Несекојдневен случај на измама е регистриран во Скопје – двајца млади жители на главниот град објавиле оглас за продажба на стан за кој лажно тврделе дека е во сопственост на фирмата на еден од нив, со што успеале да „извлечат“ капар од 5.000 евра од кавадарчанец, соопшти полицијата.
„Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ф.С.(33) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама” по член 247 и против Ф.Ј.(31) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама” по член 247 во врска со член 24 од Кривичниот законик“, велат од МВР.
„Пријавените во текот на ноември 2022 година објавиле оглас на еден од порталите регистрирани за огласување дека наводно продаваат стан и презеле фотографии од друг огласен стан за продажба. На тој начин тие го довеле во заблуда оштетеното лице од Кавадарци дека огласениот стан за продажба е сопственост на правното лице на кое што застапник бил второпријавениот. Тие, исто така, на оштетениот, преку апликацијата Вибер му покажале слики од станот и го навеле да им уплати 5.000 евра капар за купопродажба на станот на сметка на правното лице на второпријавениот. Потоа, тие и понатаму го држеле во заблуда оштетениот со најразлични изговори околу купопродажбата на станот, а откако увидел дека од купопродажбата на огласениот стан нема ништо, односно дека е измамен, тој го пријавил случајот во полиција“, се вели во соопштението.