МВР нема обврска да знае каде е Катица Јанева: БИЗНИСМЕНИ ПРИЈАВИЛЕ РЕКЕТ И ВО ПОЛИЦИЈА

21.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
МВР нема обврска да знае каде е Катица Јанева: БИЗНИСМЕНИ ПРИЈАВИЛЕ РЕКЕТ И ВО ПОЛИЦИЈА

Ставот на МВР е дека треба да се бориме радикално против криминалот и корупцијата и дека секој нелегално и бесправно стекнат имот треба да биде запленет и да биде конфискуван, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарското прашање кој е ставот на МВР за запленетиот имот во Охрид по налог на јавното обвинителство.

– Во сите години на независна Македонија имавме многу малку случаи на конфискација на имот. Тоа праќаше една порака до криминалните структури дека и покрај криминалните активности, стекнатиот имот, нема да биде конфискуван. сега начинот на работењето концептуално е сменет и кај МВР и кај Јавното обвинителство. Паралелно со сите постапки и истраги, се води и финансиска истрага и врз основа на наредбите кои ги добиваме од Јавниот обвинител, ние постапуваме и не само конкретно за еден настан или случај, туку за сите ќе се постапува така и понатаму и секој нелегално стекнат имот, мора да биоде вратен на државата, односно на граѓаните, изјави Спасовски, кој денеска присуствуваше на конститутивната седница на Совет за превенција на Прилеп.

На прашањето дали и колку бизнисмени досега во МВР пријавиле случај на изнуда или рекет, Спасовски вели дека има пријави и така треба да се постапува во случаите на изнуда и рекет.

-Имаме случаи на пријавување, не им го знам бројот во мкоментов. За се што е пријавено во МВР, ние сме дејствувале и дејствуваме. Во неколку наврати апелирав, а сега апелирам и посилно, затоа што сметам дека граѓаните сега се охрабрени да пријавуваат, затоа што институциите функционираат неселективно. Секој кој, од кој било аспект има закана, уцена или барање на некаков финансиски надомест, да го пријави случајот, а ние да го сработиме и да ја пратиме пораката до граѓаните дека во Македонија нема и не смее да има заштитени. Без разлика кој е или е близок на одредени политички структури, ќе мора да сноси одговорност. Има пријави, во моментот не ја знам бројката. цела година говорам дека обвинителството и судството мора да застанат на свои нозе и да ги отворат перспективите во борбата против криминалот, а драго ми е што за тоа имаме разбирање. Затоа е битно да се оддели доброто од лошото во институциите, а професионалниот кадар максимално да се заложи да ја преземе улогата на примат, потенцира министерот за внатрешни работи.

Ниту министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ниту пак Министерството со кое раководи, не знаат каде во моментов се наоѓа специјалната обвинителка Катица Јанева, бидејќи, како што изјави денеска во Прилеп, тие немале обврска да го следат движењето на секој граѓанин.

„Безбедносната состојба во Прилеп е мирна и стабилна и нема елементи за нејзино нарушување и граѓаните треба да бидат спокојни“, вели министерот Спасовски, кој присуствуваше на првата, конститутивна седница на општинскиот Совет за превенција.

Според него, двете последователни бомби кои го вознемирија градот, биле случаи на кои Министерството интензивно работи и дека нивното расчистување било пред самиот финиш.

Министерот Спасовски и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, денешното конституирање на Советот за превенција, кој ќе брои петнаесетина луѓе, одбиваат да го поврзат со последните се’ позачестени прозивки на граѓаните кон нив за нарушената безбедносна состојба во градот, а особено не со бомбите. Според нив, формирањето на овој Совет било редовна активност на Министерството.

Исто така, Спасовски, констатираше и значително намалување на криминалитетот, како во Прилеп, така и на ниво на држава. Запрашан за тоа дали до Министерството веќе пристигнуваат пријави од бизнисмени за евенутален рекет кој се вршел врз нив, тој одговори потврдно, но без да прецизира бројка.

Со цел зголемување на безбедноста на граѓаните, министерот Спасовски, до крајот на август најави и повторно враќање на ПС од Прилеп на ниво на Сектор за внатрешни работи.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата