Ројтерс: Франција против почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија

10.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ројтерс: Франција против почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија

Франција оваа недела им рекла на своите колеги од ЕУ дека засега е против почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, информираат дипломатски извори за Ројтерс.

Како што се наведува, повеќе од половината членки на ЕУ, како и високи претставници од Брисел вршат притисок овие две балкански земји да бидат наградени за нивните реформи, со тоа што прифатија да започнат преговори за пристапување.

Според Париз, ЕУ се соочува со премногу предизвици за да прими уште две земји од Балканот, регион кој се уште е преплашен од војните од 1990-те и кој се бори со криминал и корупција.

Франција смета дека ЕУ прво треба да се реформира одвнатре за да посилно и единствено се соочи со предизвиците, како што се климатските промени и миграцијата.

„Тие сè уште не се таму. Бараме од нив да направат дополнителни напори “, изјавил француски официјален претставник. „Преговорите не можат да се отворат во октомври 2019 година, ќе треба да ја преиспитаме ситуацијата некаде во 2020 година“ додал тој.

Министрите на ЕУ ќе разговараат за ова прашање во вторникот во Луксембург пред националните лидери да се состанат во Брисел на самитот на 17-ти и 18-ти октомври. Овој потег веќе беше одложуван повеќепати.

„Ова е многу фрустрирачко за повеќето земји-членки. Нашиот кредибилитет е доведен во прашање “, изјавил дипломат од земја која сака да ги отвори вратите за кандидатите од Западен Балкан.

„Северна Македонија и Албанија направија многу. Да, останува уште многу да направат, но започнувањето на разговори за членство е само првиот чекор, процесот ќе трае со години и тие ќе треба да ги исполнат сите критериуми пред да бидат примени“ истакнал тој, а пренесува Ројтерс.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата