„Слободна Европа“: По најдобрата година, најслабо полугодие за странски инвестиции

10.09.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Слободна Европа“: По најдобрата година, најслабо полугодие за странски инвестиции

Во мај и во јуни годинава странските инвестиции се во минус од 13 милиони евра, односно толку биле повлечени од Македонија. Лани во земјава влегоа рекордни 624 милиони евра странски инвестиции, а во првите шест месеци од годинава има само 55,6 милиони евра, што е најслаб резултат во изминатата деценија, анализира Слободна Европа.

-Во првата половина од годинава во Македонија влегле само 55,6 милиони евра странски директни инвестиции, што е најслабо прво полугодие во изминатата деценија. Минатата година, пак беше најдобрата година за привлекување странски инвестиции и во првото полугодие од 2018 година влегле скоро шест пати повеќе пари отколку годинава, односно 312 милиони евра, објави порталот.

Слободна Европа: Што се случи? Како по најдобрата година веднаш уследи најслабата година во привлекувањето инвестиции?

Опозицијата критикува за неспособност, власта вели дека инвестиции има, ама методологијата на Народната банка дава некомплетна слика. Бизнисмените, пак, велат дека странските инвеститори бараат владеење на правото за да имаат сигурност на вложените пари, а Македонија не може да се пофали на таа тема.

Земјава лани беше „доброто момче“ на Балканот, решавањето на споровите со Бугарија и со Грција, поканата за НАТО и откочувањето на евроинтеграциите го зголемија оптимизмот дека состојбите во Македонија се средуваат, велат бизнисмените. По решавањето на надворешните проблеми, работата запна со „домашната задача“. Реформите во судството се во ќорсокак, има проблеми со донесувањето на новиот Закон за јавно обвинителство, а последната афера Рекет само ја доурниса и онака ниската доверба во правосудниот систем.

Токму отворањето на аферата со рекетирање бизнисмени коинцидира со драстично намалување на странските инвестиции. Податоците на Народната банка покажуваат дека во мај и во јуни годинава земјава е во минус од 13 милиони евра, односно не само што не дошле инвестиции, туку и тие што се тука си ги повлекувале парите.

Во владата велат дека од почетокот на мандатот со реализација започнаа 20 проекти на странски компании во и надвор од технолошко индустриските развојни зони, а шест од нив веќе почнаа со работа и вработуваат 1100 луѓе. Кога ќе почнат со работа и другите, ќе се вработат над 5000 луѓе. Владата останува посветена на привлекување на реномирани светски познати и квалитетни странски компании, велат тие.

Целата вест прочитајте ја на Слободна Европа

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата