Спомна некој вонредни избори, да речеме во април догодина? Можеби Зоран Заев ги спомна, ги побара, ги најави... а? Така му закажуваа и на Груевски, па одлагаа, па закажуваа... Јас не му верувам, ама ни збор не му верувам. Како што не му верував кога минатиот месец дрчно и божем самоуверено тврдеше дека нема вонредни избори, па после ќе биле во октомври догодина. Пред недела дена изјави дека и да падне владата, нема да има вонредни избори.
Кој верувал во зборовите на Зоран Заев, и тоа било што да зборува, бил наивен и прелажан. Од Бранко Црвенковски и Зоран Верушевски на кои им ги зема телефонските разговори и ги фрли во ќош, до дипломатите од кои зема поддршка и пари за шарени револуции и власт без победа на избори, а им врати со корупција и рекет преку СЈО и партијата, со насилство врз судството и опозицијата.
Не му верував ни кога се играше со маката на родителите на децата убиени на Смилковско езеро, дека ги знае убијците, и само да дојде на власт ќе ги објави. Дека е загрижен за случајот на убиениот Мартин Нешковски, а кога дојде на власт го пушти од затвор убиецот. Нормално, не верував ни во неговата најава дека го знае и ќе го изнесе пред суд наводниот убиец на новинарот Никола Младенов.
Стапот на лесна верба во Заев го јадеа и Албанците. Тоа што се ујдиса со подземје и наркодилери од Грчец и Арачиново е бизнис проект на Заев и СДСМ, но Албанците не видоа никакво фајде од тоа. Им ветуваше во Арачиново се што ќе му падне на памет, од канализација и школо до вработување на 300 пилоти во држава која има едвај 5-6 летала. Му поверуваа. Ветуваше 30 нови странски фабрики во Тетово и Гостивар, а од сето тоа немаше ништо освен бизнис дружба со Теута Арифи и компромитираната фирма Еколог. Замижа за изградба на ново минаре на џамијата во Охрид, ама тоа минаре ни деца рани, ни фрижидери и бензин во колите полни.
А 500-те евра просечна плата? Е мои Скопјани (со големо С) какви лујки испаднавте кога дозволивте да ве шета по булеварите на Коце Трајановски, како стадо со маиците од СЈО и сликите од Катица за, на крај, да го испушите како млади мајмуни и сефте провинцијалки симнати од автобус на меѓуградска кои не знаат на каде да тргнат па првиот кој го виделе им се гледа како решение за сите нивни проблеми.
Ако Заев божем пријавил во април, а Орце Камчев на 5. мај пријавил рекет од Катица, што мислите зошто и во мај, и потоа во јуни Заев тврдо инсистираше таа да добие нов мандат за шеф на СЈО? Затоа што му е десна рака на друже Зоки. Затоа.
Ќе ве води во Европа. Тешки милијардери чекале со инвестиција за нивните фирми во Македонија ако го смениме уставното име. На 10 јануари на Сител Заев најави дека 2019 ќе била година на економски бум, па почна да реди дека ќе имаме 16 нови странски инвеститори, 250 домашни компании кои ќе инвестираат... за да заклучи: Преговарам со џиновски компании кои чекаат дали ќе помине процесот на уставни измени. Од сите, дојде Биг Мајк, експерт за марихуана.
Кажа Заев што кажа во јануари на Сител, па сред кризата се собра и замина на одмор во Германија и ,патем, отиде кај Харадинај па се сликаа селфи. Веројатно му фалел кеш за одмор, не гледам друга причина за таа средба со Рамуш Харадинај.
И - го смени уставот, го смени името на нацијата и државата, а од џиновските компании нема ни трага. Лани ова време Кирацовски ги држеше затворени во собрание Нола, Владанка Авировиќ и Александрова додека не се согласат да гласаат за Северна. Другите ги реши на свој начин. Прво ги затвори, а за потреби на гласање ги ослободи од притвори за да му завршат политичка работа. И, тоа ли е правда, право и правосудство. Како можело тогаш, така може и секогаш. И било секогаш, откога Заев има власт и порачува апсења, притвори и судски пресуди.
Видете го неговата лоша совест, Фрчкоски. Пред три дена советува што треба сега да прави Заев: требало да апси опозиција, да смени судии и да тера како ништо да не било. Од која вода пијат комуњариве, да знаеме да ја забраниме со закон.
Вие и даље, по скопски, дремете во Идадија, Круг, Фурна или наоколу и се тешите дека ќе го биде, еден убав ден, кај и да е ќе проработи Заев. А он, богами, проработуе. Отвори десет фабрики за марихуана, врти бизниси во Бугарија, залапа здраво дваесет милиони евра од РЕК Битола за само една година, изрекетираа неговите за Диамед и едно десетина бизнисмени за дваесет милиони евра додека вие сликате фискални за 80 денари месечно. Фамилијата му се шета по најбољи и најскапи туризми додека вие тоа го гледате на Инстаграм, и се чудите како тоа Анѓушев, Филипче, Шилегов или Шекеринска свртеле милиони државни пари за свои потреби, а вашиот добар и поштен Заев ќути, и тоа им го дозволува.
Кога неговата Иванна, советничката, може да си го стави таткото на функција во ПУИК иако човекот нема ниту една квалификација освен убава ќерка, а потоа и на другиот дел од фамилијата девојката да им го поклони Слободен печат, и патем да ги части со над 250.000 државни пари... ако таа го може тоа, замислете што можат другите околу Заев да истуркаат за себе преку ред, и преку корупција. Па се наредија: Горан Михајловски од Вест со она порталчето Сакам да кажам и оп, 250.000 евра од друже Зоки за сопругата, па советничката Цвета Ласкова со нови 300.000 евра за снаата. Како фискалните, а?
После се, можете ли да му верувате на Заев, па дури и кога бара вонредни избори? Ни во СДСМ не му веруваат. Од нив на Бихаќка, во петокот навчер, уште пред и да почне дебата во партијата, кај домашните портали и странските агенции се појави вест – Заев ќе даде оставка. Некому во СДСМ му се брзало, некој од нив го туркал натаму плашејќи се да не се предомисли. Тие вести излегоа од кругот на Шекеринска и Никола Димитров, ликовите чии функции се темелат на странска поддршка, а не на вољата на Зоран Заев. Тоа е јасна порака дека амбасадите го пуштаат низ вода.
Единствен збор на Заев за кој верувам дека стварно мисли кога тоа го кажува – е кеш! Или донација, што би рекол тој.
И после слушам дека предвремените избори биле заради Французите и Макрон. Он го мразел Заев и Албанците, и им се одмаздувал на Меркел и компанија преку нас: вие не давате реформи на ЕУ, јас не давам датум за Македонија. Па дали сте вие бре нормални! Односно, дали сме ние бре нормални па да му веруваме во тоа.
Како Макрон да одобри датум за преговори кога ние, според Заев, Димитров, Османи и Шекеринска датум добивме уште лани! Па два пати ли датум ќе ни даваат :)
Кој ќе ги прими во ЕУ Албанија и Македонија за кои европски медиуми година дена пишуваат дека премиерите Рама и Заев контролираат дрога, вршат рекет и местат избори? Капак на се е Заев кој во саботата изјави дека Европа има свои проблеми, затоа не не сакале, бидејќи во Брисел барале начин како да се брани ЕУ од влијанието на Америка, Кина и Русија. Ако ова му го кажат на Трамп, а би требало, должност им е во амбасадава тука, Заев ќе биде запишан во неговиот црн тефтер заедно со Мадуро, вистинскиот Порошенко и Ким Џон Ун.
Недај боже Макрон да попуштеше, и Македонија да влезе во ЕУ пред Албанија. Моментално ќе мораше да се доделат милион македонски државјанства на Албанци и косовари за нивни бизнис потреби. А за возврат, Еди Рама ќе донираше нови десет плантажи за марухана за Фамилијата.
Иако, едно време ме фати надеж дека ќе добиеме датум кога видов дека Павле Трајанов и Стојанче Ангелов пишуваат до Макрон дека морал да попушти, инаку ќе падне владата на Заев, поверував дека е тоа она што ќе одлучи. Павле и Стојанче се гејмченџерите. Ама, јок, не ја бидна дури ни со нив двајца.
И, што ќе биде со вонредните избори? Го читав постот на Груевски на Фејсбук кој мисли дека Заев се надева на нова бланко поддршка од странците, па со пораз и гласовите на ДУИ пак да земе власт без победа. Не тврдам дека друже Зоки нема и таков план, но верувам дека работите сега се мнооооогу поинакви од пред три години. Готов е. Она на што може да се надева е дека тој и Фамилијата ќе се спасат од затвор заштитени од дипломатите заради неговите заслуги околу Северна, двојазичноста и бугаризација на историјата но, другите ќе одат курбан. Заев нема кредит за нов мандат, го потроши со корупција, насилство и неодговорна политика.
Фамилијата изгледа ќе се спаси себе, а неколку лика од ДУИ кои се длабоко во криминал веќе планираат елегантно бегство на Косово, па после и понатаму. Јас да споделам една информација можеби корисна за Анѓушев, Шилегов, Кирацо и Филипче. Постојат држави во кои даваат пасош и безбедна сметка ако им се плати соодветен кеш, и немаат екстрадиција во Македонија. Најбољи е оној од Малта. Даваш милион евра и сигурен си, плус има плажи, море и убава архитектура. Може и Тајланд, поевтино е, само 300.000 долари, отвараш фирма, добиваш сметка но, не смееш да конкурираш на тендери, што на нашиве им е главен бизнис. Антигва или Санта Луција се исто така опции за кои вреди да се размисли.
(21.10.2019)