Корто Малтезе

Малтезе - Создаден од сон и патувања, за потоа да сонуваат оние кои го читаат

20.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Малтезе - Создаден од сон и патувања, за потоа да сонуваат оние кои го читаат

Што е тоа толку привлечно, култно и мангупски во цртаниот јунак Корто Малтезе штом со таква моќ, веќе со децении, на него се лепат цели генерации. И, остануваат залепени од средношколци до урбани градски ликови, од студенти дојдени од провинцијата па се до врвните интелектуалци...

Умберто Еко, ако тоа не е интелектуалец од врвот тогаш не знам кој е, рекол дека "кога сака да се опушти тогаш чита есеј од Енгелс, но кога сака да биде ангажиран, да почувствува во себе акција, ги чита стриповите со Корто Малтезе".

Доволнен е изборот од Умберто Еко за човек да добие желба да го изнесе пред публиката обој лик: за оние кои го знаат, а ги има многу, да ги потсети и каже уште нешто што не им било познато. За оние кои не знаат кој е Корто Малтезе, останува прво еден прекор, а потоа можност да го запознаат почнувајќи одовде, а следниот чекор се неговите стрипови, или поточно - стриповите во кој е тој главен јунак. Да го сретнат лично.

Со оглед на тоа дека овој стрип јунак е роден 1967 година, зад него се цели 50 години владеење во сопствениот простор. Да почнеме од неговиот татко, Хуго Прат.

Корто Малтезе живее во бурни времиња, крајот на деветнаесеттиот и првите три децении од дваесеттиот век. Во зовриениот котел на реални личности, ѕвездите од немите филмови, и драматичните настани од тој период. Гледаме анти-јунак, сушта спротивност ан силните, моќни и обожувани супејунаци од стриповите и филмовите. Гледаме морнар со меко срцем кој не е воодушевен кога ќе ги порази лошите ликови од неговите стрипови, туку со за него типичната лежерност и мир, со тажен поглед ќе се сврти на другата страна и заминува... во нова акција.

Да почнеме од таткото на Корто Малтезе. Еден даровит човек вметна измислен лик, нетипичен за стриповите на седумдесеттите во кои владеат супермени и неверојатно моќни тајни агенти, автор кој својот јунак Корто Малтезе кој ги поврза со реалните личности. Тоа е карактерот и раѓањето на Корто Малтезе. За прв пат тој се појавува во 1967 година, во стрип под наслов Балада за сланото море ( Una Ballata del Mare Salato) а потоа, по нарачка на парискиот магазин Пиф, од 1 април 1970 година се појавува редовно во кратки епизоди. Неговиот татко е стрип-цртачот Хуго Прат.

Италијанскиот цртач Хуго Прат, сликар на акварели, пред Корто имаше и други обиди. Но малтешкиот морнар и капетан на трговската морнарица Корто Малтезе, кој секогаш со носталгија гледа кон хоризонтот, со обетки на ушите, мангупски големи зулуфи, секогаш подготвен за авантура... дефинитивно е ненадминат во просторот на романтичните цртани јунаци.

Хуго Прат создаде херој кој не сака да биде тоа. Лик кој се движи среде реални настани, но не сака во нив да учествува поради идеологија или пари; кому жените не можат да му одолеат, но од кои секогаш ќе го раздели судбината. Апсолутна романтика.

Има и еден нов сценариски елемент кој само уметник како Хуго Прат можел да го креира и смести во своите стрипови: Поврзување на својот јунак со историски настани и личности, кому така дава своевидна историска димензија на сведок на настаните или сопатник на личностите. Корто Малтезе станува стрип енциклопедија низ која ќе уживате, ќе имате забава но, патем ќе запознаете нови детали од историјата и нови моменти од животот на славните историски ликови. И сето тоа лежерно, кул и со многу кретаивен хумор до иронија. Мора да се каже дека оваа историска димензија на Корто Малтезе е ремек дело на Хуго Прат и оригинален начин цртнаиот јунак да добие привид на историска личност.

Авторот Хуго Прат ја наестил оваа оригинална карактеристика во сценариото на стрипот уште додека објавувал кратки епизоди во стрип-магазинот Пиф, и веќе од 1974 година редовно издава целосни комплетни дела и авантури со Корто Малтезе кои - стануваат генијални стрип дела.

Во таа битна 1974 година ќе се појави стрип-книгата Корто Малтезе во Сибир (Corte sconta detta arcana). Авторот Хуго Прат, очигледно опседнат со големите историски настани, ќе го смести Корто Малтезе во руската револуција, првата светска војна, раните фази на италијанскиот фашизам... ќе го има секаде, за конечно да се загуби во акциите во шпанската граѓанска војна, опишано во стрип книгата Пустински шкорпиони.

Хуго Прат е скептичен кон значењето и хуманата вредност за големите историски настани, меѓу кои и набројаните, и смета дека се тоа вртлози во кои тоне обичниот човек втурнат во нив без своја воља и најчесто без сопствен интерес. Таа своја скепса ја всадува и во својот стрип јунак Корто Малтезе и ќе го носи низ аватури во кои тој најголема близина ќе чувствува со необични ликови на кои им помага да се најдат себеси во тие историски вртлози: занаетчии, одбегнати генерали, убијци, пропаднати кралеви, гатачки... но, во стриповите ќе патува и заедно со познатите историски ликови и настаните поврзани со нив како Распутин, чешкипт академик Јеремија Штајнер, Џек Лондон, Ернест Хемингвеј, Сталин, Херман Хесе... па дури и рускиот јунак и дисидент Енвер Паша.

Сепак, најчуден придружен лик е Распутин, алчниот, кој секогаш е во потрага по злато, кој речиси секогаш го следи Корто во авантурите по светот. Може да се смета дека Распутин во некоја рака му е пријател, но пријател кому не смее да му се сврти грбот оти ќе му забие нож во него. Највозбудлива заедничка авантура им е епизодата во Сибир, која беше и основата за филмуваниот Корто Малтезе на режисерот Паскал Морели.

И така, доаѓаме до прашањето: кој е Корто Малтезе?

За ова, иако звуши неверојатно, се напишани стотици есеи и околу 70 научни тези. И Хуго Прат дава прецизни податоци, но сепак тешко е да се дефинира кој е тој. Исто така, иако Корто е измислен лик, постојано се има впечаток дека тој е реален и дека и понатаму постои.

Многумина ќе речат дека самиот стрип за Корто Малтезе и не е класичен стрип. Во суштина, станува збор за книжевно дело, или попрецизно за – цртачка литература. Самиот Прат има кажано дека неговиот цртеж треба да биде писмо, кое е продолжение на испишаниот текст и дека цртежот и сценариото треба да бидат едно. И така Прат го обедини пишаниот збор и расказот со цртежот, сликарството со литературата.

А каков е тој стрип за Корто Малтезе? Едноставно кажано - авантуристички, но само делумно. Има тука многу емоции и романтика собрана во еден кул лежерен однос кон луѓето и историјата. Тоа е еден вид роман, а истовремено визија на светот, сложена и органска, која се развива под разновидноста на ситуациите и настаните, а сето тоа далеку го надминува обичниот стрип. Особено стриповите кои се стереотипи на борбата помеѓу позитивниот главен лик со чудесни способности и лошите кои се силни но, пред него постојано губат.

Најпривлечното кај Корто се сите тие мистерии кои му се случуваат што не можат да се објаснат ако зад стрипот не стои класичен расказ со елементи на писателска уметност. Игрите со полувистини, фикции на реалноста и реалноста на фикциите, потребата за авантура, појавата на легендарни историски личности. И секако, прецизната географија! Корто дефинитивно не е обичен стрип. Филозофски е. Корто Малтезе веројатно е единствениот стрип-јунак за кого читателот има чувство како да станува за реална личност. За човек кој некогаш постоел. А можеби и било така...

Кога веќе Хуго Прат со својот сосема нов пристап кон стрип културата успеал да создаде лик на кој му дава дејствие во реални историски настани и со реални историки ликови, создавајќи уметнички привид да стварното и фиктивното, ред е да ја запознаеме и биографијата на Корто Малтезе. Како и се друго во стрипот, и таа е планирана и прикажана до детал прецизно и логично.

1887Корто Малтезе се раѓа на 10 јули во Ла Валета, Малта. Татко му бил британски морнар (Корто ќе ја задржи неговата националност), а мајка му Циганка, родум од Севилја. Родителите на Корто се среќаваат на Гибралтар, каде мајка му била позната под името "Ла ниња де Гибралтар".

1887-1903Корто Малтезе го минува детството во Гибралтар, а потем во Кордоба каде живее во еврејски кварт. Потоа, мајка му го испраќа во хебрејско училиште во Ла Валета, со која управува рабинот Толедано (кој бил љубовник на мајката на Корто во Кордоба). Корто Малтезе првпат престојува во Кина за време на Боксерското востание во 1900 година. Во 1904. на почетокот на годината Корто во Ла Валета се качува како морнар на бродот "Венита Дората" и го почнува својот живот на постојано патување, авантури полни со мистерија и симболика. Запира во Египет и ги посетува пирамидите во Гиза. Таму од извесен рабин добива мапа со положбата на рудниците на царот Соломон.

1904-1905. Кон крајот на 1904 година Корто стасува во Манџурија каде во тек е руско-јапонската војна. Го посетува семејството Сонг кое има важна улога во историјата на Кина. Се спријателува со воениот дописник Џек Лондон и првпат го среќава Распутин, младиот дезертер од сибирскиот пешадиски полк. Корто и Распутин стасуваат во Тјенчин, каде се качуваат на брод за Африка затоа што Корто се надева дека ќе ги најде рудниците на злато во Данкалија. Во овој период може да се види во стрип книгата "Младоста на Корто Малтезе".

1905-1906. На бродот се случува бунт и Корто и Распутин стасуваат во Аргентина во 1905. Во Колила во Патагонија воспоставуваа врска со луѓето вон законот кои побегнале од САД - Буч Кесиди, Санденс Кид и Ета Плејс.

1906-1907. Корто патува по светот. Во 1907 година во Италија, во Анкона, го сретнува младиот руски револуционер Џугашвили, идниот Сталин, кој работи како ноќен чувар во некој хотел. Следната година се враќа во Аргентина; во хотелот "Драуинг Мод" се наоѓа со Џек Лондон и го запознава идниот американски драматург Јуџин О Нил. Пред крајот на 1908 година ја напушта Аргентина во која ќе се врати дури 15 години подоцна.

1908-1913. Тоа се години на бескрајни патувања. Корто во Марсеј е во 1909 година, во Тунис во 1911. Истата година се качува на едреник за Буенос Аирес, но го напушта во Салвадор де Баија. Тука поминува извесно време на плажата Итапоа. Во истиот овој период престојува на Антилите, во Њу Орлеанс (тука го среќава големиот вуду мајстор), во Индија и на крајот во Кина. Во 1909 година преку ирскиот социјалист Џејмс О Коноли го запознава писателот Џејмс Џојс. Во 1910 година Корто е втор офицер на бродот "Бостонијан". Капетанот на овој брод го обвинува младиот студент Џон Рид, кој е примен како почетник, дека намерно ја предизвикал смртта на друг млад помошник, Пирс, кој исчезнал. Меѓутоа Корто го наоѓа Пирс и го води во Манчестер каде што Рид е обвинет и му се суди. Успева да го спаси и стануваат пријатели. Меѓутоа, капетанот не може да му прости и принуден е да стане пират и да се занимава со шверц меѓу Антилите и Бразил.

1913. Корто Малтезе заминува во Индонезија и во Јужниот Пацифик. Откако станува пират почнува да работи за таинствена личност, наречена Монах (Томас Хровеснор). На 31 октомври посадата на Корто крева бунт и го остава во водите на Соломонските Острови. Утредента го наоѓа Распутин. Тоа воедно е почетокот на "Баладата за соленото море".

1914. Корто и Распутин се на Пацификот: Нова Гвинеја, архипелагот Бизмарк, островот Ескондида (ако сакате да го најдете на светската мапа: 169 степени западна географска должина и 19 степени јужна географска ширина, сосема близу до островот Ниуа).

1915. Корто и Распутин ја напуштаат Ескондида на 19 јануари и одат кон островот Пиктерн и тоа е крајот на "Баладата за соленото море". По што ги посетуваат Велигденските Острови, островите Сала и Гомес, Чиле, Перу, Еквадор и на крајот стасуваат во Панама, во август 1915.

1916. Во Панама Корто и Распутин се раздвојуваат. Корто често е во друштво со професорот Џеремаја Штајнер од Универзитетот во Прага и младиот Тристан Бантам. Корто во Јужна Америка 1916-1917 доживува многу авантури кои се собрани во албумите "Во знакот на јарец" и "Корто секогаш е малку подалеку". Во 1916 оди и во Холандска Гвајана (денес Суринам), па во Француска Гвајана и Бразил каде првпат ја среќава вештерката Златоуста, а во епизодата "Бразилски орел" оди и на устието на Амазон.

1917. Ова е година најзгусната со авантури за Корто. Има вкупно 11: од нив 7 во Латинска Америка и 4 во Европа. Притоа: повторно го среќава Распутин, се појавуваат Венексијана Стивенсон и Есмералда, оди на делтата на Ориноко и на Барбадос, па во Перу и во амазонските шуми, преку "Ангелот на источниот прозорец" го гледаме во Венеција, па го среќава Ернест Хемингвеј, после што оди во Улцињ, во Црна Гора и во Даблин за време на борбата за независност, а 21 декември - зимскиот солстициум - го минува, се разбира, во Стоунхенџ.

1918. Корто, пролетта, присуствува на крајот на познатиот Црвен Барон – германскиот авијатичар Манфред фон Рихтхофен. Потоа оди во Јемен. "Во името на милостивиот Алах" се случува како прва епизода од албумот "Етиопејци". Кон крајот на годината и крајот на војната тој заминува во Хонг Конг каде пак го среќава Распутин и така почнува епизодата "Корто Малтезе во Сибир".

1919Корто оди во Шангај, Манџурија, Монголија и Сибир.

1920. И понатаму престојува во истата област. Ранет е за време на уништувањето на возот на генералот Чанг. Сепак стасува до Хонг Конг, па потоа во Сибир.

1921. Корто повторно е во Венеција. Следува "Приказна за Венеција". Есента заминува на Родос каде во декември започнува приказната "Златната куќа на Самарканд".

1921-1922Корто речиси една година трага по богатството на Александар Македонски. Од Родос прво оди во Турција, па во Азарбејџан (му телефонира на својот стар познајник Џугашвили, кој станува Сталин и народен комесар), стасува до Каспиското Море, па во емиратот Бухара каде му се придружува на Распутин кој само што излегува од затворот Златната куќа на Самарканд. Тие двајцата се сведоци на смртта на турскиот генерал Енвер Паша. Потоа одат во Авганистан. Корто има намера да оди во Венеција за да го довери девојчето од ерменската заедница кое претходно го спасува. Тука се појавува и двојникот на Корто, Шефкет.

1923. Повторно се враќа во Аргентина. Тоа е стрип-албумот "Танго". 1924. Корто оди во Швајцарија. Тука тој со професор Штајнер заминува во посета на писателот Херман Хесе, па оди во Цирих со сликарката Тамара де Лемпицка. 1924-1925. Во Шпанија Корто и Распутин добиваат покана од пријалето од Венецуела заедно да одат да ја бараат Атландида по Карибите. Така почнува епизодата "Му".

1926-1927. Речиси не се знае ништо, освен дека бил кратко време во Хараре.

1936. Почнува шпанската граѓанска војна и Корто се придружува на интернационалните бригади. Тука сите, вклучувајќи го и Прат, ја губат трагата на Корто. Тој изгледа исчезнува во Шпанската војна. Прат ќе каже: - "Корто Малтезе ќе отиде, оти на светот во кој се е електроника, во кој се е пресметано и механизирано, нема место за тип каков што е тој. Корто не прифаќа ваков свет и живот. Корто сака да заминува, ќе посака да си оди и треба да го пуштиме да го стои тоа, оти тој е пријател, и ако не сака да остане со нас тоа е затоа што сигурно има некоја добра причина за тоа."

Некои зборот "исчезнал" го толкуваат како "умрел". Но обидете се тоа да му го кажете на некој сериозен поклоник на Корто Малтезе! Оние кои се сметаат за такви велат дека "важи" писмото од Пандора од "Баладата за соленото море" од кое се разбира дека Корто и Тарао, остарени, отишле да живеат кај Пандора и дека нејзините деца ги сметаат за вујковци. И така.

Во суштина, карактерот, интересите и гледањето на нештата нацртани и напишани во ликот и дејствијата на Корто Малтезе се автобиографски, и се рефлексија на самиот живот на неговиот автор Хуго Прат: опседнат со историја, левичарска политика, мистицизам и скепса. Биографијата на а Хуго Прат сама ве носи до тој заклучок.

Хуго Прат е син на Роланд Прат и Евелина Џенеро, се родил на 15 јуни 1927 година, во Италија, во едно мало место во близина на Римини. Татко му бил со британско потекло. Бил следбеник на Мусолини (за негов опозит, Хуго Прат е страсен левичар), неговиот татко бил војник кому главната споредна тема во животот му било проучување на тајните друштва и масонските ложи.

Спротивно од татко му, мајка му Евелина била обземена од езотеризам, кабала и картомантија. Првите неколку години од своето детство Хуго Прат ги минува во Венеција. На седум години, откако прележал сончаница, го сместуваат во болница за ментално заостанати деца, меѓутоа по 6 месеци, ненадејно станува нормален и го продолжува детството како ништо да не се случило. Бил член на група мангупи од плоштадот Санта Мариа Формоза, Како дете почнуваат да го интересираат книгите, па првите дела што ќе ги прочита, а кои ќе остават голем впечаток на него се: адаптираните приказни на Хомер, Келтски приказни, американски авантуристички романи, а првиот стрип со кој дошол во контакт бил Тим Тејлор на Американецот Лејмен Јанг.

Во 1936 година татко му добива работа во Етиопија, тогашна италијанска колонија, а една година подоцна, му се придружуваат жената и синот. Самиот престој во Етиопија било големо искуство за младиот Прат. Татко му на сила го вклучува во колонијалната полиција, така што малиот Хуго, со своите 14 години, станува најмладиот војник на Мусолини. Во 1941 година сојузничките трупи ја ослободуваат Етиопија, а Хуго присуствува на влегувањето на трупите на царот Хаиле Селасие и полковникот Орд Вингејт во Адис Абеба. По поминувањето на одредено време во логор, Хуго и мајка му се враќаат во Италија, а татко му умира од инфекција како заробеник на француските сили. Во Етиопија се спријателил со многу локални Абисинци, го научил амхарскиот јазик и ги доживеал своите први авантури со жени. Се среќава со делата на американскиот стрип цртач Милтон Кениф по кои ја добива желбата да почне да се занимава со стрип.

Дали го препознавате Корто Малтезе ви биографијата на Хуго Прат... се е тука од она што Корто Малтезе го прави таков каков што е: политиката, мистиката и патувањето на неговиот татко со британско потекло, како и Корто Малтезе впрочем. Езотеријата и фатализмот на неговата мајка, егзотичните земји како Етиопија и неговите херои од политичката левица како Џек Лондон, Џон Рид, Ернест Хемингвеј и се до последното патување, на страна на Републиканците во Шпанската војна.

Омилената книга на Корто Малтезе е Утопија, од Томас Мор која ја чита но, никако да ја дочита.

Како да се заклучи оваа приказна за едниствениот и неповторлив стрип јунак, митот и легендата на субкултурата и сонот на урбаниот свет кому Корто Малтезе со децении му е врата кон духовниот свет, езотеријата, историјата и митовите? Најдобро е да се цитира авторот Хуго Прат кој, малку пред да почине во 1995 година, дал изјава како се гледа себеси за својот биограф Домниик Птифо:

- " Ако на приказната за мојот живот веќе треба да се пристапи од аголот на езотеријата, тогаш би можел да започнем со забележување дека сум роден во знакот на Близнаци ... Песоа тврдеше дека имаме два живота: оној што го сметаме за реален, и еден друг од нашите соништа како би сакале да живееме, и кој можеби и поприсутен во нас. Како и португалскиот поет, како Калдерон, мислам дека вистинскиот живот е сон ... " вели авторот Хуго Прат.

Па, најкусо речено, Корто Малтезе е производ на сон, и автор на многу понатамошни соништа на оние кои го читале и биле негови пријатели и сопатаници.

(Д.П. Латас)

 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата