Овде и сега

Cogito, ergo sum

11.09.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Cogito, ergo sum

„Мислам, затоа и постојам“ е познатата Декартова парадигма која говори за коренот на кој што почива западната современа филозофија. На нејзините постулати, е изградена целата космологија која ја стави индивидуата на пиедесталот на планетарните случувања и достигнувања. Целата научна и световна цивилизациска мисла, со векови, од темниот среден век до денеска, се стреми кон издигнување на универзалноста на неотуѓивите права на индивидуата, која по своја волја, управувањето со својата судбина го испреплете со судбините на другите индивидуи, кои своеволно или самоопределни ја организираа својата посебност во создавањето на нациите и националните држави.

Многупати сум пишувала, дека една од најголемите придобивки на Француската револуција од 1789 година е секако вековниот стремеж со кој се уриваше апсолутизмот и конечно оваа победа, натопена со човечка крв и многу страдања, по Првата светска војна стана реалност, благодарение на визионерството и идеализмот на американскиот претседател Томас Вудроу Вилсон во 1919 година. Иако е јасно дека целата човекова цивилизација, својот развој не го должи на колективниот раст, ами на брилијантноста и саможртвата на генијални поединци кои со својата работа ги воделе низ историските циклуси побавните, понеталентираните и поакомодираните, сепак финално, општо прифатените правила на игра, се привилегија на сите и секое едно човечко битие, денес ги ужива нејзините придобивки.

Затоа е сосема извесно зошто Македонското прашање, кое по којзнае кој пат во историјата е ставено во состојба на комплетно затворање, или поточно кажано, бришење, предизвикува толкав револт и толкава огорченост кај Македонскиот народ, но и кај сите оние кои не ги контаминирала оваа глобалистичка завера.

Доколку се држиме до основите, кои јасно ја покажуваат основата да бидеме загрижени, дотолку повеќе сите оние кои пробуваат на сила или со негирање да го изместат фокусот на размислување, претставуваат сериозен општествен канцер, кој во состојба на комплетна апатија, ги контаминира сите здрави спони на македонското општество. Токму затоа, комодитетот со кој ненародната власт така слободно преминува покрај бесконечната пранк глупавост на инсталираниот премиер, на криминалот и корупцијата со која се служат неговите најблиски соработници, на јавниот криминал во судството, каде цените за притвор достигнуваат милионски суми, на јавната корумпирана проституција со јавните добра и услуги се неоспорен доказ дека сме ја поминале критичната точка на вриење и дека доколку не се извојуваат предвремени парламентарни избори, мошне е извесно дека следната етапа ќе доведе до јавен канибализам, нешто што Зоран Заев го најавуваше уште во времето кога ни неговите сопартијци не сонуваа дека е возможно на крајот да успее да ја запоседне власта.

Затоа не е лошо да се потсетиме, со каква изборна програма излезе актуелнава власт на последните парламентарни избори?

– Кои беа нивните програмски определби и со каква реторика настапија за да ги убедат тие што ги поддржаа дека е потребна промената на власта. Во време на инстант решенија, инстант политичари и инстант декласирање на сѐ што не е според вкусот на теророт и корупцијата, отворањето на оваа дилема ќе значи многу за сите оние кои искрено веруваат дека една од најважните задачи на една свесна индивидуа е токму зачувувањето на темелните вредности врз кои е изградена современата македонска национална држава во 1944 година.

И уште едно клучно прашање, кое говори многу за подготвеноста и за зрелоста на македонското општество, а се однесува на внатрешното чувство кај секој еден од нас. Прашањето дали навистина некој до сега почувстува подобрување во било која смисла, по „големата победа“ на овие неранимајковци? – Дали се чувстувате посигурни, послободни, побогати и најважно, дали сте среќни со ова решение?

– Дали сите постапки и сето неправо кое го применија, сиот овој чемер и јад, беа вредни да им се даде можност да бидат удостоени со толкаво трпение?

– Дали се запрашувате како пред очи ни ги изместија сите приказни и со кои средства ги принудија сите соучесници во велепредавството на нацијата, да бидат статистика во нелегитимните дејствија кои ги сторија?

– Дали верувате, дека со неправо се доаѓа до правда и дека доколку ја наведнеме сите толку ниско главата, нема да ни се распрска челото од македонската земја која ечи и јачи од овој ненароден, одроден и бескичмен сој?

Дузина на други прашања, се редат и не само што не држат ноќе без сон, туку и предизвикуваат толкава мачнина, што е навистина дегутантно да се дрзне некој и да ги одрече или пак да се потруди да најде оправдание за сите овие зла. Токму затоа, силно верувам дека победата над овој мрак ќе биде извесна само преку индивидуалното освестување на македонските граѓани.

Следниот народен бунт, ќе биде моќниот и неоспорен отпор кој ќе ја изрази народната волја против велепредавството на националните и на државните интереси. Во оваа битка нема седење на две столчиња, нема простор за суета и за лична корист, ова е битка за највисоките национални и државни интереси и истата мора да биде беспрекорна и во интерес на државотворниот македонски народ и на сите македонски граѓани кои сакаат нормален и достоинствен живот.

Секој друг аргумент, не е вреден за дискусија и нема простор во овие услови да биде прифатен како корисен. Парадигмата на македонското проклетство, искажана во филмската реплика на великанот Шишков: Чија песна ќе ја пееме, нашата или вашата? – Денес е повторно главната тема околу која секој од нас ќе треба длабоко да се замисли...

Иванка Василевска, Универзитетски професор (11 септември 2019) 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата