Спасовски-Даниелсон: Северна Македонија покажа сериозен напредок во пристапувањето кон ЕУ

9.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Спасовски-Даниелсон: Северна Македонија покажа сериозен напредок во пристапувањето кон ЕУ

Северна Македонија е многу важен партнер за Европската комисија, која во изминатиот период покажа сериозен напредок во процесот на пристапување кон ЕУ и исполнување на поставените приоритети. Ова го истакна генералниот директор на Генералниот директорат за проширување и соседство во Европската комисија, Кристијан Даниелсон, кој денеска оствари средба во Брисел со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

На средбата беше презентиран напредокот кој е направен во спроведувањето на реформската агенда, која ги опфаќа приоритетите во Министерството за внатрешни работи, а се однесуваат на реформите на безбедносно-разузнавачките служби, зајакнување на капацитетите на финансиските истраги, спроведување на ефикасни истраги во областа на организираниот криминал, воспоставување на надворешниот механизам за контрола над полицијата, справувањето со нелегалната миграција и трговијата со луѓе и процесот на проверка на вработените во министерството – ветинг.

Министерот Спасовски нагласи дека и во претстојниот период фокусот ќе биде на зајакнување на капацитетите на министерството и другите институции кои се вклучени во борбата против организираниот криминал и корупција, како и на спроведување на финансиските истраги.

На средбата министерот Спасовски ги презентираше активностите на веќе формираната Работна група, која има за цел да подготви и презентира концепт за спроведување на проверка на вработените во министерството. Притоа, Спасовски истакна дека ова е многу важен процес кој не смее да биде ниту избрзан, ниту пак, политички мотивиран, туку треба да се сфати како составен дел од борбата против криминалот и корупцијата и од него не треба да стравуваат чесните професионалци кои ги има во министерството. Во текот на процесот на проверка на вработените нема да се донесуваат брзи одлуки и целиот концепт ќе биде во рамките на правниот систем на Република Северна Македонија, со почитување на принципот на владеење на правото.

Работната посета на министерот Спасовски продолжува со средба со Комесарот за миграција, внатрешни работи и државјанство, Димитрис Аврамополус.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата