Овде и сега

Концептуални служби

25.09.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Концептуални служби

Погледнато уште од прапочетоците на изградбата на концептот за македонската национална држава, еден од највпечатливите моменти е секако улогата и влијанието на работењето за „туѓи интереси“ на не мал број од плејадата на борци.

Некои под уцени, некои од слаб карактер, а најчесто за лична корист и свој есап, ги коселе хероите на движењето и го отежнувале патот до конечното ослободување. Во меѓувоениот период, не случајно повеќе од седумдесет проценти од севкупниот број на кралската војска и жандармерија, биле распоредени токму во Македонија. Сеуште постојат живи сведоци, кои можат да потврдат што значело сето тоа за македонскиот народ и колку била голема безнадежноста која го гмечела Пирејот под својата строга државна контрола. Не било ништо полесно ни по Втората светска војна.

Иако премрежјата за создавање на македонска национална држава биле извојувани и македонскиот народ ја исполни својата вековна победа, Македонија стана национален и државен ентитет, со признаен литературен јазик и со јасно дефинирана национална посебност на државотворниот македонски народ, сепак не е за занемарување улогата на режимскиот апарат и нивните слуги, кои доминираа во текот на целиот период сѐ до самото распаѓање на југословенскиот концепт. Бројни се сведоштвата за суровоста и другите механизми кои ги користеше разузнувачкиот апарат за да ги спречи наводно дисидентите и другите „неистомисленици на системот“, па на плеќите на послушните и најчесто преувеличени и празноверни доушници, сеуште стои црната сенка на страдањата на голем број на невини луѓе кои наивно и без да имаат претстава, биле плен на овие бездушни хиени и народски кажано „неразбрани трговци“.

Оттаму не е за чудење дуалитетот кој е длабоко вкопан во генетиката на нацијата. Колку и да изгледа болно и неверојатно, но, до ден денешен, една од најголемите сопки на развојот на македонската држава се токму истиве, чипирани и би рекла, генетски предодредени ентитети, кои најчесто по фамилијарна линија, а секако има и такви кои се создадени од некаков дегенерички потенцијал и болна амбиција, која не може да се оствари поинаку освен преку работењето за туѓи интереси и на штета на невини луѓе, кои упорно и неуморно го кинат македонското ткиво и ја разоруваат секоја потенцијална енергија која ќе им застане на патот. Лаичката претстава за овие состојби, најочигледно се манифестира преку максимата: „Оние кои верно му служеа на Белград, денес со иста толкава ревносност му се поклонуваат на Брисел“, но, кога би било толку едноставно, би имало начин истото да се препознае и да се редуцира.

Велам лаичка, бидејќи сите здраво разумски битија во Република Македонија се свесни дека да се биде дел од европското семејство е корисно и отвора огромни можности за самостојниот развој на нашата татковина.

Оттаму, во суштина, потекнува и небулозата дека тие некому и нешто особено му служат, можеби освен на самите себе си! Понатаму, навистина сметам дека во кодот на соработниците и во нивната психолошка матрица, како и кај нивните наследници, постои една сериозно контаминирана жица. Во денешниве неприлики кои ја зафатија Република Македонија, истиве дијаболично и без тронка срам ја превземаа улогата на апологети на македонскиот непокор, преоблечени во рувото на исконскиот стремеж, наредија околу себе знаменца од Кутлеш и со усти полни емотивни апели, а во суштина со празна фразеологија, се поделија во два табори.

Во првиот табор, кој ја превзема улогата на „лош полицаец“, застанаа апологетите кои отворено говорат за европерспективата, за новиот почеток и за нејасната визија за иднината на државата, која веднаш ја покриваат со канонада на потсмев и навреди, доколку само малку ги загребете под површината. Во вториот, пак се распоредија „добрите полицајци“, кои се напикаа во десното крило и кои дежурно ги напаѓаат сите оние кои ќе ги проценат за „опасни“ за своето постоење.

Она што претставува заеднички именител и за двете групации е взаемниот отпор и поганењето на единствениот институционален и легитимен бастион на македонскиот народ и македонската државност, ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата и воопшто на десниот опозициски блок, д-р Христијан Мицкоски. Многу малку ќе чуете и ќе видите, особено кај овие вторите, сериозен третман за квислиншката власт предводена од Зоран Заев, но, затоа и те како ќе се изнаслушате канонади и понижувања за сите напори и за сета жртва која ја понесе десниот политички блок, особено по изборите од 2016 година.

И покрај сите неприлики, за овие, (мислам и на едните и на другите), е неприфатливо толку брзото опоравување на десницата и истите се свесни дека секој ден и секој час, силата се зголемува, а времето не работи во интерес на нивните делегирани задачи за касапење на македонската држава. Најдени во ќорсокак и без можност да го избегнат наплатувањето за кое беа пазарени, во паника и во очај, упорно се прераспределуваат во постоечките или несмасно формираат нови политички инструменти, преку кои се пенават докажувајќи ја својата посебност.

За нив е неопходно да покосат што поголем број на луѓе и како вистински јавачи на апокалипсата, единственото кое ги интересира е да соберат што поголем број на невини души и да наштетат што е можно повеќе на иднината на македонската држава.

Можам до недоглед да објаснувам што сѐ се истиве подготвени да сторат, колкав е нивниот учинок и до каде се спремни да одат, но, мислам дека е јасно препознатливо и истото има свои белези, кои колку и да се обидуваат да ги скријат, силно им ги осветлуваат гротескните лица, миејќи им ја шминката на патриоти и големи борци за македонската кауза.

За сите нив, не за нас, кои ни е јасно како навистина стојат работите, еве едно потсетување, да не си помислат дека сме толку наивни и неуки, поаѓајќи од нивниот плиткоумен и корумпиран ум. Погледнете ја фамилијарната генеза на секој поединечно и ќе најдете многу зло и невина крв од македонскиот народ, погледнете им ја улогата и соработката на нивните фамилијарни стебла со разузнавачките служби и свртете го листот на прапочетоците на овие битија и ќе го најдете одговорот зошто се токму тие избраните и како се селектирани да ја играат оваа опасна игра со судбината на македонскиот народ.

Исто така, проверете ја, аналитички и содржината на нивните пораки и празните зборови кои на свесно ниво ги брануваат емоциите на народот, и видете кој, каде и колку навистина понудил било каков концепт за спас на Македонија?!

– Откако ќе ја видите целата слика, погледнете од каде извира изворот на чистата вода и ќе разберете зошто секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ се издига, има толку многу „демократија“ и „македонски концепти“ и дузина на други активности кои упорно се трудат да го оневозможат македонскиот народ да се обедини и токму истите се најзаслужни што сеуште постои толкава какафонија и недоразбирање помеѓу луѓето.

И за крај, вистина е дека да има човек свое мислење, е работа на совеста, но, што правиме со оние кои истата ја немаат и единственото за кое се способни да се грижат е својата нестабилна психолошка состојба, која ја регулираат преку манипулации и потенцијален грабеж за сметка на македонското национално достоинство!

Иванка Василевска, Универзитетски професор (25 септември 2019) 

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата