Понеделнички

Стево го продава кучата

6.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Стево го продава кучата

На страна муабетите но, очигледно е дека Заев и Мицкоски интензивно се спремаат за вонредни избори. И тоа на пролет, согласно подготовкиве.

Заев подига кредити од странство без контрола. Годинава, за прв пат по војните во Југославија, Македонија има државен јавен долг кој е поголем од 50% од бруто домашниот производ (БДП), а уште лани владата на Заев ја помина критичната граница со долг поголем од 5 милијарди евра. Задолженоста е толку голема, и без контрола, што и професорот од МАНУ Таки Фити, докажан кадар на СДСМ, во април изјави дека динамиката на пораст на јавниот долг е неоджлива.

Заев се надева дека со купувањето гласови за плати и пензии од тие пари ќе избори резултат за доволно силен СДСМ да може да се брани од казните за корупција на оваа власт кои, без сомневање, го чекаат. Победа на избори нема, и тоа му е јасно, но поскаува барем 45 пратеници како сигурност за себе. А потоа, тие пари ќе не заглават, како што можевме да видиме, со тешки, болни трауми на преголема задолженост во која страдаат сите, видена во Грција и Бугарија.

Заев пред избори почна акција која ја нарече На прав пат. И име и план украден од хрватските социјалдемократи и српските демократи. Има намера да ги заборавиме тендерите, марихуаните, рекетите, местенките со обвинителства и судови, непотизмот теран до трето колено. Пак потфрлија експертите на СДСМ во комуникација со народот. Што не е ново, тие немаат појма за потребите и состојбата меѓу Македонците но, ако ги прашате кое пиво е најбоље во Брисел, или каде да се спие кога се патува за Њујорк, за бутик Шанел... експерти се.

Мицкоски, од своја страна, извади нови кадри, именувани како стратешки советници, и не е тешко да се претпостави дека голем дел од нив се планирани за учество ви идната власт. Промовираше 16 луѓе како тим за обнова на Македонија.

Има тука ликови од врвот во своите професии кои се веќе афирмирани и лепливи за јавноста како професорката Гордана Сиљановска, кардиологот Сашко Кедев, операскиот пејач, народниот трибун Игор Дурловски или ракометниот голман Борко Ристовски. Има и млади, во топ возраст околу 40 години, кои се школувани на силни странски универзитети и денес работат како менаџери во светски компании.

Можете таа листа и да ја споредите со денешната власт на Филипче и Анѓушев, да ги мерите нив и потенцијалот на Кирацо од Битола, на Ременска и Ден Дончев заглавени во Рекет 1, Рекет 2, Рекет 3... Да споредите капацитет на министерката за финансии Нина Групер, плагијаторот која Заев ја прогласи за надеж на СДСМ и Сања Божиновска, од тимот на Мицкоски, која нуди знаења стекнати на факултетот за Меѓународен бизнис кој го магистрирала во 2004-та на Универзитетот во Гронинген, Холандија и која потоа докторирала на Харвард, во САД. Што може во културата да каже и да даде Цветанка Ласкова наспроти Игор Дурловски?!

Дека се изборите блиску покажуваат и најавите за нови партии.

На левата политичка страна, како конкуренција на СДСМ, адвокатот Александар Тортевски и Мирјана Најчевска најавуваат своја партија која ја нерекуваат – Твоја партија. Тие се потенцијал кој може да повлече активисти меѓу соросидите и пари од Сорос фондовите со што, ако тоа се исполни, би обезбедиле место во собранието. Оние кои се залепени за СДСМ но, не можат да ја замислат и простат корупцијата на Заев и владата се нивни потенцијални гласачи и, ако добро менаџираат, од Твоја партија имаат на лагер пристоен број разочарани гласачи на СДСМ кои никогаш не би гласале за ВМРО, но би ги поддржале нив како алтернатива на Заев, Кирацо, Ременска, Анѓушев, Рашковски...

 И на десната политичка страна се најавува нова партија, иако јас сум скептичен околу тоа бидејќи тие, во најавениот состав без оперативно способни луѓе, нејаверојатно ќе завршат како движење или невладина органзиација. Тие под форма на Европски федералисти, поддржани со пари од странски фондови, имаат само една задача: да се земе што е можно повеќе гласачи од контото на ВМРО и да се натера Мицковски по победата на избори да мора да коалицира и со нив. А, ако коалицира со нив, да ја уценуваат идната власт со пробугарските и проалбански политики кои кои следат.

Најавата дека вмровците во хибернација како Петар Богоевски Бунтур и Сашо Лазаревски можат да се изборат за најмалку 30-40.000 вмровски гласови е чиста теорија. Логично е на оваа пробугарска опција да и се приклучи Владо Бучковски, од СДСМ. За Бучковски и Федералистите Македонците и Бугарите се браќа, една иста крв и народ. Никој излезен од ВМРО ДПМНЕ, па ни иконата Љубчо Георгиевски, не се прославил потоа во борба против ВМРО за потербите на СДСМ.

И така, во позиционирањево пред вонредните избори два детали, и тоа како битни, се провлекуваат во сенка.

Прво, со формирањето на новата агенција за безбедност ОТА влегоа и кадри на УЧК, соработници и пријатели на косовските терористи, по дифолт закана за безбедноста. Тие влегоа, но не влезе Горан Николовски, началникот на УБК кој ја отвори истрагата за Рекет. Казнет е, а бидејќи е и човек на американските служби во МВР оваа игранка нема да помине без последици по Заев.

Второ, распоредот на нови амбасадори. Во оваа состојба во која сме, и во контекст на се што се случува и планира околу нас, најважни места за наши амбасадори се во Вашингтон, Берлин и Париз. Не дека се помалку важни во Москва, Лондон и Брисел, но првите три се клуч за идните пет-десет години за Македонија.

Сите знаеме дека Заев, а и Стево Пендаровски, својата власт ја должат на бандите од Арачиново и Грчец, како и параполитичарите од Тетово и Куманово. Сега, кога треба да се избере нов амбасадор во Вашингтон, медиумите блиски на СДСМ калкулираат не кој е каков, туку кој до кого е близок и дали ќе победи кандидатот на Заев, на министерот Димитров или на Стево Пендаровски.

Во тие есдесовски кафански комбинации сериозно се врти името на Теута Арифи, градоначалник на Тетово од ДУИ, за иден амбасадор во Вашингтон. На три фотографии кои ги имам се гледаат, при посетата на Заев во Њујорк, на астал заедно седнати Срѓан Керим среде истрага од СЈО, до него седи Теута Арифи, па Зоран Заев до неа... заедно со шефовите на тетовската фирма Еколог која се бавела со сите матни бизниси дома и на Блискиот исток и финансирање на Теута Арифи. Памтам дека во февруари 2010 година НАТО отвори истрага против Еколог за злоупотреба на договорите за нивна логистика за НАТО во Авганистан, потврдено и со изјава на германскиот генерал Егон Рамс.

 Основа за истрагата на НАТО биле сознанијата на КФОР на Косово за влијателното албанско семејство Дестани од околината на Тетово, кои се сопственици на фирмата Еколог. Во извештај на германската тајна служба во рамките на КФОР се говорело за „постоење на клан со тежиште кон организираниот криминал“... „Семејството Дестани од Тетово ги контролира криминалните активности и шверцот во пограничниот регион меѓу Македонија и Косово“. Тие информации без проблеми можат да се најдат во базата на податоци на НАТО но, досега никој не ги барал, изјавил генералот Рамс. Уште потешки за нив се зборовите на дописникот на весникот Швајцер Велтвохе, Јоханес Фон Донањи

И, повторно, и пак, и повторно... Заев и неговата политика се врзани со мрачни ликови на границата на законот, многу пати и отаде законот. И сега, таа група од асталот во Њујорк има намера да ја постави заедничката им Теута Арифи за амбасадор во САД! Платена од наши пари. И ние треба да очекуваме и да веруваме дека таа ќе работи за Македонија. Доста е бе другари, па ни Колумбија нема ваква јавна соработка на мафијата и подземјето со политкитата.

Не се изненадувајте ако еден ден прочитате графити: Стево го продаде кучата

(07.10.2019)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата