ПОСТОИ ИСКАЗ НА КИЧЕЕЦ како што прв објави Вечер. Се нуди на продажба!

3.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ПОСТОИ ИСКАЗ НА КИЧЕЕЦ како што прв објави Вечер. Се нуди на продажба!

Порталот Вечер прв објави дека постои исказ пред обвинител од страна на обвинетиот Зоран Милевски Кичеец во случајот Рекет, и дека не се бранел со молчење како што објавија некои други медиуми. Денес стаса информација дека исказот “кој не постои“ е понуден на продажба на адвокат.

Непознат маж пред неколку дена се јавил на адвокатот на еден од осомничените во случајот „Рекет” и го прашал дали е заинтересиран да го купи исказот на Зоран Милевски-Кичеец, велат извори од истрагата.

Според информациите, адвокатот не го прифатил овој предлог и веднаш се јавил кај обвинителката Вилма Русковска за да ја пријави понудата која ја добил преку телефон.

По ова, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција повторно се соочува со можност исказ на осомничен да “протекол” во јавноста. Од таму потврдуваат дека била поднесена ваква пријава и велат дека се преземени сите мерки за расчистување на случајот. Обвинителството ќе проверува дали и како записникот излегол од просториите каде се чуваат исказите дадени од осомничените, а исто така ќе се проверува и бројот од кој бил извршен повикот.

Исказот на Кичеец е за сега непознат за адвокатите  на осомничените Катица Јанева и Бојан Јовановски бидејќи Обвинителството одлучи да не им го даде кога тие правеа увид во доказите во овој предмет.

Од одбраната на Зоран Милевски - Кичеец за Канал 5 тврдат дека ниту тие не го поседуваат записникот од исказот на нивниот клиент.

Ова не е прв пат да протекуваат информации од истрагата за случајот „Рекет“. Пред извесно време во медиумите излезе и првата страна од исказот на бизнисменот Орце Камчев, а за новинарот на „Инфомакс“ кој го објави документот, обвинителството поднесе обвинителен предлог за оддавање на службена тајна.

За овој случај, институциите меѓусебно си ја префрлаа одговорноста, но се уште нема одговор на кој начин излегуваат ваквите документи од истрагата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата