„Развој на филмска маркетинг стратегија“ – работилница со Матијас Ношис во Скопје

10.09.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Развој на филмска маркетинг стратегија“ – работилница  со Матијас Ношис во Скопје

На покана од „Медиа Деск МК“ во Скопје на 2-ри и 3-ти октомври, Матијас Ношис, основачот на една од најреномираните маркетинг агенции за филм „Алфапанда“ ќе одржи предавање и работилница специјално наменета и адаптирана за македонските филмски професионалци со цел нивно усовршување во областа на филмскиот маркетинг и развојот на маркетинг стратегија.

Во програмата ќе бидат опфатени главните аспекти на маркетинг во филмот со фокус на маркетинг стратегии за независни филмови, како и практични совети за апликацијата на „Медиа“ во делот кој се однесува на маркетинг стратегија. Дополнително, одбрани проекти ќе имаат можност за индивидуални консулатации со Матијас Ношис.

Агенцијата „Алфапанда“ има свои канцеларии во Берлин, Варшава и Женева, а дел од нејзините клиенти се 20th Century Fox, Warner Bros., Евроспките филмски награди, како и филмовите „Фаворитот” на Јоргос Лантимос, „Облик на водата“ на Гилермо Дел Торо, „Не допирај ме“ на Адина Пинтилие и многу други. Предавањето кое ќе се одржи на 2-ри октомври е отворено за јавност, но заради ограничен број на места потребна е потврда за учество.

Неодамна во рамките на 10-то издание на „Македокс“, се одржа првиот форум за ко-продукции во документарниот филм „МакеCoProDox”, а она што следува се филмски разговори на тема успех кои ќе се случуваат за време на 40-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во соработка со „Медиа“ Хрватска и Хамбург на 19-ти септември во Битола. За тоа колку успехот може да биде поттик или стапица ќе зборуваат швајцарскиот кинематографер Рајнер Клаусман најпознат по соработката со Фатих Акин; германскиот режисер номиниран за оскар Макс Цале; Дубравка Турич, монтажерка од Хрватска чие режисерско деби доби награда за најдобар краток филм во Венеција; и македонската режисерка Елеонора Венинова која со својот последен краток филм имаше премиера во програмата Кензен во Кан. Во Битола, доаѓа и Мартина Петрович директорката на „Медиа“ Хрватска со која нашите филмски професионалци ќе може да закажат индивидуални консултации.

Од оваа година Северна Македонија стана дел од „Еуро конекшн“ (Euro Connection), платформа за ко-продукции на кратки филмови во рамки на фестивлаот „Клермон Феран“ во Франција, со што и македонските продуценти ќе може да аплицираат преку „Медиа Деск МК“ кој е национален координатор на оваа платформа.

Досега, годинава македонските проекти добија вкупна поддршка од 353,867 евра од програмата Креативна Европа Медиа.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата