Усеини се закани: Оставете ме намира, да не бидам безобразен. Расправајте се со други дивоградби

12.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Усеини се закани: Оставете ме намира, да не бидам безобразен. Расправајте се со други дивоградби

„Ве молам оставете ме на мира, да не бидам безобразен. Расправајте се со други дивоградби“.

Ова е коментарот на советникот од Општина Охрид Нефи Усеини на прашањето на ТВ 24 зошто со свечена церемонија синоќа ја отвори пицеријата, која е дивоградба лоцирана кај Чинарот во Охрид, за која има и решение за рушење? И зошто како советник не ги почитува ниту решенијата на инспекторите, ниту законите?

Црвената лента на церемонијата ја пресече неговиот партиски другар од ДУИ градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко. Мерко денес ни спушти слушалка и не одговори зошто како градоначалник сечел лента на објект дивоградба. На отварање присуствуваа и повеќе јавни личности од политичкиот живот во земјава. По сечењето на лентата од Мерко, забавата продолжи со десетминутен громогласен огномет. Денес молк и од градоначалникот на Охрид, Георгиевски. Тој не одговори ниту на нашите повици, ниту на пораките зошто дозволи да се отвори објектот на неговиот советник, за кој во повеќе наврати најави дека ќе се руши. Георгиевски само пред неколку дена во емисијата на ТВ 24 Тренд Анализа беше категоричен дека објектот ќе се третира како и сите дивоградби, односно ќе се отстрани, објави телевизијата.

На 25 март Општина Охрид му даде рок од десет дена на Усеини сам да ги урне металната конструкција и платформата на која е поставена таа оти нема одобрение за нивно поставување, ниту одобрение за градење на деловите од цврста градба во заштитеното јадро на Охрид.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата