Во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој официјално по петти пат се одржа доделувањето на наградите за социјално претприемништво (Social Impact Award 2019) кои се наменети за студенти и млади од Република Северна Македонија.
За најдобрите три (3) идеи/решенија EdiStraw, TreeBanks и CoSense, Шпаркасе Банка Македонија обезбеди парични награди во висина од по 2.000 евра за секој од нив. Четвртиот победник „Дружење без граници” доби од Фонд за иновации и технолошки развој ваучер за посета на настан во странство. Покрај наградите, најдобрите тимови ќе добијат и бесплатно патување во Киев кадешто ќе се сретнат со претприемачи од 16 европски земји со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub Vienna.
“Среќни сме што Treebanks е препознаена како идеа со социјален импакт. Се радуваме што наградата од SIA Македонија ни дава можност да се презентираме интернационално во Киев” изјави Невен Стевчев од TreeBanks.
„Шпаркасе Банка во рамките на стратегијата за општествена одговорност под платформата “Sparkasse Life”, активно ги поддржува проектите кои се насочени кон едукација, менторска поддршка и финансиско советување на младите и талентирани студенти, како и развој на нивните капацитети за водење на сопствен бизнис. Како дел од Ерсте и Шпаркасе Групацијата даваме поддршка за реализација на проектите кои имаат социјална компонента, ги поддржуваме младите иноватори, идните претприемачи кои имаат визија за реализација на нивните проекти, како и придонесуваме за поголема вклученост и инклузија на социјално ранливите категории.“ изјави Владимир Кечовски, Директор во Дирекцијата за мали и средни претпријатија во Шпаркасе Банка Македонија.
Наградата во Република Северна Македонија е организирана од Бизнис Импакт Лаб. Повеќе информации за ‘‘Наградата за социјално претприемништво 2019.‘‘ ќе најдете на www.socialimpactaward.mk