Дали следните бомби ќе бидат од Германија

20.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Дали следните бомби ќе бидат од Германија

Не се секирај, се ќе биде океј“. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во улога на сведок денеска пред обвинителката Вилма Рускоска која ја води истрагата за „Рекет“,треба да објасни што значат овие зборови, но и други нејзини изјави слушнати на спикерфон, во телефонски разговори меѓу првоосомничениот во тој случај, Бојан Јовановски и Јордан Камчев, осомничен во предметот на СЈО, „Империја“, пишува Дојче веле.

Второосомничениот во „Рекет“, Зоран Милески - Кичеец вчера неколку часови даваше исказ во Обвинителството, но засега нема информации за неговата содржина .

Првата адреса на торбата

Истрагата е пред тешка задача: треба да открие дали имало трговија со влијание со лице од СЈО за да се олесни положбата на Камчев, но и каде завршила торбата со еден милион евра што тој ја дал за таквата ветена услуга? На видео снимката објавена во онлајн изданието на италијанскиот весник „Ла верита“ се гледа и слуша за сумата што Камчев ја подготвил да ја предаде за таа цел, со која, спакувана во торба Јовановски и Милевски заминуваат од неговиот дом.

Каде завршија парите – е најпоставуваното прашање во јавноста. Вештачењето на телефоните кои ги користеле осомничените не е завршено, но според експерти, не е тешко да се открие маршрутата на осомничените откако заминале со торбата со пари.

Со оглед дека оштетениот дал видео и аудио докази на кој датум и во колку часот се случило предавањето на парите, базните станици на телефонските оператори чии услуги ги користеле осомничените можат да го откријат нивното движење тој ден – почнувајќи од првата адреса на која стигнале со торбата, но и другите локации на кои престојувале потоа, заедно или одвоено.

Во интерес на истрагата од Обвинителството засега не соопштуваат детали дали веќе имаат обезбедено докази со кои може да сколпат коцките од мозаикот.

Случајност или координација?

Притисокот за расчистување на овој случај не стивнува. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го користи за обвинувања дека случајот не би добил такви димензии без инволвирање на лица од врвот на власта, поради што се сомнева во исходот од истрагата и смета дека се нужни предвремени избори. Од партијата подолго време праќаат сигнали дека имаат сознанија за криминал и за други случаи. Пред една недела, кога премиерот Заев даде јавен одговор за што разговарал со градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, (откако Беџети го обвини премиерот за наводни интервенции за разрешување на претседател на суд) лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара од Заев да одговори и за други разговори.

„А Васко Ковачевски за тендерите со ископот во РЕК Битола за што разговараше? А Китанов за експресниот пат Штип-Радовиш за што разговараше? А Филипче за тендерот за стерилизација во Италија за што разговараше? А вие господине Зоран Заев со ДАН Дончев и Киче за оние 11.000.000€ се сеќавате од Диамед за што разговаравте? Ќе има уште прашања во периодот кој следи”, напиша Мицкоски на на Фејсбук.

Случајно или не, Ларис Гаисер, авторот кој во „Ла верита“ објави снимки за „Рекет“, во разговор со некои македонски портали најавил нови снимки. Според неговата најава, новите материјали би требало да ја докажат поврзаноста на високи претставници на власта во аферата „Рекет“, а наводно биле поврзани со случувања во здравствениот сектор.

Засега се шпекулира и дека тие снимки можеби нема да бидат објавени во истиот италијанскиот медиум, бидејќи за нив наводно бил заинтересиран и познат германски весник.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата