Јавен повик : Еден милион долари за финансирање на општините 

10.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Јавен повик : Еден милион долари за финансирање на општините 

За сума од 1 милион американски долари, министерот за локална самоуправа Горан Милевски заедно со амбасадорката на Кралството на Шведска, Кристин Форшгрен Бенгстон и постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан, го претставија отворениот јавен повик за финансирање на проектна документација за општините, за изградба и реконструкција на инфраструктурната мрежа како и на јавните објекти. 

„Ова е отворен јавен повик според кој ги мотивираме општинските власти да ја искористат можноста за употреба на Европските фондови, овојпат со поддршка од УНДП како и Шведската амбасада со цел подобрување на патната инфраструктура, социјалната инфраструктура како и проекти поврзани со животната средина, влијанието на климатските промени како и заштита на водните ресурси. Ние како Министерство за локална самоуправа сме навистина благодарни за укажаната поддршка и помош, така што сите заедно навистина треба да ја направиме нашата држава подобро место за живеење“ истакна министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Тој објасни дека минималните и максималните износи за кои секоја општина може да поднесе барање се 10.000 американски долари и 30.000  американски долари. Максималната сума за поддршка за овој повик за предлози е 100%, односно нема потреба за кофинансирање од барателите во случаи кога конечниот износ за поддршка, а во случаи кога овој конечен износ ги надминува овие ограничувања, барателот ќе треба да обезбеди кофинансирање за разликата до крајниот износ од сопствени или други извори. 
Шведска е долгорочен поддржувач на интеграцијата на нашата држава во ЕУ, обезбедуваат политичка поддршка и развој на соработка, на ниво на целата земја и на локалните заедници.

„Како некој што доаѓа од мало село, сметам дека поддршката на локалните самоуправи е исто така важна на ниво на целата земја. Во таа насока го поддржуваме и овој проект кој ќе биде спроведен од УНДП. Шведската Влада обезбеди финансиски средства за воспоставување на овој Фонд за техничка документација. Фондот ќе има еден милион американски долари и целта е да ја поддржи подготовката на техничката докуменатција од страна на општините.
Во рамките на овој проект општините преку најразлични проекти ќе може да учествуваат на јавниот повик со цел да ја подобрат инфраструктурата, патиштата, водоводната и канализациската мрежа, еколошките стандарди. Проектите ќе бидат финансирани преку грантови или пак кредити со ниска каматна стапка.

„Ние преку проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“,сакаме да ги поддржиме општините во нивниот развој и да го подобриме животот на граѓаните преку најразлични развојни проекти во рамки на стратегијата и приоритетите на Северна Македонија и аспирациите за членство во ЕУ, а ова е само почеток на имплементирање на реформите и регулативите кои ќе придонесат во модернизирање на општините. Со сплотеност ние ќе помогнеме да се подобрат условите за живот во републиката на долг период“  вели Нарине Сахакјан претставничката на УНДП во земјава.
Во ноември 2018 година УНДП и Шведската агенција за меѓународен развој (СИДА) го потпишаа договорот за спроведувањето на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“. Една од трите главни цели на овој проект е да се дефинира, воспостави и да се управува со Фондот за техничка документација што ќе ги обезбеди финансиските ресурси што им се потребни на помалку развиените општини за да ги завршат неопходните подготвителни работи (вклучително и урбанистичките планови) за изработка на проекти со кои што можат да конкурираат за фондови од ЕУ, од државата или од други донатори, било преку директни грантови или со кредити со ниски каматни стапки. 

Од проектот исто така се очекува да се креира општински индекс за развој, алатка која што ќе ѝ помогне на Владата, донаторите и други засегнати страни во регионалната развојна политика да одредат кои се помалку развиените општини согласно групата индикатори, а врз основа на статистичките и други официјално достапни податоци. 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата