Сега и овде

Говор без омраза

28.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Говор без омраза

Има еден феномен во виртуелниот интернет простор кој стана акутен во севкупното живеење кај нас. Особено последните десетина години, истиот ја извитопери својата првична намена и се престори во вистински ринг во кој секој и во секое време, стана и обвинител и егзекутор во јавниот простор.

Во ерата на интернет комуникациите, каде информациите и знаењата се на дофатот на еден клик на пребарувачот, секојдневно се соочуваме со несопирливото торнадо на коментари кои без никаков филтер стануваат јавна вест. Во таа смисла, она што претставува веќе одамна отворена дебата на планетарно ниво, кај нас, за жал, сеуште стои длабоко закопано во темницата. И истото би било во ред, само во случај кога модерната цивилизација би се потпирала врз некои сосема поинакви аргументи, од оние кои се општо прифатени како кодекс за јавно или ако сакате, добро однесување. Во оваа сфера, секако има и отстапки, а истите можеме да ги најдеме во хуморот и сатирата, особено онаа политичката, во која е не само дозволено, туку и би рекла нужно да се отвораат слабите карики на јавните личности, кои во улогите кои ги носат нивните позиции, честопати мора да бидат етички зауздани од оние кои ги делегирале.

Секако и професионалното новинарство, преку активните истражувачки стории претставува уште еден репер, преку кој ќе биде санкционирано или афирмирано одредено однесување во јавноста, ова пред сѐ во политичка смисла, но, истото се разбира не ги исклучува и останатите сфери на општественото битисување. Од тие причини, ценам дека оваа дебата не само што отсуствува, туку истата е очигледно дека намерно се трга настрана, веројатно со цел јавноста да биде оставена на милост и немилост на фекализираните и далеку од реалноста „логични ставови“ кои се пласираат во јавноста.

Зошто е ова тема на која мора да почнеме да дискутираме?

– Пред сѐ, затоа што само на овој начин ќе го допреме најесенцијалниот елемент т.е. психологијата со која во моментов се узрупира јавниот простор и токму со нејзините методи се контаминира креирањето на јавното мислење во екот на оваа специјална војна. И од таа најглавна причина, една од најсилните алатки, со која неповратно се наштетува на обединувањето на нацијата зад основните црвени линии, зад кои нема отстапување, претставува секако оваа разуздана сеопшта хистерија, со која секоја здрава карика, која би придонела и на минимално ниво би овозможила проток на крвотокот низ општествениот организам, станува контаминирана од маргинални „сезнајковци“ и разно разни фриленсери кои наменски или самоиницијативно ја пополнуваат празнината во реалниот живот, со активна и најчесто комплетно промашена виртуелна узрупација низ интернет просторот.

Ова во секој случај, е особено интересно за проучување не само за психолозите, туку и за социолозите, како и психијатрите, бидејќи многумина кои ги покриваат овие стручни области потврдуваат дека ставовите кои одредени лица ги искажуваат низ социјалните мрежи, се сосема спротивни од оние кои ги искажуваат во приватна средина или пак во ситуации кога се нашле лице во лице со „темата“ која толку темелно ја обсервирале кога се наоѓале во удобната сенка на самотијата пред мониторот!

Токму тука, несомнено доликува еден од многуте цитати на Марк Твен, кога вели дека: (цит.) „...Никогаш не се расправај со идиот, ќе те повлече на дното и ќе те докрајчи со искуството“!

– Што во секој случај е во корелација со првата лекција за креирање на јавното мислење, која вели: „Интригата е како перница која сте ја исекле и сте ги расфрлале пердувите од нејзината внатрешност од покривот на една зграда. Колку и да се обидувате да ги соберете, никогаш нема да успеете повторно да ги вратите сите пердуви во неа“.

Од тие причини, на креаторите на хаосот, најмногу им одговара ваквиот тек на настаните. Во услови кога малкумина читаат или слушаат, а мнозинството е навидум целосно информирано од бомбастични најави и мноштво на непроверени информации, слободата на мислата станува заложник на ниските страсти и на неморалниот и неетички однос кон пласирањето на вистината.

Ова неодговорно однесување директно влијае врз важните општествени одлуки и ја замаглува најсветата улога на граѓаните, создавајќи привид дека потпирајќи се на својот сопствен суд донеле одлука, а во суштина, претставувале мета на добро оркестрирана пропаганда која потсвесно ги кодирала своите цели и со тоа практично им ги одземала гарантираните права на индивидуите да одлучат во интерес на својата иднина. Ако сметате дека ова што ви го предочувам е премногу за да биде вистина, ќе ве замолам да погледнете кој владее со Република Македонија во моментов и што добивте со истото од нивното доаѓање на власт до сега.

И нешто уште пострашно, проверете ги методите и алатките кои се употребија за да се парализираат македонските граѓани со цел да се урниса севкупниот државен и уставен поредок на Република Македонија.

Доколку се потрудите, веднаш ќе ви стане јасно каде е тежиштето на овој вител кој не одвлечка на дното и речиси не удави со својот брутален и ладнокрвен предавнички здив. Од тие причини, упатувам јавен апел до сите мои сограѓани, сериозно проверувајте ги информациите, читајте, директно прашувајте и слушајте, зошто времето е најдобриот судија и критичар, но, одговорноста е на нашите плеќи и нашите одлуки ќе влијаат на идните поколенија, кои за разлика од бескичмените релативизатори кои за сериозни суми ги програмираат своите потомства со двојни државјанства и странски дипломинашите деца немаат резервна татковина!

Иванка Василевска, Универзитетски професор (28 август 2019) 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата