Откако Заев го нарече актуелниот претседател КЛОВН - какви ќе бидат односите меѓу Македонија и Украина? (ВИДЕО)

10.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Откако Заев го нарече актуелниот претседател КЛОВН - какви ќе бидат односите меѓу Македонија и Украина? (ВИДЕО)

„Република“ денеска разговараше со комичарот Алексеј Столјаров – Лексус, кој се преправал дека е украинскиот претседател Петро Порошенко во разговорите со Зоран Заев. Тој открива дека до македонскиот премиер стигнале преку неговиот протокол. После тоа комуникацијата се одвивала многу лесно, самиот заев го дал својот телефонски број. Никој од протоклот не проверил дали навистина се јавува претседателот Порошенко, а Заев пак, во ниту еден момент не се посомневал дека се работи за лажен Порошенко. Тој му пишувал на „Порошенко“, му праќал пораки, инсистирал на комуникација. Рускиот комичар вели дека ќе биде интересно да се види како ќе се одвиваат односите помеѓу Македонија и Украина, откако Заев актуелниот претседател Зеленски го нарече кловн. Како што вели напиот соговорник, Заев и самиот користел валкани трикови поради што треба да биде подготвен на било која провокација. Нагласува дека во разговор со нив Заев зборува и за корупција.

Сте имале повеќе вакви разговори со светски политичари. Дали досега ви се случило некој политичар да зборува дури три пати со вас, да разговарате цел еден час?

Лексус: Ова ни е првпат да ни се случи една од нашите „жртви“ како што ги викаме, да не сфати кои сме. Затоа ова беше одлично искуство за нас, разговорите со Заев. Исто така, ни беше чудно што Заев беше особено пријателски настроен кон нас, кажа многу повеќе од тоа што го прашавме и беше апсолутно отворен кон нас. Навистина е личност која многу зборува, ние не му ни баравме да ни даде толку многу информации. Очекувавме дека ќе имаме само еден разговор со него, и само го прашавме што мисли за Русија и за референдумот, за мешањето во внатрешните работи, но бевме изненадени кога почна да ни зборува, да ни кажува работи и да не прашува за помош, да му помогнеме. Не бевме подготвени на тоа. Не го гледавме како човек кој би ни бил користен, ние сме приватни лица, но за нас е ова добра приказна. Извлековме се што мислевме дека ќе извлечеме од него. Добро се забавуваме, а добивме и некои интересни податоци. Интересно ни беше кога рече дека актуелниот претседател на Украина не треба да биде претседател, дека е кловн. Ќе биде интересно да видиме како ќе се развиваат во иднина односите меѓу „Северна Македонија“ со овој премиер и актуелниот претседател на Украина Зеленски.

Зошто ја прекинавте оваа комуникација со Заев? Македонија наскоро треба да стане членка на НАТО, замислете какви чувствителни податоци ќе можевте да извлечете од него потоа, директно од состаноците на НАТО.

Лексус: Не гледавме во него долгорочен извор на информации. Ние не сме разузнавачка агенција. Ги добивме информациите што ги добивме. Очекувавме дека ќе имаме само еден разговор со него, но тој почна самиот да комуницира со нас, ни праќаше доста пораки. Дури и годинава, ние веќе подзаборавивме на него, но тој продолжи да ни праќа пораки, а најави и други информации.

Заев ве обвини дека сте го монтирале делот од разговорот каде што зборувате за давање мито од 100.000 евра на патријархот Вартоломеј. Дали е тоа точно?

Лексус: Ако не се согласува со нас, најдобро за него би било да ја изнесе неговата верзија од разговорот. Ние не ги извадивме неговите коментари од контекст. Ние добро знаеме дека ако правиме така, тоа ќе биде проблем за нас, за нашиот углед. Ние не го обработивме тој дел од разговорот. Да го прашаме, дали може да даде свој запис од разговорот?

Се гледа дека бевте добро подготвени за разговорот со Заев и сигурно знаете дека тој самиот користеше снимки, од вистински разузнавачки агенции, за да дојде на власт, снимки врз основа на кои сега се водат кривични процеси, а луѓе се во затвор. Сега тој ве обвинува вас дека сте имале задни политички мотиви со тоа што сте го снимале него.

Лексус: Tој користеше вакви тактики. И ние ги користиме, но ние не го прислушкувавме кога зборува со други водачи. Ние само го објавивме нашиот разговор со него, не користевме никаква посебна машинерија, го објавивме само нашиот разговор со него. Тој се прави дека е паметен политичар, и би требало да биде подготвен на било која провокација. Заев и самиот користел валкани трикови, во нашиот разговор се зборува за корупција, за разни други работи. Тоа ви кажува дека тој не е баш чист. Тоа не беше нашата цел, но Заев си го покажа лицето. Не би сакал да кажам дали тој е во право или не, но се покажа кој е. Не се покажа во многу добро светло, барем според мене, можеби неговите гласачи ќе мислат поинаку.

Снимката го отвори прашањето за безбедноста на комуникациите. Како дојдовте во контакт со Заев?

Лексус: Знаете дека имаме многу искуство со ваквите разговори со други светски водачи, со г-динот Ердоган, Борис Џонсон, американски политичари и многу други. Значи имаме искуство. Во овој случај, со Зоран, го користевме неговиот протокол. Тие ни овозможија да се слушнеме директно со него, а потоа тој ни го даде неговиот број, и во текот на годинава ни испраќаше пораки и бевме во контакт. Не е многу тешко, слушнав од многу мои пријатели дека и тие го имаат неговиот број, бројот му е добро познат низ Балканот.

Извор: Република

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата