(Видео) Трилатерална средба на Заев, Вучиќ и Рама во Србија

10.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
(Видео) Трилатерална средба на Заев, Вучиќ и Рама во Србија

Премиерот Зоран Заев денеска во Нови Сад ќе учествува на трилатерален состанок со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, и претседателот на владата на Република Албанија, Еди Рама.

Заев во Србија пристигна синоќа и присуствуваше на вечера, организирана од Вучиќ и српската премиерка, Ана Брнабиќ.

„Добредојдена е секоја иницијатива што оди во насока на зајакнување на регионалната соработка, како критериум и во ЕУ агендата и што ја забрзува евроинтеграцијата на Западен Балкан. Утре со Претседателот на Србија Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија Еди Рама ќе разговараме за тоа во Нови Сад. Имаме неискористен потенцијал за зголемување на регионалната соработка, интензивирање на трговијата, протокот на стоки, мобилноста на луѓе, услуги и капитал, меѓу сите земји од Западен Балкан“, напиша синоќа Заев на „Фејсбук“.

Првиот човек на македонската влада, на социјалните мрежи утрово сподели и видео од обиколка низ Нови Сад, во друштво на Рама, Вучиќ и Брнабиќ.

„Се поврзуваме со соседите за уште поголемо поврзување на нашите народи. Од Нови Сад, градот на музичката атракција Егзит, порачуваме дека Западен Балкан станува извор на соработка и заедништво – Европската Унија е ѕвездата кон која се движиме“, напиша Заев во описот на видеото.

Претходно деновиве, српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека со Рама и Заев ќе се сретне за да разговаат за отстранување на бариерите за слободен проток на стока и услуги помеѓу трите држави.

Вучиќ во изјавата оцени дека станува збор за епохална идеја која добила поддршка од македонскиот и албанскиот премиер.

„Сфативме дека поединечно сме мали и слаби и ако се обединиме по прашањето на економските слободи, нашата сила ќе биде неспоредливо поголема. Сакаме да се поврземе економски подлабоко, со што драстично би го зголемиле нивото на инвестиции. Таквото опкружување во кое би имале целосна слобода на движење би нѐ подиганло сите нас, а на оваа тема наидов на целосна отвореност од страна на Рама и Заев“, наведе српскиот претседател.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата