Одобрена ексхумација на познатиот гангстер Џон Дилинџер кој го глумеше Џони Деп

5.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Одобрена ексхумација на познатиот гангстер Џон Дилинџер кој го глумеше Џони Деп

Властите на американската сојузна држава Индијана одобрија ексхумација на познатиот гангстер Џон Дилинџер, кого актерот Џони Деп го глумеше во „Public enemies“ (2009).

Ексхумацијата ја побарало неговото семејство затоа што се сомнева дека телото на Дилинџер е погребано во Индијанаполис.

Џони Деп во улога на Џон Дилинџер

Дилинџер (1903 – 1934) бил познат гангстер во 30-ите години, а американското Федерално истражно биро (ФБИ) во тоа време го опишало како „жесток крадец“ кој редовно бил на насловните страници на тогашните весници.

Дилинџер бил убиен во 1934 година од страна на полицијата. Бил погребан на гробиштата Краун хил во Индијанаполис. Но, некои членови на неговото семејство се сомневаат во полициската верзија на убиството.

Внуката на гангстерот, Керол Томпсон, тврди дека има нформации за човек кој тогаш се претставил како Дилинџер и кого полицијата го убила, но дека тој не бил нејзиниот чичко. Како доказ, таа ги навела бојата на очите и отпечатоците од прстите.

„Мислам дека е важно да се знае дали Дилинџер живеел подолго од датумот кој е наведен за неговата смрт, а тоа е 22 јули 1934 година. Ако не е убиен тогаш, би сакала да знам што му се случило, каде живеел, дали имал деца, внуци и дали некој од нив е жив“, навела таа.

ФБИ наведува дека нејзината верзија изгледа како теорија на заговор. Ексхумацијата би требало да се изврши на 31 декември.

Управата на гробиштата, сепак, се противи на одлуката, па изгледа целиот случај ќе заврши на суд.

Дилинџер бил познат по ограбувањето на банки и организирањето бегства на други гангстери од затвор во времето на Големата депресија во САД. Бил најпознат гангстер на своето време и една од иконите на американската култура на 20. век. За него се напишани многу книги, а снимени се и филмови и телевизиски серии.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата