Понеделнички

Ѓаволот дојде по своето

21.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ѓаволот дојде по своето

Работите со враќање на состојбите во уставни рамки, засега со правосудниот систем, се тргнати и нема назад. СЈО, неуставна категорија, падна на човечки фактор откако ја заврши својата намена. СЈО е производ на незаконско прислушкување и улична политика за насилно поставување на една власт која ниту имала победа на избори, ниту има капацитет да владее, ниту носела одлуки согласно уставот, законот и интересите на Македонците. СЈО беше само алатка на СДСМ и Зоран Заев за легализација на незаконско преземање власт и уште по незаконско владеење.

Кога завршија пржинските преговори беше договорено да се избере поединец, специјален јавен обвинител во рамките на ЈО, но од причини кои мене и ден денес не ми се познати и разбирливи Груевски се согласи наместо поединец да има нова институција која ја нема во уставот, за СЈО со 12 обвинители и сервис од над сто луѓе. Така да одговорност за ова и вакво СЈО, условно, има и тогашното ВМРО.

Кога се бираше шеф на СЈО логично беше да го води лице со авторитет и искуство. Проверен човек кој има што да загуби ако се појават предизвици, местенки или не дај боже можност за корупција бидејќи шефот на СЈО добива моќ надвор од устав, дипломатска поддршка, буџет од домашна и странски каси и ингеренции кои се поголеми и од оние на премиерот и претседателот на државата. Мојот предлог, за што пред изборот на Катица пишував, во рамките на предложените пет-шест имиња беше професорот Гордан Калајџиев.

Но, неколку часа пред објавата на изборот дознав дека Заев и Груевски се решиле за некоја, мене сосема непозната, Катица Јанева од Гевгелија која е локален јавен обвинител само една година, а претходно била заменик. Системот на Америте за решенија на кризен менаџмент да се одберат анонимуси и да ги дигнеш на клучни позиции за да ти одговараат само на тебе, и само на тебе да ти се должни беше видлив од авион. По истиот систем беше одбран и локалниот шериф од Струмица, еднаш веќе амнестиран, Зоран Заев за премиер. Се потоа е веќе познато.

Јасно баша дека целта дека проектот, за почеток, е промена на уставното име и двојазичноста во Македонија и дека тоа мора да се спроведе, нејасна беше само цената за тоа. Бришењето, уништувањето, аспењето, затварањето на сите што можат да бидат пречка за таа цел беше извесно. Јасно е дека авторитет како Гордан Калајџиев не би прифатил на таков валкан и душмански начин, кој го гледаме четири години, да ги спроведува истрагите на СЈО и да ги наредува судењата потоа.

И проектот, поддржан од силно екипирани и финансирани странски организации за создавање кризи како Канвас од Белград, кваизексперти од типот на Ван Хојте во соработка со домашни медиуми и невладини организации од кампот на СДСМ успејаа да создадат хистерија и омраза кон избрана група луѓе кои ги сметаа дека имаат доволно авторитет да се спротистават на промена на уставното име и двојазичноста. Да создадат омраза, хистерија и поделби во кои се бара крв и насилство врз избраните жртви. А тоа исполнето од Катица Јанева, дојдена од никаде и жива среќна што е на врвот од настаните и секој ден ја има на телевизија. Кога ја осети својата моќ без контрола и граници, јасно беше дека следи рекет и кеш.

Во таа хистерија сите беа осудени само ако им се појави името на комуњарските портали дополнето со селектирани податоци добиени на брифинг од некој од СЈО. Веднаш се бараше робија, без судење, без изјави на другата страна, без размислување: робија! Ако некој судија се фатеше да работи според закон беше осуден на плукање, омаловажување и веднаш со барање за негова смена бидејќи бил од режимот. Денес гледаме што е навистина режим. Тотална забегана власт.

Кога проектот заврши Заев и неговите Црвени кмери останаа сами, се најдоа на непознат терен и аздисани почнаа со рекети, уцени, грабежи, корупција, непотизам од размери кои Македонија ги нема видено кај ниедна влада досега.

Заев и Црвените кмери се денес во жива кал, колку повеќе мрдаат и претаат пропаѓаат се подлабоко. Пред некој ден видов дека во Скопје повторно дошол еден од нивните белградски советници кој ги водеше во време на создавање на кризата и хистеријата но, доцна е. Нивниот криминал е метастазиран. Тешко дека сега може да се применува познатата формула: штом влезеш во скандал или криза нарачај од СЈО апсење, притвори и снимај за народ да се забавува и да не мисли на власта. Мефисто, душа продадена на ѓаволот за да се дојде на власт. Власта ја добија, сега ѓаволот доаѓа по своето.

Обидот Заев себе и кримосите околу него да ги претстави како наивни е смешен и навредлив за јавноста. Не треба новинарот да знае кои се Кики, Боки, Фрики...  туку Заев треба да ги именува, а тој во паника и нервоза плус им се заканува на новинарите со судења! Објавува и декларација против криминал :) еј, тоа е нивна работа и обврска а не некакво мислење, декларација. Власт се трета година, богати како да се сопственици на силни европски компании, арогантни садисти кои три години уживаа во туѓи прогони и несреќи од нив лично нарачувани. Ни случајно не се наивни. Не, тие се корумпирана власт на заминување.

Што следи? Прво, следи кавга и поделба во кампот на СДСМ. Не крадеа сите, оние кои имале чесни намери сега се жртви на туѓите рекети, корупција и непотизам. Иљадници кои маршираа по улици за поддршка на Заев и СЈО сега се аморфна маса манипулирани луѓе кои се бесни на Заев и Катица Јанева, но и бесни на самите себе.

СЈО заминува, државниот обвинител Јовевски е исто така пред заминување а судиите веќе не им се плашат. Нивните невладини и медиуми без авторитет се соочуваат со беспарица. Главните алатки на овој режим почнаа да откажуваат.

Ситуацијата е критична. Американскиот ментор за Македонија, искусниот Филип Рикер и еврокомесарот Јоханес Хан доаѓаат во Скопје да ја ги средат работите. Од нив се чека став, и зависи дали и кога Катица Јанева ќе биде во притвор.

Слушам дека ќе има дешавки и во американската амбасада, па и истрага за можна внатрешна корупција. Имено, повеќе од дваесет години исти три лица се први локални советници на американските амбасадори во Македонија, две жени и еден господин, кои имаат силни врски со СДСМ и се поддржувачи на партијата. Постојано и долго блиску до амбасадорите вршат партиски интереси и лобираат УСАИД пари да се усмеруваат само кон проекти за луѓе блиски до СДСМ. Повеќе од дваесет години тие тројца полнат глава на амбасадори дека СДСМ се добрите, ВМРО лошите без оглед на фактите, а праќаат такви фалц извештаи и директно во Вашингтон.

Заев, во паника, ја упропасти кариерата на обвинителката Вилма Русковска како можен иден шеф на СЈО. За да и се вовлекува, демек ние сме на иста страна, јавно кажа дека таа ќе биде избраната. По неговата арогантна наредба дека тој избрал и решил отпорот кај ВМРО е толкав што Русковска, за жал на Заев, отпаѓа.

По новиот закон за ЈО, со нов конкурс за обвинители прашање е кој од досегашните десет обвинители на СЈО воопшто и ќе влезе во тоа одделение за организиран криминал. Ќе има проект за анализа на судиите и обвинителите, особено во контекст на служба за незаконски потреби на СЈО почнувајќи од селекција за избор на истраги, начин на водење на истрагите и можна корупција за пресуди па се до јавување и притисоци врз судии и совети на судии и обвинители. Тоа е врвот на приоритети на новата влада на ВМРО во однос на правосудниот систем. Судените ќе одат пред европските судови, многу незаконски дејствија при судењата се применувани и некој ќе мора да одговара за тоа.

Во април ќе имаме вонредни избори, а од јануари предизборна влада во која МВР ќе го има ВМРО, и со тоа Заев останува без неговите полициски местенки и без најмалку 6-7 пратеници. Арачиново и Грчец паѓаат. ВМРО веќе има комуникација со Алијансата на Села и со Беса, и сите се согласни дека Заев и Ахмети го завршиле своето што за ДУИ значи очај и распад, ќе тргнат во акција за спас во која ќе преземат се што можат за уривање на Заев и препорака за милост кај новата власт.

А потоа следи враќање на нормалниот живот кој веќе сме го виделе: намалување на даноците, зголемување на плати и пензии, градење јавни објекти, стипендии за студенти, редовни субвенции, странски инвеститори... Имало во Македонија некој што знае како да го направи тоа, има и сега.

(22.07.2019)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата