Аеродромот во Минхен, вториот по големина во Германија, денеска објави дека ги откажува сите летови поради штрајкот на персоналот во петок, кога започнува Минхенската безбедносна конференција.
„Поради штрајкот (…) сите редовни патнички линии се откажани од петок во 00:00 до сабота во 1:00 часот по полноќ“, се вели во соопштението за печатот од аеродромскиот оператор, додавајќи дека повеќе од 700 дојдовни и појдовни летови се откажани.
Закажани се само специјални летови
Планирани се само некои „специјални“ летови, како што се „хуманитарни, медицински и технички“ летови и летови за учесниците на Минхенската безбедносна конференција, дипломатски собир на кој присуствуваат меѓународни лидери од петок до недела.
Вработените во седум германски аеродроми, меѓу кои и најголемиот, се повикани на штрајк од синдикатот Верди, додека продолжуваат тешките преговори за плата.
Парализа на сообраќајот се очекува во Франкфурт, Хамбург, Штутгарт
Аеродромот во Франкфурт, најголемиот во земјата, предупреди дека сообраќајот ќе биде „значително нарушен“ и препорача патниците „да не доаѓаат на аеродромот“.
Аеродромите во Франкфурт, Минхен, Хамбург, Штутгарт, Дортмунд, Хановер и Бремен се очекува да бидат парализирани поради затворањето, при што патниците се предупредени на чести откажувања и одложувања.
Испораката на хуманитарна помош за жртвите од земјотресот во Турција и Сирија ќе биде ослободена од штрајкот, најавија организаторите. Сообраќајот на аеродромите во Минхен и Франкфурт во средата беше значително во прекин поради дефект на ИТ системот на германската авиокомпанија Луфтханза.