Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев се сретна со неодамна именуваната амбасадорка на САД во Северна Македонија, Н.Е. Кејт Мари Брнз, со која разговораа за досегашната соработка помеѓу двете земји, но и за можностите за соработка во иднина, особено во полето на економијата.
Вицепремиерот Анѓушев се заблагодари за поддршката која САД ја дава во процесот на станување на полноправна членка на НАТО алијансата, како и во процесот на спроведување на реформи во насока на отворање на преговори за членство со Европската Унија.

Тој потенцираше дека соработката помеѓу двете земји е на особено високо ниво. САД е стратешки партнер на нашата земја и така ќе остане и во иднина, подвлече вицепремиерот Анѓушев.

Тој ги презентираше економските политики на Владата, при што истакна дека од наследената економска состојба која беше во негатива, сега економијата е стабилна, а стапката на раст на БДП од 4,1%, која е регистрирана во првиот квартал од 2019 година, е базирана на работата на реалната економија, која што на долг рок ќе обезбеди одржлив економски раст и развој. Воедно информираше дека во 2018 година забележано е рекордно високо ниво на странски директни инвестии од 624,5 милиони евра, со што се потврдуваат добрите економските политики, односно стабилноста и сигурноста, како клучен постулат во креирањето на севкупните политики за сигурност на инвеститорите.

Вицепремиерот подвлече дека основа на развојот на економијата е Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој е транспарентен и еднаков за сите инвеститори, со јасни критериуми, чија цел е да се поттикне модернизација и технолошки развој на стопанството и со тоа да се зајакне конкурентноста на македонските компании на домашните и меѓународните пазари.

Како клучен предизвик, за кој се сложија двата соговорници, е реформата во образованието, за надминување на јазот помеѓу побарувачката и понудата на работната сила, во насока на побрз развој на стопанството. Клучно е да се развие претриемачки дух кај младите лица, како и да се креира образовен систем кој ќе продуцира високо едуциран кадар со вештини и знаења за потребите на стопанстсвото.

Соговорниците се согласија дека поддршката на реалната економија и индустријализацијата, односно новите инвестиции во модернизација и технолошки развој на компаниите, обезбедуваат одржлив и посилен економски раст на долг рок.

Ново именуваната амбасадорка на САД е дипломат од кариера веќе 26 години. Како амбасадор во земјава доаѓа по нејзината функција заменик шеф на мисијата на САД во Атина. Претходно беше постојан претставник на Мисијата на САД на ОБСЕ во Виена.

извор: Makfax

0

Најчитани вести