Понеделнички

Спиеш ли мирно, Андриќу Иво

13.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Спиеш ли мирно, Андриќу Иво

Еве, деновиве вадиме десет месеци од погребувањето на Македонија, на 11 јануари со колективно извршена егзекуција во присуство на државата. И некако, парастосот се погоди баш на 11 октомври, денот кога Македонците решија судбината да ја земат во свои раце. Да се ослободат од бугарските окупатори кои со локалните балисти и качаци решија на овој народ да му извршат бришење на свеста дека се Македонци кои зборуваат македонски.

Реториката тогаш е слична со она што го слушаме денес. Како при упадот на бугарската војска која на 19 април 1941 влегла во Струмица, дека бугарските браќа од Македонија ќе бидат ослободени од српското ропство и под цар Борис ќе бидат дел од силното европско семејство под фашистите. Бугарите со време пристапија на тоа ново европско семејство, кога бугарскиот премиер Богдан Филов, на 1 март 1941 во Виена, го потпишал пактот со фашистите на Хитлер.

Филов, при говор пред бугарското собрание на 19 ноември 1941 вели дека пристапувањето на Бугарија кон фашистите било оправдано бидејќи со тоа Македонија и Тракија се ослободуваат и припојуваат кон матичната Бугарија.

За ослободување на Македонија од самата себе и бугарските браќа во неа, царска Бугарија донела 45.000 војници од петата бугарска армија под команда на генерал Никола Михов, 3.400 учители и наставници за наметнување на бугарскиот јазик во училиштата, 170 попови и свештеници во црквите, 850 Бугари за државната управа... Бугарите не верувале во бугарските чувства на браќата Македонци.

Бугаризацијата барала и локални, македонски соработници кои ќе вршат агитација за бугаризацијата и ќе организираат вооружени чети од локалното население за борба против партизанскиот и интелектуалниот отпор. Се формираат пробугарски Акциони комитети, на нивно чело се наоѓале нашите Васил Хаџикимов, Димитар Чкатров, Спиро Китанчев, Димитар Ѓузелов, Кирил Дрангов... а од странство поддршка на бугаризацијата давал Ванчо Михајлов кој во тоа време се наоѓал кај лидерот на фашистичка Независна Хрватска, адвокатот Анте Павелиќ, во Загреб.

Отпорот во Македонија е предводен од неколкумина стари активости на ВМРО како Панко Брашнаров или Павел Шатев и новосоздадените комунистички организации кои, заедно, под координација на пратеникот на маршалот Тито, Светозар Вукмановиќ Темпо, потоа ќе формираат партизанско движење кое ја создава независната држава Македонија, и истата ја дефинира и прогласува на АСНОМ, на крајот од Втората светска војна. Историјата по АСНОМ ни е позната на сите. Македонија станува држава.

Дека југословенското народно ослободително движење во Македонија подразбирало држава на сите Македонци, вклучително и оние што живеат во Пиринска и Егејска Македонија, докумнетиран доказ е и составот на делегатите на првото, државотворно заседание на АСНОМ, на 2 август 1944. Атанас Велков Атанасов и Васил Григоров Василев се делегати на АСНОМ од Петрич. Димитар Манџовски и Васил Атанасов се делагати од Костур... а АСНОМ го отворил учителот од Велес, стариот вмровец Панко Брашнаров.

И, тука би ја затвориле историската читанка и потсетување на чистите факти. Заклучок е дека за државата Македонија се бореле, заедно, и комунисти, и социјалисти и вмровци. Дека денешната држава Македонија е формирана на територијата на Кралството Југославија во делот под контрола на Србија, и дека таа територија за формирање на македонската држава е дел од Југославија, а дека за денешна Македонија, заедно со Македонците, се бореле и партизанските комесари од Србија почнувајќи од Драган Павловиќ Шиља па се до црногорецот Светозар Вукмановиќ Темпо. Настаните потоа, чистката меѓу самите комунисти и врз македонските лидери како Панко Брашнаров или Методија Андонов Ченто е производ на идеолошка борба меѓу комунистите околу сталиновото Информбиро и иницијативите на македонските лидери да се доврши процесот на обединување на Македонците од Пиринска и Егејска со Македонците од Вардарска Македонија.

Бугарија и Грција, за разлика од Србија, не се откажаа од териториите на кое живее мнозинство Македонци, и денес тврдат дека Македонци воопшто и нема.

Факт е и дека, додека постоеше Југославија, Македонците во Пиринска имаа целосни етнички права и свест за самопостоење, а делумно и во Егејска Македонија. Денес, Грција и Бугарија бараат, а Македонија се согласува, дека нема Македонци во Пиринска и Егејска, а самата држава Македонија се откажува од правото дури и да ги спомнува. Се откажа од нив, но и од Македонците дома.

Зошто сево ова, и во ова време, се пишува.

Историјата се повторува. Се е исто, само што денес ги немаме партизаните. Денешните бугарски акциони комитети ги предводат Владо Бучковски, Радмила Шекеринска, Зоран Заев, Никола Димитров... кои се согласуваат дека Македонија нема историја, дека таа е бугарска. Народ без историја е како куќа без упис во катастар, формално – не постојат. Народ без држава е збир на бегалци со привремен престој. Курдите се голем народ, над 20 милиони ги има поделени во пет-шест држави, и по нив удира кој ќе стаса. Немаат држава да ги организира и да ги брани. Нашиот пат до Курдите е во тек, пред очи го гледаме.

Заев и соработниците се согласуваат и на ревизија на македонскиот јазик, со воведување двојазичност тој е ставен во подредена положба наспроти албанскиот. Ова не е мое мислење. Ова е став на правниот систем на Венецијанската комисија објавен минатата недела. Кога требаше и формално да се објави нашата делегација откажа средба и со тоа го одложи објавувањето. Заев, Шекеринска, Пендаровски... им се должни на наркоклановите од Арачиново и Грчец, на мафијата од ДУИ кои им гласаат на избори и се откажаа од одлуката на Венецијанската комисја која тврди дека двојазичноста е незаконска. Се откажаа од европска одбрана на македонскиот јазик. По ова, секому се јасни работите.

Официјалниот став на бугарската влада и резолуцијата на нивното Собрание објавени деновиве, се дека од нас безусловно се бара да се откажеме од партизаните и државноста стекната на АСНОМ. Да спроведеме лустрација со која ќе се откажеме од сите борци од НОБ и институциите на Македонија дека се виновни за “југословенизмот“, за политиката која, според нив, создала вештачки народ, и вештачка држава Македонија.

Заев веќе ја избриша резолуцијата на АСНОМ од Уставот. Кога во Собрание Шекеринска му порача на Србинот од Куманово, пратеникот Иван Стојиљковиќ да си оди од каде што дошол, нејзиниот пат до Арачиново и до бугаризација беше уште тогаш најавен. Арачиново ја донесе на власт, Софија ја одржува.

И после се, Зоран Заев очекуваше дека за сето ова на него ќе му се падне Нобеловата награда за мир. Боже мили, има ли граница глупоста и самобендисаноста?! Нобел да го дарува човекот кој, со пенкало, брише сопствена нација, историја и држава. Да застане во историјата на нобеловците покрај големиот Черчил, Јасер Арафат или Иво Андриќ!

Просто знам дека одозгора, таму од небото, големиот нобеловец Андриќ му ги спрема зборовите напишани за сепаратизмот на писателот Енвер Чолаковиќ: Јас, Енвере, со моето пишување дојдов до вратите на пеколот, а ти богами ги отвори и влезе внатре... 

(14.10.2019)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата