Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, заедно со директорот на големопродажба „АД. Макпетрол“ Зоран Доневски денеска го потпишаа договорот за набавка на гориво за земјоделска механизација. Вкупната вредност на јавната набавка изнесува 200 милиони денари. Директорот на АФПЗРР, Бабовски, истакна дека со денешното потпишување на договорот практично се заокружува целиот процес за оваа мерка при што за кратко време, земјоделците ќе го почувствуваат благодетот од оваа мерка.

Претпријатието кое го доби тендерот, во најкраток рок, но, не подолг од 60 дена до Агенцијата треба да ги достави изработените персонализирани платежни картички преку кои земјоделците ќе може да точат гориво на сите бензински станици на Макпетрол низ државава.

„Безготовинската картичка е намената за набавка на дизел гориво на било која бензинска станица на целата територија на РСМ. Со картичката не може да се подигаат пари или да се купуваат други производи. Картичката заедно со ПИН кодот, упатството за користење на истата и решението за одобрена финансиска поддршка се подигнува во подрачната единица на МЗШВ, каде што е регистрирано земјоделското стопанство. Картичката е лична и може да се користи само од страна на корисникот чии име и презиме и дата на раѓање е испечатено на картичката“, истакна Бабовски.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, истакна дека со оваа мерка ќе се намалат производните трошоци на земјоделците.

„До крајот на месецов, земјоделците ќе имаат можност да користат гориво за својата земјоделска механизација преку Мерката за субвенционирана нафта, која за прв пат ја воведува оваа Влада, со единствена цел –да им го олесниме производството на земјоделците и да им го направиме поекономично. Бидејќи се работи за нова мерка, за почеток државата ќе покрива 30 отсто од трошоците што земјоделците ги имаат за набавка на гориво за механизацијата, со можност овој процент во следните години да расте и до 50 отсто“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Димковски.

Директорот на компанијата Зоран Доневски, истакна дека согласно договорот веднаш ќе почнат со печатење на персонализираните платежни картички.

„Реално очекуваме да се скрати периодот од 60 дена за печатење на картичките и побрзо ќе одговориме со испорака и пристапност на картичките за корисниците. Веќе почнуваме и со подготовка на вработените се со цел квалитетна реализација на оваа мерка“ – истакна Доневски.

Според директорот Бабовски, висината на средствата на платежната картичка зависи од големината на површините и земјоделските култури за кои конкурирале земјоделците за субвенции во 2018 година. И најмалите земјоделци односно и оние кои имаат 0,2 хектари земја нема да останат без субвенционирана нафта. Најнискиот износ кој ќе биде на една картичка е 500 денари а додека највисокиот износ е исто така лимитиран и ќе биде до 100.000 денари. Преку оваа мерка допринесуваме значително да се намалат производствените трошоци, што за земјоделците ќе значи поекономично производство и поголеми приходи. Средствата за оваа Мерка во висина од 200 милиони денари се обезбедени а со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци.

извор: Makfax

1

Најчитани вести