Прилеп ја обновува традицијата за марш до Могилата на непобедените за 11 Октомври

9.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Прилеп ја обновува традицијата за марш до Могилата на непобедените за 11 Октомври

Општина Прилеп годинава подготви богата програма за одбележување на 78 годишнината од почетокот на антифашистичката револуција. Одбележувањето ќе трае до 15 октомври, а започна во недела на 6 октомври, со одржување на Меѓународниот турнир на џудо клубот „СЕИШИН“ и Downhill купот „Топташ 2019“.

Покрај изведбата на театарската претстава „Глембаеви“, изложбата на Меѓународна ликовна колонија „Куманово“ 2018, крводарителската акција на Црвениот крст, промоцијата на книгата „Старите занаети во Прилеп“, мотокрос трката „Stormriders 2019“, авто слалом натпреварот „Прилеп 11 Октомври 2019“, традиционалниот импровизиран напад на градот и огнометот, како и повеќето други манифестации, Општина Прилеп, како што потенцираше градоначалникот Илија Јованоски, годинава посебен акцент става на обновувањето на традицијата на организирање граѓански марш до Могилата на непобедените.

„Оваа година Општина Прилеп става посебен акцент на она што ќе се случува во петок, кога ќе биде положено свеќе на спомениците на Методија Андонов – Ченто и Кузман Јосифоски – Питу, после што ја обновуваме традицијата на организирање граѓански марш од меморијалниот музеј ’11 Октомври’, од Участакот, до Могилата на непобедените. Заедно со граѓаните, со многу здруженија, пријатели и почитувачи на борците и боречката организација, ќе го посетиме Паркот на револуцијата, каде ќе положиме цвеќе на Алејата на народните херои, споменикот ‘Жена борец’ и Могилата на непобедените, каде ќе има обраќање на претставници на локалната самоуправа, Владата и Сојузот на борци. Ја користам оваа прилика да ги повикам граѓаните да ни се приклучат на овој марш, со што ќе им оддадеме почит на борците кои ја оствариле оваа наша денешна слобода“, изјави градоначалникот Јованоски.

Во одбележувањето на празникот се вклучува и Градската библиотека „Борка Талески“ со двата настана: промоција на книгата „Старите занаети во Прилеп“ на авторот Моника Талеска и изложбата „Да ги зачуваме старите занаети во Прилепската чаршија“.

Главната манифестација ќе се одржи утревечер (10. октомври), а градските власти најавуваат изненадување за присутните граѓани.

Меѓу останатите настани предвидени во Програмата се фестивалот „Со Марко на улица“, изложбата на скулптура на Марјан Стојаноски и детскиот фестивал „Ѕвездички“.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата