Фатих Акин во Битола: Не го сакам холивудскиот стил на претставување на сериските убијци како секси и интелигентни

17.09.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фатих Акин во Битола: Не го сакам холивудскиот стил на претставување на сериските убијци како секси и интелигентни

Не го сакам холивудскиот стил на претставување на сериските убијци како секси и интелигентни, рече режисерот Фатих Акин говорејќи во Битола, во рамки на фестивалот „Браќа Манаки“, за неговиот најнов филм „„Златна ракавица“ што публиката имаше можност да го проследи синоќа на фестивалот. Тој денеска под модераторство на директорката Гена Теодосиевска одржа мастер-клас, на којшто присуствуваша и кинематограферот Рајнер Клаусман, со кој заедно соработуваат повеќе од 15 години.

Акин пред голем број присутни новинари, филмаџии и гости во Центарот за културата во Битола кажа дека во главата на неговиот сериски убиец кој е прикажан во „Златна ракавица“ нема ништо, а во моментов тој сака да се занимава со ништото.

Познатиот режисер со турско потекло објасни дека филмот го снимал според романот, а настанот со серискиот убиец во Хамбург се случувал во неговото соседство. Запрашан како ја објаснува индиферентноста на околината на серискиот убиец и можноста тој да делува цели 5 години, и дали таков случај може да се повтори денес, Акин изрази верување дека тоа е можно.

„Јас и ден денес живеам во истиот тој кварт, за разлика од порано, кога беше третиран како гето на имигранти, денес е фенси дел од Хамбург. Тогаш никој не би се осврнал на примедбите на турските гастарбајтери дека нешто ужасно смрди во соседниот стан, бидејќи тогаш би им рекле дека самите Турци смрдат“, рече Акин пред присутните во салата.

Во разговорот што траеше околу час и половина, режисерот отворено говореше за неговите почетоци во кариерата, инспирацијата и соработката со актерите. Рече дека сака да учи нови работи и смета дека најдобрите нешта што можат да му се случат во животот на човека се различните искуства. Околу работата со светската актерска ѕвезда Дијане Кругер во филмот „Од никаде“, Акин вели дека таа на некој начин ја спасила неговата кариера, која во тој момент имала надолна линија. Но, од друга страна, и Акин на некој начин ја спасувал нејзината кариера во тој период.

„Секој режисер на почетокот мисли дека е најдобар, и тој егоизам не е лоша работа, бидејќи потекнува од неговиот начин на живот во младоста, неговите пријатели. Во младоста имав други инспирации, денес имам други“, вели Акин.

Тој со кинематограферот Клаусман има снимено 8 играни филмови, почнувајќи од „Солино“ во 2002 година. Со филмовите „Со глава во ѕид“, „Работ на рајот“, „Соул кичен“, „Раз“, „Збогум Берлин“ и „Од никаде“, Акин како режисер освојуваше награди на престижните фестивали во Венеција, Кан, Берлин.

Елена Тарчуговска

 

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата