Османската Империја требаше да претставува преодна фаза на патот до формирање на македонската држава.

Овој императив најексплицитно го изразува великанот Анте Поповски: О, еве ја таа проста земја /од грч/ и од чекање, Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски/А никој не ја знае!

Иванка Василевска, Универзитетски професор (23 октомври 2019) 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата