НОВ ПРОБЛЕМ: Во Аеродром не сакаат да примат ЗАВИСНИЦИ ОД ДРОГА

21.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
НОВ ПРОБЛЕМ: Во Аеродром не сакаат да примат ЗАВИСНИЦИ ОД ДРОГА

Зависниците од наркотици не се добредојдени во населба Аеродром. По одлуката на Министерството за здравство, зависниците својата метадонска терапија да ја земаат во општините каде живеат, на протест излегоа жителите од околните згради кои се наоѓаат во близина на поликлиниката Јане Сандански, пренесува А1он.мк.

Тие велат дека решението на министерот Филипче е неприфатливо бидејќи во близина на поликлиниката има училишта и градинки, па стравуваат дека нивните деца може да бидат нападнати.

Овој протест е револт по одлуката на министерот Филипче тука да се лечат зависници од дрога. Мислам дека моите деца можат да бидат нападнати од зависници, бидејќи сум видела како се лечат, а притоа бараат пари. Нека се отворат посебни места каде ќе примаат терапија, на пример во Драчево или Лисиче. Таму нека се лечат, таму каде нема многу население. Три простории можат да се направат за три месеци – вели Оливера Стефановска, жителка на Аеродром.

Ако министерот Филипче не ја повлече одлуката со која зависниците од Аеродром ќе се лекуваат во поликлиниката Јане Сандански, екс-градоначалникот на општината Ивица Коневски најави дека масовноста на протестот ќе се зголемува.

Сметаме дека одлуката е скандалозна бидејќи проблемот на Кисела Вода ќе биде решен, но ќе биде префрлен на други три места. Тоа секојдневие кое го имаа во Кисела Вода ќе се префрли тука. Решението треба да го најде Филипче. Масовноста ќе се зголемува од ден на ден ако одлуката не се промени. Нема расположение ниту зависниците привремено да останат тука – рече поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски.

Незадоволните граѓани велат дека не се против зависниците кои решиле да се лечат од дрога, но не дозволуваат тоа да биде во нивната општина.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата