Центар за граѓански комуникации:Просечната старост на амбулантните возила е 11 години

3.07.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Центар за граѓански комуникации:Просечната старост на амбулантните возила е 11 години

Сите здравствени институции во земјава заедно имаат 183 амбулантни возила, во кои влегуваат возилата за прва помош и санитетските возила. Вакви возила имаат 47 здравствени институции.
Просечната старост на амбулантните возила е 11 години, односно тие се просечно произведени во 2008 година. 13% од возилата се произведени во минатиот век, односно пред 2000 година.

Најстари се две возила произведени во 1988 година, што се користат во Струга и во Отешево. Едно возило, на Здравствениот дом од Кичево, има поминато дури 1 милион и 360.000 километри.

Просечна вредност на едно возило изнесува 38.900 евра (институциите доставиле податоци за вредноста на 139 од вкупно 183 возила).Најмногу амбулантни возила има во Скопје, 30 и во Охрид и Битола по 12. Во Велес и Куманово има по 8, а во Делчево, Кичево, Струга, Тетово и Прилеп по 7 возила. Ова го покажува најновата база на податоци изработена од Центарот за граѓански комуникации која се однесува на амбулантните возила во земјава (санитетски и возила за прва помош).

Двете најскапи возила од 153.460 евра и 137.260 евра ги поседува Клиниката за детски болести од Скопје, додека третото од 103.360 евра е на Клиничката болница Битола.

Најмногу од возилата, односно 30% институциите ги добиле како донација од Министерството за здравство. Со сопствени средства купиле само 23%, додека 12% од возилата ги добиле како домашна донација (од други институции или лица), а 11% како странска донација. За 23% од возилата нема податок за основата за стекнување.

Oва е трета база од ваков вид што ја изработува Центарот за граѓански комуникации, по Базата на службените патнички возила на министерствата и општините и Базата на противпожарните возила. Споредбата покажува дека најмногу има службени возила, додека најмалку амбулантни возила.Базата на податоци на сите амбулантни и санитетски возила е изработена врз основа на податоци обезбедени од здравствените институции во земјава: здравствени домови, клиники и клинички болници, општи и специјални болници, заводи, институти, здравствени станици и центри за јавно здравје, врз основа на доставено барање за информации од јавен карактер во јануари 2019 година. Оттука, за точноста на податоците одговорноста ја имаат овие институции како иматели на овие информации. Сите 90 здравствени институции одговорија на испратените барања. Од нив, 47 одговорија дека имаат вакви возила, додека останатите 43 институции дека не располагаат со амбулантни возила. Во базата се вклучени и 12-те амбулантни возила набавени од Министерството за здравство, а распределени на користење за потребите на здравствените институции од целата земја.

Податоците од оваа база, како и од сите претходни, Центарот за граѓански комуникации ја става на располагање во отворен формат за да послужи како основа за натамошно користење и истражување од страна на новинарите, граѓанските организации, науката и сите други заинтересирани страни. Во крајна линија, целта е сите заедно да придонесеме за подобрување на квалитетот и условите за живот во земјава.

извор: Makfax

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата