Верушевски: Тајната за прислушувањето е кај двајцата од МВР избегани во Грција

10.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Верушевски: Тајната за прислушувањето е кај двајцата од МВР избегани во Грција

Сашо Мијалков и другите обвинети во „Таргет – Тврдина“ изјавија дека немаат вкрстени прашања кон Зоран Верушевски, поранешен директор на УБК, сегашен советник за национална безбедност на премиерот Зоран Заев.

На прашање на обвинителката Ленче Ристовска кога, каде и како Верушевски добил информациите за „бомбите“ сведокот рече:

– Во 2010 во СДСМ имаше документи и сознанија за ограничениот демократски капацитет на власта и постоење на проект за контрола на комуникациите, посебно насочени кон опозицијата ваквите информации доаѓаа од побеќе извори и јас имав прилика да ја видам таа документација. Во разговор со изворите се потврдија сомневањата за грубото нарушување на слободата на говорот во земјава. Тоа беше иницирачкиот момент да се насочам кон таа материја. Документацијата беше во дигитален запис онака како што му беше предадена на СЈО – рече Верушевски.

Тој нагласи дека документацијата е создадена и креирана од Никола Груевски кој сакал да ја задржи власта по секоја цена.

Рече дека се собирала разна документација за да има се под контрола.

– Тие кои не се тука имаат мотив да не се тука, а се почнало како матрица која се создавала низ институциите на системот. Ако дојдат бегалците од Грција се ќе биде јасно.Тие комуницираат со други држави и други служби – рече Верушевски.

Тој рече дека целото негово семејство било таргет на државата и се надева дека сега обвинетите ќе се потсетат на зборот простување.

– Во тек е постапка за обештетување на мене и мојата сопруга на очигледен срам на државата – рече Верушевски.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на ОЈО обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата