Енди Ворхол

Кога некој е волшебник, од обичното да создаде возвишено. Да создаде поп арт

4.01.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кога некој е волшебник, од обичното да создаде возвишено. Да создаде поп арт

Постојат луѓе кои или ги сакате, или ги мразите. Нема средина, или незаинтересираност. Енди Ворхол е еден од нив.

Енди Ворхол (Andy Warholе) е еден од оние кои го менувале светот. Успеал, со леснотија која доведува до лудило, до завист... успеал да ја препознае и обликува американската култура на шеесеттите години, и подоцна, да создаде уметност наречена поп-арт од нешта што се секому при рака. Со еден потез, со еден потпис... од обични нешта предизвикувал восхит кај околината. Уметност. Или, барем поп-арт, како што самиот тој тоа го нарекол. Бил култ на своето време, а легенда е денес. Се што создал е веќе познато, следено, анализирано, преработувано, гледано и скапо плаќано.

Тој не создавал само поп-арт, тој создавал стил на живот и начин, привид, процес од замисла, творење, промоција до продавање на своето дело кое се смета за револуција.

Измислувал се. Но, измислувал успешно. Сам си определил лажен датум на своето раѓање, приказна и мит за своите родители, ширел легенди за забави во боемски авангардни апартамни, а во стварноста живеел во скап стан сосема класично уреден. Создал и одржувал гласини за својата сексуалност, никогаш не потврдувајќи ниту демантирајќи ги, по што едни го сметале за хомосексуалец, а други за човек кој неможе без перверзен секс со жени... им давал право и причина за мислењата на сите нив, зависно од потребите на својата промоција, а во суштина одбрал да живее асексулано. Без женски, а и без машки тела во своето интимно време. Некои, неупатено, ценеле дека тој е вулгаризација на уметноста и производ на потрошувачкото општество на Америка во тоа време, а и подоца...

Но, времето покажало дека е сосема спротивно - Енди Ворхол не е производ, тој е индустрија која создава производи, создава поп-арт.

Постојат легенди за неговите забави, и долги интелектуални разговори со пријателите по рестораните. Во стварноста, како и Салвадор Дали, бил циција која порачувала и плаќала само тоа што се мора, и кога е тоа неопходно. Неговите забави и среќавања по рестораните биле плаќани во компензација, со некоја од неговите слики, или другите дела кои ги создавал со леснотија која им припаѓа на најталентираните.

Мишел Нуридсани, неговиот биограф, пишува дека Ворхол брзо го разбрал времето во кое живее повеќе од многумина други, потребите и вредностите кои владеат, и од кои може да се живее создавајќи нешто што е понакво, привлечно, а разбирливо за сите. Споредено, тој е појавата на кока кола меѓу овошните сокови и скапите вина.

Се околу Ворхол е легенда која тој ја создавал свесно, за себе, пишува во биографијата. Неговото царство на Менхетен, Челзи хотелот, Студио 54 и дискотеките, култното ателје Фабрика, гласините за тоа дека е трансвестит, садомазохист, хомосексуалец... сето тоа е негов план. Тој останал католик кој во недела оди во црква, а во меѓувреме си ја врши својата работа, создава поп-арт и легенда за себе.

Енди Ворхол свесно создаваше мит, лик и театар од себе и своето творештво, пишува во неговата биографија „Ворхол". Се беше анализирано, планирано, создавано и потоа промовирано и продавано со план за секој детал.

Тој создаде лик за да биде мит, и тој свој лик го следеше дисциплинирано и посветено. Ликот под албино периката, црната облека и големите наочари е индустрија. Времето во кое се појавува и создава е време кое сосема одговара на неговата визија, и неговиот план. Падот и кризата на класичната култура, нагло ослободениот либерализам и сексуална револуција, збогатувањето на американската средна класа и слободата како одговор на виетнамските војни... е време кое бара нови појави, нови симболи на слободата која се случува на улица, рок музиката која се доживува колективно и бурно, дрогата и сексот кои стануваат јавно добро, а не интимна потреба... е време во кое појавата на нови симболи и производи на културата, едноставни и блиски за разбирање до секој без обврска да биде упатен и образован за тоа... е време за поп-арт. А поп-арт постои од тогаш кога решил Енди Ворхол.

Секој човек има свои 15 минути слава, изјавил Ворхол, и ги придобил сите кои не прифаќале дека уметноста е елитизам - работа на упатените, на избраните. Напротив, тој сметал дека секој ја има привилегијата да ја препознае, и ужива во неа. Дека секој е вреден за нови искуства во светот на убавото, на уметноста. Тоа е понуда на поп-артот која ретко се одбива. Во време кога се се менува, и се бараат нови изрази и гледишта, поп-артот е понуда за тоа ново што се чека. А дури потоа, станува животен стил.

Секој има свои 15 минути слава, е порака од светот на религијата. Секој себеси се доживува за важен и битен, ако не во моментот тогаш кога ќе дојдат неговите 15 минути...

За да ја догради својата религија, Ворхол се приближува кон обичниот човек не само со своето творештво, туку и со создавање на својата биогрфија која за истиот просечен човек, за неговиот поп-арт следбеник е прифатлива. Која ги прави слични.

Внимателно ја пласира приказната за своето сиромашно, но емотивно детство во Пистбург. За контрастите но, и за добрината и надежта која во тој свет опстојува. За својот сон кој го следел од детството, се до планетарниот успех... патем, создавајќи порака дека е како сите други, дека и секој друг може да успее ако ја следи неговата приказна, неговото гледање на светот, и секако - неговиот поп-арт.

Филмовите кои ги создавал никој не ги разбирал, се додека тој лично не им ги разјасни нештата и целите. Филозофијата која ја нудел никогаш не ја објаснил, и не дозволил да има јавна полемика за тоа. Кој разбрал - разбрал... кој не, може само да се збуни, и да ја доведе во прашање приказната која тој ја продавал околу себе. Обичните предмети, фотографиите... на кои им ги додавал своите живи бои и форми се дополнување на реалноста, инсталации, но тоа никако не се творби на оригинална уметничка инспирација. За да ја одбегне полемиката и оценката за своите дела како можна уметност, тој применил нов назив, поп-арт. Не е уметност, но би можела така да се разбере.

Но, кој е патот до таму.

Роден е во 1927 година, во тешкиот мрачен амбиент на сиромашното предградие во индустрискиот Питсбург, во семејство со тројца синови кое го издржувал неговиот татко, чешкиот емигрант Андреј кој работел во фабрика за челик. Сивилото придонесува малиот Ендрју Ворхола да побара интерес во филмовите, стриповите и илузијата на поинаков свет кој е некаде таму, но кој сепак е можен.

На 8 годишна взраст доживува за прв пат нервен слом, и се опоравува изработувајќи кукли и читајќи стрипови. Подоцна, во четиринаесеттата години, почнува да посетува часови во Институтот за технологии во Питсбург. На 22 години заминува во Њујорк, го менува чешкото презиме во американското Ворхол, работи како декоратер по дуќани, изработува реклами и огласи во неколку списанија како Вог, Харперс базар, Њујоркер и Гламур.

Тоа е време - предворје на славните шеесетти, кога се создава нова генерација, ослободена од стегите и траумите на војната, кога се создава богатото американско потрошувачко општество кое преку ноќ станува квалификувано да заработи пари но, неможе преку ноќ да стане учесник во елитните настани и појави врзани со традициите, образованието, културата на престижните европски стандарди на уметноста.

Во таков амбиент, и стремеж кон поинакво, различно, слободно, разбирливо и секому достапно... Ворхол решава да се посвети на креативна трансформација, на претворање на обичните нешта во необични творби. Во 1962 година ја одбира баналната конзерва за супи Кембел, го дополнува нејзиниот дизајн со живи бои и форми, и ја печати во сито техника во многу примероци и варијации на боите и формите. Оваа постапка тој ја нарекува поп-арт. Културата е родена. Нејзиниот автор е Енди Ворхол.

Следната, 1963 година, снима филмови. Тоа е време на целосното ослободување на генерацијата од стегите на религијата, традиционализмот, разочарвање од новите американски војни по Далечниот исток, бесмисленоста и зависноста на потрошувачкото општество од стандардите на богатата елита, моќните политичари и затвореноста на културата за тесен круг на американската средна класа.

Тој снима шокантни и провокативни куси филмови за подземниот, паралелен свет кој е тука, но сите се прават дека не го забележуваат, и го туркаат на маргините на животот: ликови од редот на наркоманите, трансвеститите, бездомниците, хомосексуалците, невротичните, проститутките... филмовите како: Девојките од Челзи, Империјата и пушењето... никогаш не биле масовно прикажувани, туку се гледале во тесни кругови на истомисленици. Но, учеството на необичниот свет во нив, провокативноста и свесно создаваниот мит и мистика за филмовите ги направиле интересни за јавноста.

Филмови за светот кој себе се сметал за поинаков, а својата маргинална положба за последица од машината на американското потрошувачко општество и имепријална богата елита... филмовите и делата на Ворхол биле единствена врата за излез и промоција во јавноста. Тој станал гуру на маргинализираните.

За другата страна на вратата, новата генерација на американската студентска младина, но и за новата генерација на средна класа во создавање делата на Ворхол биле ослободување од стегите на поствоените стандарди, прво артикулирано запознавање со светот на различните за кој знаеле дека е тука, но не биле свесни кој и како го сочинува тој свет.

Се е дозволено, порачувал Ворхол, само треба соодветен начин тоа да се примени, ослободувајќи ги од инфериорноста, и чувството на вина дека се неквалификувани за сложениот свет на уметноста. Тоа не ви треба, тука е поп-артот кој е ваш.

Ворхол станува мит, неговиот поп-арт станува култ, идентификација за многумина. Тој е необичен лик, со бела коса, големи наочари и необична облека... мистик кој создава неуморно, сам и со своите соработници во неговото студио Фабрика.

Токму во тоа студио, во јуни 1968 година, неговата повремена соработничка, сценаристката Валери Соланс ќе пука во него. Испукала три куршуми, од кои едниот му нанел тешки повреди поради што Ворхол до крајот на животот ќе мора да носи корсет. - Тој имаше премногу контрола врз мојот живот, објаснила Соланс потоа, наведувајќи го тоа како мотив за пукањето.

По овој настан, тој го менува животот. Станува повлечен и претпазлив, иако се уште работи и создава. Но, она што не се сменило е неговиот постојан напор свесно да создава слика за себе, и да го следи тој модел. Не се променила ни моќта од обично да создава необично, да влијае врз свеста на луѓето, а не само да ја задоволува нивната потреба за убави предмети, слики и настани кои тој ги нарекува поп-арт, а другите го следаеле.

Умрел во Њујорк, во февруари 1987 година. Заминал во болница на банална операција на жолчката, но умрел од компликации по операцијата, од инфаркт.

Нема потреба да го дешифрирате, анализирате и толкувате Енди Ворхол, зборувал тој за себе. Јас сум она што го гледате на сликите, графиките, во филмовите... ништо повеќе, или помалку од тоа. - Јас сум деловен човек, професионалец. Почнав како комерцијален уметник, и сакам да завршам како професионален уметник.

- Не грижи се за тоа што се зборува и пишува за тебе, само измери го, и процени колку можеш да го продадеш... зборуваше Енди Ворхол, гуру на една генерација, уметник на сите времиња.

(Д.П. Латас)

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата