Средба Бектеши-Дуран: Понуда од УНКТАД да го забрза развојот и продуктивноста на економијата

16.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Средба Бектеши-Дуран: Понуда од УНКТАД да го забрза развојот и продуктивноста на економијата

Северна Македонија доби понуда од УНКТАД да ги искористи можностите од Програмата за наука, технологии и иновации, која што може да им помогне на националните програми и капацитети да придонесат за развој и поголема продуктивност на економијата. Ова беше главната порака на средбата која што ја оствари министерот за економија Крешник Бектеши со заменик генералниот секретар на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој (УНКТАД) Изабел Дуран.

На средбата која се реализираше во рамки на тридневната работна посета на министерот Бектеши во Женева, тој ја информираше претставничката од УНКТАД за реформите кои што државата ги направи во изминатите две години за подобрување на бизнис климата во земјата. Како што потенцираше Бектеши, после стабилзирањето на политичката ситуација во земјата со потпишување на Договорот од Преспа со што се реши деценискиот спор со Грција за промена на уставното име и договорот за добрососедство со Бугарија, на земјата и’ се отвори простор за зголемување на регионалната сопработа, но и патот кон интеграција во Европската Унија и НАТО.

Покрај реформите во енергетиката, прекуграничната соработка, инвестициите во патна и железничка инфраструктура, најголем акцент за поттикнување на растот на економијата, како што нотираше Бектеши, е изготвувањето на Планот за економски раст.

„Минатата година година го изготвивме Планот за економски раст кој што се спроведува со Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Со него се изедначуваат домашните и странските инвеститори, што не беше случај во минатото. Содржи мерки за поттикнување на конкурентноста на компаниите во земјата за да бидат подготвени да влезат во големите пазари и најважниот дел е да се промовираат иновациите, стартапите и акцелаторите. Ова се нашите политики за поттикнување на растот на економијата“, појасни министерот Бектеши.

Според Дурант, Северна Македонија како мала земја има многу можности за развој на економијата, пред се’ преку поддршка на иновативноста на малите и средни компании, кои што можат да го поттикнат растот, но и приливот на странски инветсиции.

„Како земја можете да имате бенефит од иновации, наука и технологија ако тоа го препуштите на академскиот сектор да го развива, но и на компаниите како акцелатори на стартапи за да имате силна база за развој на иновативни компании. Тоа е нешто на кое може како земја да посветите поголемо внимание, бидејќи тоа е поврзано и со привлекување на странски инвеститори“, порача Дурант.

Бектеши и Дурант беа согласни дека позитивниот исход од политичката криза и мирното решавање на споровите со соседите се меѓу главните мотори за забрзан раст на економијата, за што Бектеши порача дека земјата ги направила сите неопходни чекори за конечно оваа есен да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Во рамки на посетата на Обединетите Нации, министерот Бектеши оствари и неформална средба со Кире Илиоски, кој од 1 јули стапи на функцијата директор во Канцеларијата на извршниот сектретар на Обединетите Нации (ОН).

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата