Владата тоне во корупција и во афери, а институциите се политички притиснати и парализирани, истакна денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој посочи дека нема никаков напредок во расчистувањето во скандалот „Леонардо“, во кој, како што рече Стоилковски, според аудиодоказите, директно е вмешан генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
Партискиот портпарол наведе дека нема никаков напредок, ниту за случајот „Тополки“.
„ДКСК на 9 мај оваа година отвори предмет за Кочо Анѓушев, вицепремиер во државната мафија, за случајот ‘Тополки’, во кој директно се вклучени Кочо Анѓушев како вицепремиер и брат му Тодор Анѓушев. Од 9 мај, четврток, до овој четврток денеска, 23 август, три и пол месеци Комисијата има отворен предмет, ама нема никаков резултат“, кажа тој.
Стоилковски порача дека ДКСК не смее да биде тампон-зона, односно не смее да биде алиби за криминалот.
„Притисоците што ги вршат членови на државната мафија, како настапот на министерот за внатрешни работи пред вратите на Комисијата, мора да сопрат, а антикорупционерите мора да си ја сработат работата. Сè друго е соучесништво“, наведе тој порачувајќи дека на Македонија ѝ се потребни итни избори.
извор: Makfax