Понеделнички

На пола пат до пеколот, и чекор повеќе

18.08.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
На пола пат до пеколот, и чекор повеќе

Премиерот барал поддршка од функционер на ДУИ да се смени претседател на Врховен суд... Шефицата на СЈО им се заканила на колегите дека ако не ја поддржат во истрагата за Рекет и таа има што да каже, и ќе ги повлече сите по себе... Премиерот изјавува дека владата сакаат да му ја урнат неколку криминалци, суетен новинар и еден педер... Лице барано по потерница од Интерпол за масовни убиства уапсено, па пуштено без екстрадиција... Судот во Шведска ослободи гонет за влез во Собрание бидејќи за делото тероризам за кое се гони нема докази, а судењето е политички мотивирано... После три години тортура врз судството од страна на СДСМ и СЈО анкетата на Центар за правни истражувања и анализи на судството му дава срамна оценка – два! Најниска оценка за било која државна институција од самостојноста до сега, откако исполнија се што бараа СЈО и СДСМ.

Неодамна, да се заташка скандалот Рекет, уапсија бивш директор на Централен регистар бидејќи имал вработена што не доаѓала на работа а примала плата. Хазби Лика, вицепремиер и колега на Заев две години не доаѓал на работа а земал плата. Дали Заев одговара за тоа? За тоа, и за 900 Албанци вработени по рамковен кои три години не доаѓаат на работа бидејќи немале знаење, или немале работа за нив.

Има уште но, просторот е ограничен. Дали било каде, било кога, сте прочитале дека сево ова се случило за само десетина дена во некоја држава, а власта да опстанала. Не. Ни јас. А има уште, од непотизам до корупција како тендер од 780.000 евра за потреби на влада, и уште околу 150.000 евра за општини на СДСМ кои ги добила една фирма блиска на власта за да им става цвеќиња во вазни и, уште потрагично, за изнајмување режани и пластични цвеќиња. Пази, за изнајмување! Едни исти цвеќиња, особено пластичните, ќе се шетаат од едно до друго место платено од различни тендери и за тоа, без да се потрошат пластиките и цвеќињата кои се шетаат, ќе се наплатат 930.000 евра од сите места поединечно за истото изнајмено цеќе што се шета натаму-наваму! Само ова да е неделава, владата би паднала.

А владата не паѓа. Се уште го троши капиталот кај странците заработен со продажба на историјата, промена на уставното име, двојазичноста, подготовките за федерализација... Но, помината е точката на стабилност, и сега владата е во слободен пад. Нема амбасада која може да го сопре, а не се ни трудат веќе околу Заев како порано. Катица ја пеплоса меѓународната заедница, а Заев се пакува.

Кога сме кај Заев, неговата последна прес конференција со барањето виновници за сопствената состојба во педери и новинари, кои до вчера му беа омилени и се сликаше со нив, покажува дека човекот веќе не се котролира себеси, а одамна не ја контролира ситуацијата. Му требаше година дена да разбере дека разговара со лажен Порошенко, и три години дека го искористуваат педери и суетни новинари.

Кога состојбата е сложена, како што е сега, и кога моќта без ограничувања и одговорност која ја имаа Заев и Катица Јанева излегува од контрола, најпаметно е човек да погледне во науката. А во науката постои жена, психолог, која се вика Елизабет Киблер Рос. Светски е позната по тоа што по две децении набљудување и проучување соодветни состојби успеала да дефинира пет стадиуми, пет фази на загуба и на смрт кои, низ уметност, генијално ги прикажа и Боб Фосе во филмот Сиот тој џез со Џесика Ланг, во филмот видена како смрт.

Да. Киблер Рос моделот е до последна запирка применлив на сегашната состојба во која се наоѓаат Зоран Заев, Катица Јанева и македонската влада. Применлив како модел за следење на пад, губење власт и моќ, и политичка смрт. Ова е тоа:

  1. Негирање — „Ма добро ми е! Ова сигурно не ми се случува мене“. За најголемиот број луѓе ова е краткотраен механизам на одбрана. Индивидуите веруваат дека станува збор за грешка и цврсто се држат до погрешната перцепција на реалноста.
  2. Лутина — „Зошто јас! Не е во ред! Како тоа можеше мене да ми се случи?“ Кога човекот ќе помине во втората фаза почнува да разбира дека со негирање на реалноста не може понатаму да продолжи. Поради погрешно насочениот бес кон најблиските, во оваа фаза, тешко е да му се пружи грижа на поединецот.
  3. Спогодување/преговарање — „Ќе сторам се што можам за ова малку време што го имам; ќе дадам сѐ што имам ако...“ Третата фаза започнува со надеж дека поединецот, некако, може да ја одложи загубата. Психолошки, поединецот всушност знае дека дека е крај, но бара нешто што би му го продолжило траењето за уште малку. Спогодувањето ретко кога е успешно решение.
  4. Депресија — „Толку сум тажен/тажна зошто воопшто би се трудел(а)? Ништо нема смисол и така наскоро ќе биде крај.“ Во текот на овој стадиум индивидуата ја сфаќа неизбежноста на крајот. Затоа во овој стадиум луѓето се повлекуваат, стануваат потивки, помалку посети примаат, жалат и плачат. Депресијата може да се смета за подготовка за она што следи, за крајот.
  5. Прифаќање — „Сѐ ќе биде во ред. Кога веќе не можам да се борам можам барем да се подготвам.“ Во текот на стадиумот на прифаќање поединецот, но и блиските се помируваат со неизбежноста на крајот.

Според нивните реакции Катица Јанева и премиерот Заев се во втората фаза – лутина. Следи фазата на потреба од спогодување, а потоа депресија и прифаќање. Нивната загубеност, гнев и лутина на себе и сите околу себе веќе се јавни. Па, како што рече Даскалот Мицковски, ова е процес на маратон а не трка на куси патеки.

Во гневот Заев се повлекува свесен дека не се контролира ни себе ни ситуацијата и го исфрла секој ден својот портпарол, малиот Манулаќ, да провоцира и поставува прашања до Даскалот Мицковски и тој, наместо Заев, да ја води борбата и комуникацијата. Заев признава дека не го може тоа. Даскалот, со професорска искреност, повремено му одговара на Манулаќ и потенцира дека Заев избегал од политичката арена, се крие зад други. Еднаш зад Шекеринска, друг пат зад Манулаќ... но, него го нема. А кога ќе се појави следи нов скандал, нов гаф.

Јавноста го гледа и препознава сето тоа. А допрва следат нови скандали, како фотографии од заедничка тројна вечера во домот на Боки 13 со Шекеринска и Катица Јанева. На вечера на која седат измамник со тапија, министерка со опашка од скандали и обвинителка која, нели, треба да биде подалеку од власта и да следи дали и кога власта влегува во корупција. Тие фотографии ги има во мобилниот телефон на Боки 13 кој се наоѓа во обвинителство, кај Вилма Рускоска.

Има и нови видеа, а и нови снимени телефонски разговори. Не би одел засега со детали но, стојам позади тврдењето дека постои телефонски разговор помеѓу Зоран Заев и извесно лице со влијание на процесот од кое Заев бара да не се објавуваат видео снимките од рекет на италијанскиот портал. Да сум на местото на Зоран Заев не би бил сигурен дека нема снимени телефонски разговори за матни бизниси и со неговите братучеди.

Од позиција на три децении искуство со политика во мојата професија и докторат по ПР, да сум на местото на Заев ни случајно не би го правел ова што тој сега го прави. Во оваа криза тој ги повика и парот ПР менаџери од Белград кои му работеа за време на шарените протести. Имаа неколку фазони, како нивната идеја Саше Мактел да брка и понижува луѓе со бутање на телефонот во нивната фаца да одговорат на глупи прашања. Нивна е и идејата за графити Никад више ВМРО...  нивна е идејата да се газат, плукаат и палат слики на претседателот Иванов и Никола Груевски за да се понижи и урне нивниот авторитет во јавноста... Нивни е и Ленд ровер џипот со месеци паркиран пред штабот на СДСМ, но сега се други времиња и друга ситуација. Нивните ПР совети се – контрапродуктивни.

Сега ВМРО е опозиција која пишува графити, го гони како грешник Заев по социјални мрежи, а наскоро можеби и ќе ги гази и пали сликите на Заев по улици. Тоа се методи за уривање, а не задржување на власт. Но, Заев не ги разбира тие нијанси и разлики, и под притисок на својата фрустрација губи контрола. Власт никогаш, без исклучок, не смее да покаже гнев и лутина.

Да сум на местото на Заев сега не би барал крв и газење по опозицијата. Тие истите наскоро ќе бидат власт. Четири години се понижувани, апсени, гонети и малтретирани од Заев и Катица Јанева и, кога власта ќе се смени, одмаздата ќе биде неизбежна и никој, па ни даскалот Мицковски, нема да може да ја запре. Многу луѓе се жртви на Заев и СЈО. Луѓето ќе излезат од затвори, европските судови уште сега не ги признаваат политичките процеси што ги водат македонските судии и тоа е клучен аргумент за барање и добивање европска судска рехабилитација.

Заев и Катица се на пола пат до пеколот, а со секој нов ден и некој чекор повеќе.

(19.08.2019)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата