Сосема е јасно дека полнолетството на Република Македонија не ја означи и зрелоста на политичките елити во поглед на суштинската имплементација на либералната демократија. Плурализмот и глобализацијата, се чини само тука, кај нас, имаа ретрограден ефект и наместо зголемување на свесноста и одговорностите, нашето општество, речиси триесет години е метастазирано од непрофесионалниот и неетички однос на одговорните. Честопати чекајќи по шалтери, по институции, но и на отворен простор, се чувствува здивот на хаосот во кој единствено решение е да имате „некој свој“, да се најде „некој од нашите“, за да можеме да се осигураме дека „работата ќе биде завршена“ или како што милува да каже хероината на непросветлените и високо неморални и незаконски постапки водени од параинститутот Специјално јавно обвинителство, Катица Јанева: (цит.) „се ќе биде О.К.“!

– Овој факт е надополнет со високо бирократизираната и нагмечена јавна администрација, која со чест и почест на исклучоци, никогаш не поминала низ вистински филтер за описот на работните места, туку во најголем процент е составена по партиски клуч и оттаму нивното чувство на одговорност и професионалност застанува во оној момент кога „ќе се јави некој од горе“, за работата да биде или да не биде завршена. Овој кафкијански пристап во голема мера влијае на чувството на несигурност на граѓаните и создава од сите нас поданици кои не поседуваат суштински права, секако уставно загарантираните се во овој случај само мртво слово на хартија, па оттаму остануваат само даночните обврски со кои ги плаќаме своите мачители и понатаму да ја вршат својата улога на бегови и локални шерифи и секако казните со кои истите дополнително ги полнат своите длабоки џебови, бидејќи овде, во реалност владее принципот на пежоративната и саркастична максима дека „дојдоа дивите и ги избркаа питомите“.

Овој притисок, надополнет со лошата економија, постојаниот стрес за преживување на месецот, катастрофалните здравствени услуги и пропаднатиот образовен процес, не само што ја зголемија општата апатија, туку и силно ја мотивираа се почестата миграција на младите, што подалеку од дома. Од тие причини, не постои можноста за индивидуална одговорност на поединците и во севкупната слика, за истово се одговорни сите чинители со декади наназад. Затоа, за да можеме да продолжиме напред, пред сѐ ќе мора да признаеме дека поради нашата инертност сите имаме одговорност за оваа состојба.

Лошите кадровски решенија на сите влади до денес, негативната селекција и неписмените и неодговорни вршители на јавните добра, сме должни да ги прозвеме, да се оградиме од оние кои допринесоа да дојдеме на ова дереџе и да започнеме процес на економска лустрација, преку кој, наместо со години претходно, да се бркаат политички неистомисленици и да се наштетува поради лични и други интереси, да провериме, кои беа креаторите на образовниот, здравствениот и политичкиот поредок, колку им тежеле џебовите кога седнале на фотелјите и како живеат денес!

Сметам и убедена сум дека не повеќе од педесетина, можеби и стотина од нив, ќе бидат примерот по кој ќе се реализира ресетирањето на македонската држава. Преку истите, ќе се види дека на многу елегантен и професионално одговорен начин, кога ќе бидат извадени на виделина и ќе одговараат за злоупотребата на државата за сопствени интереси, ќе се покрене моралниот дискурс кај граѓаните на Република Македонија и ќе се започне со реална и издржана либерализација на јавните добра и услуги, што пак за неколку години ќе овозможи да се врати целокупното општество на позитивната нула, со која ќе започне повторното кревање на институциите на системот.

На таков начин, нема да има потреба од стотици факултети и непотребен број на универзитети, туку ќе има слободен пазар и простор за секој еден вреден и совесен граѓанин да го исполни своето право на среќа и благосостојба.

Во такви услови, и само тогаш ќе успееме да создаваме простор кој ќе ги привлече инвеститорите, а нашите квалитетни млади кадри нема да мора да бидат принудени да работат во туѓина, туку ќе си бидат дома и ќе имаат многу повеќе можност за да го исполнат својот живот со квалитет и со среќа, близу до најмилите. Се друго и доколку продолжиме да ја пролонгираме оваа неопходна реформа, од Република Македонија за помалку од десетина години, нема да остане ни камче од она што беше создадено на АСНОМ 1944 година.

Нашите млади ќе си заминат, системот ќе колабира од реваншизам и партизација, корумпираните ќе останат анонимни и неказнети, а сите останати, ќе пропаднат во целосна апатија во која единствена добивка ќе имаат примерите на негативната селекција и на позитивната дискриминација.

Ако во деведесетите години, прифативме систем на квоти по етнички или родов принцип, денес, треба да прифатиме дека ќе мора да бидеме доследни на потребата да ги примениме уставните права кои за сите подеднакво треба да овозможат пристап и реализација на квалитетот и прогресивноста.

А тоа, не се постигнува само доколку е некој маж или жена, ниту пак, дали е некој припадник на некоја од помалите етнички заедници, туку само преку почитување на Уставот и законите и преку себеусовршувањето кое овозможува во една држава, која е самостојна и суверена, да владеат општествено одговорни елити, а не подземје, странски служби и насилници!

Иванка Василевска, Универзитетски професор (2 октомври 2019) 

1

Најчитани вести