Понеделнички

Катица рече дека знае

15.09.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Катица рече дека знае

Да, се согласувам дека нема правда во обвинителствата и судовите но,  дочекавме космичка правда пред свои очи, ако е тоа за некоја утеха. СЈО го избришаа од картата на постоење, а се што било во него, или со него е поврзано е фрлено на ѓубриште на историјата и таа институција ќе остане запамтена како Информбирото и Голи Оток на генералот Јово Капичиќ кого, во негово време, го славеа исто како што до пред некој месец-два ги славеа Катица Јанева и нејзините.

И Информбирото, и Голи оток, и идолошките комитети, и прогоните за вербален деликт односно мислење и збор... и денес СЈО, не случајно, се производ на комунистите. Било оригиналните, било денешните неокомунисти кои ги спасија своите имиња и имоти на Водно, Лагадин или Маврово кога се прешалтуваа во социјалдемократи. И така, прешалтувани, ги затворија и поделија меѓу себе фабриките кои беа наши, па ден денес од тие украдени богатства гледаат врз сите нас од нивната црвена буржоаска височина и коментираат колку е ова прост народ, како им се гади од Македонија и жалат што не заминале оттука на времето. А знаат секаде, освен тука, би биле комунитички шљам.

Затоа, после децении работа во политиката, за мене една од најголемите тајни е зошто воопшто некој што не живее на Водно гласа за СДСМ, за прешалтуваните комунисти?! Јас лично потекнувам од фамилија на првоборец, мојот вујко Ванчо Наумовски меѓу првите заминал во партизани од Мраморец, славна Дабарца, и излегол од војната ранет и тежок инвалид, па и заради тоа денешниве неокомунисти ги сметам за предавници на партизаните, особено откако Заев го смени Уставот и ги исфрли Македонија и АСНОМ.

Да се вратиме на СЈО, Информбирото на нашето време.

Героски, од кого почна пишувањето за Рекет, по консултации со правни експерти бара замрзнување на сите предмети кои ги водело СЈО.  Едноставно, целата институција е компромитирана, како што се компромитирани и партискиот идеолошки комесар на неокомунистите, државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски и неколку судии кои ги воделе предметите на СЈО по налог и по упатства на Катица Јанева и Заев, а некои од нив се спомнуваат и во сведочењата за Рекет додека другите чекаат во ред за обелоденување.

Најмалку четири-пет предмети на СЈО се невозможни за понатамошна процедура од причини што во нив директно е вмешана Катица Јанева која барала рекет за тие предмети: Империја, Поштенска банка и Базни станици како и предметите за ВМРО во кои случаи Катица Јанева му нудела трговија на Даскалот Мицкоски да се гласа за нејзин нов мандат за таа да ги заташка. Никој нормален не верува дека тие предмети за потреби на рекетирањето и трговиите не се пакувани, вадени докази или додавани лажни изјави и документи.

Од двеста и кусур испитани лица за предметите на СЈО многумина ќе потврдат дека при исказите трпеле закани дека ако не кажат тоа што од него се очекува и за нив има сомнителни телефонски разговори кои ќе ги натоварат со истрага и обвинение. Тоа е масовна појава која повторно е употребена за рекетите на Катица Јанева и Боки 13. Зошто? Затоа што ако некој сака да истурка рекет од милион евра мора претходно на рекетираниот да му набие страв и даде доказ дека заканата е можна за остварување.

Кога тренер на еден тим ќе биде фатен дека местел натпревари во превенството целиот тим се казнува, а сите резултати се поништуваат и тимот се сели во трета лига. Секаде е така, почнувајќи од Италија па се до Америка.

И Заев го знае тоа, но знае исто така колку местенки за негови потреби правеле во СЈО и дека мора да ја брани Катица по секоја цена. Без срам и јасно на преговорите со ВМРО изјави дека Катица за десет дена излегува во куќен притвор! Он знаел, пресудил.

Засега, заштитен од пропејувањето на Јанева бидејќи има баланс на обостран страв: тој се плаши од Катица да не пропее, а таа се плаши од него да не отвори истрага и за нејзиниот син кој е потписник на фантомските договори за лажните старски домови кои се користени за рекет од Боки 13.

Дали заборавивеме, Катица при излегување од распит кај Вилма Рускоска, на прашање од новинар: Дали знаете каде се парите од Рекет одговори - да! Никој не ја допраша, и до денес никој не прашува ниту открива, каде се парите од Рекет. Катица рече дека знае!

Најупатените во правото и работата на СЈО, како професорите Тупанчевски или Калајџиев и десетина познати адвокати и поранешни обвинители,  тврдат дека и СЈО и нивните предмети се мртва работа, и се друго е силување на правото кое нема врска со правната наука ниту со законите. Законот за СЈО е лекс специјалис, значи создаден само за таа институција и намена. Нивните постапки се темелат на докази од незаконски прислушкувани телефонски разговори кои, и сами по себе, се надвор од Уставот и Законот за кривична постапка. Правото на СЈО да ги употребува телефонските разговори како доказ не е преносливо за потреби на Јавното обвинителство кое мора да се држи до постојниот Кривичен законик и Законот за кривична постапка каде таквите разговори се незаконски. Оттаму, сите докази во постојните судски предмети, како и во незаконските истраги на СЈО по ставот на Врховниот суд – се компромитирани.

Уште сега знаеме дека Катица Јанева, и СЈО, користеле за рекет најмалку четири-пет предмети на СЈО, а допрва за тоа треба да и се суди. Што ако во текот на судењето, а тоа е сосема можно, произлезе дека за рекет индиректно или директно се употребувале и компромитирале и други предмети? Што ако се покаже дека Заев имал барања и налози до Катица за постапување по одредени предмети на СЈО, а за возврат ја покривал додека таа со Боки и неговите функционери од СДСМ рекетирале... Зарем е согласно правото и законите луѓе да бидат осудени на затвори, а дури потоа да се утврди дека им се правела истрага и судење по барање на Заев и со пакување на предметите од Катица и судиите.

Не сме заборавиле, комисијата за реформи на правосудството ја предводеше премиерот Зоран Заев, и потоа се е јасно, очекувано и предвидливо. Сега гледаме зошто на Заев толку му била важна власт над судии и обвинители.

Се покажа дека СЈО е еден голем бизнис за кеш и алатка за елиминација на политички противници. Во бизнисот има поранешни вработени во овдешните амбасади, адвокати, неколку судии, невладини организации за формално покривање на бизнисот... Има и објавени фотографии со средба на некои од тој тим со државниот обвинител Јовевски, во деновите кога таа беше апсена а Советот ја разрешуваше Катица Јанева, а Јовевски предлагаше вд шеф на СЈО. Тие беа сликани на консултации во кафетерија на бензинска пумпа во Скопје.

Само бизнис и ништо повеќе од тоа. Што би рекол пратеникот Илија Димовски, на сила и вон закон создадено заврши како што е и направено. Срамно и со презир. Можеби некој што ги создавал имал сосема спротивни намери, но крајниот резултат е овој.

Политичката шизофренија на неокомунистите е наследна, од генералот Јово Капичиќ до неговата Катица Јанева. Може Заев уште некое време да го троши капиталот земен од дипломатите како наплата за продадено национално и уставно име, двојазичност и продадена историја но, тој капитал се троши со брзина која за него е вртоглава. Неговите колеги како генералот Недиќ во Србија, или адвокатот Анте Павелиќ во Хрватска... па се до началникот Емануил Мане Мачков роден во Скопие Царска Б’лгарија и Коте од Руља во Македонија нека му бидат поука. Од судбината не се бега.

И, да го повторам она што Заев го бутка под тепих: Катица јавно кажа дека знае каде се парите од Рекет, а ние чекаме детали. Тоа е прашањето кое го мачи нашиот премиер.

За година- две, кога ќе ве прашаат што беше тоа СЈО, што ќе им кажете?

(16.09.2019)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата